Мицкоски не го советувал Груевски бесплатно

Христијан Мицкоски на ТВ дуелот на МРТ (23.05.2018) Фото: веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ

Оваа изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во која тој тврди дека како советник на експремиерот Никола Груевски не добивал хонорар, туку работел про-боно, се покажа невистинита

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на ТВ дуелот на МРТ со премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев (23.05.2018),  меѓу другото, го искажа и следното тврдење:

Јас како советник на Груевски работев пробоно, односно без надомест. Бев советник околу година и пол. Ви оставив неколку проекти во енергетиката, кои вие ги поништивте. А, сега на нивна основа правите нови.

[Извор: Грид.мк,  датум: 23.05.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во која тој тврди дека како советник на експремиерот Никола Груевски  не добивал хонорар, туку работел про-боно, се покажа невистинита.

Телевизијата „Телма“ вчера (05.06.2018 г.) објави документи според кои на Мицкоски му биле исплатени (нето) 1,2 милиони денари (околу 20.000 евра), за неговиот ангажман како советник за енергетика во кабинетите на поранешните премиери Никола Груевски и Емил Димитриев.

Според документите, Мицкоски бил ангажиран во периодот од април 2015 година до октомври 2016 година. Во овој период, освен за два месеца, му биле исплатувани по 68.363 денари (околу 1.100 евра) месечно.

Мицкоски во изјава за „Телма“ потврди дека за дел од периодот ангажиран како советник на премиерите Груевски и Димитриев му бил исплаќан надомест, а дел бил про боно.

Податоци за исплата на хонорар за Мицкоски од 15.04.2015 до 07.10.2016 година Фото: Принтскрин
Податоци за исплата на хонорар за Мицкоски од 15.04.2015 до 07.10.2016 година. Фото: Принтскрин

Од ВМРО-ДПМНЕ ги објавија двата договори кои Мицкоски ги склучил со Владата и оттаму велат дека „ова е обид на власта преку излитени и невистинити тези и тешки лаги и преку злоупотреба на информациите да се сокрие осиромашувањето на граѓаните и колективната кражба што ја прави на државата“.

СДСМ и Евро Заев од институцијата Влада на Република Македонија прават свој партиски штаб и вршат свесна манипулација.

Вистината е дека не се констатира ништо поинаку и поразлично од тоа што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, претходно го соопшти на јавноста и во ТВ дуелот, и од тоа што самата влада го објави претходно, јавно на својата веб страница, а од каде може да се види дека има два договори од кои првиот неколку месечен кој се извршува за надомест со коефициент 1.8 и вториот кој се извршува про-боно односно ангажманот е бесплатен, нешто што беше и коментирано од самиот Мицкоски во ТВ дуелот, а владата свесно претходно лажеше дека се работело за договор без информации за сумата, подмолно имплицирајќи дека се работи за некаков вртоглав износ, нешто што воопшто не е така.

Двата советнички договори на Мицкоски Фото: Принтскрин
Двата советнички договори на Мицкоски Фото: Принтскрин

Од владејачката  СДСМ реагираа дека документите покажуваат , но и дека дека самиот Мицкоски во телефонска изјава признава дека земал пари додека бил советник на експремиерот Груевски.

Ова негово лично признание, потврдува дека Христијан Мицкоски ги излажа граѓаните. Јавно објавените документи покажуваат дека Мицкоски, додека му бил советник на Груевски, земал пари од Буџетот и тоа ги чинело граѓаните околу 2 милиони денари.

Па, имајќи ја предвид фактичката ситуација и самото признание на Мицкоски, неговата изјава во дуелот со премиерот Заев во која тврди дека го советувал Грувски без надомест,  ја оценуваме како невистинита.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција