Новото ОУ „Вера Јоциќ“ ќе ги отвори вратите за учениците во второто полугодие

Фото: Вистиномер

 

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на ОУ „Вера Јоциќ“ и спортска сала во населба Хиподром. Целна група: Учениците од 1-9 одделение, спортските клубови, спортските рекреативци. Рок: 2018 година

[Извор:Изборна програма на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски за локалните избори (стр.16), датум: октомври 2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на ново ОУ „Вера Јоциќ“ и спортска сала во населба Хиподром е делумно исполнето ветување на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски. Ветувањето е дел од неговата предизборна програма за локалните избори кои се одржаа на 15 октомври 2017година, насловена како: „Живот во Гази Баба! За сите!“ (стр.16).

Актуелниот градоначалник на Гази Баба,  Георгиевски, на 26 ноември 2017 година, месец дена по неговиот избор за градоначалник, во интервју за Вечер најави дека училиштето целосно ќе биде изградено во 2018 година и дека во септември 2018 година ќе ги пречека учениците.

Ќе продолжиме со изградба на училиштето „Вера Јоциќ” во Хиподром и очекувам веќе од следната година целосно да заврши неговата изградба и во септември веќе да ги пречека учениците.

Меѓутоа, новото училиште во септември не ги пречека учениците од „Вера Јоциќ“. Тие продолжија да ја следат наставата во руинираниот објект на старото училиште.

Од она што може да се види на терен, новата зграда на училиштето однадвор е готова, но спортската сала сè уште не е почната да се гради.

Фото: Вистиномер

Градоначалникот Георгиевски, во изјава за „Вистиномер“, потврди дека зградата на училиштето е готова и дека во моментот се поврзува водоводната мрежа, а од понеделник (17.12) ќе почне да се поврзува и топлификационата мрежа.

До крајот на годината ќе завршиме со ситните работи кои фалат и веќе од второто полугодие ќе почне преселбата во новото училиште, односно учениците ќе посетуваат настава во новата зграда – изјави Георгиевски за „Вистиномер“.

Во однос на спортската сала, Георгиевски вели дека се подготвени документите, дека е обезбедена дозвола за нејзината изградба и најавува  дека по празниците ќе почне и изградбата на салата.

Ветувањето во програмата на Георгиевски е дека до крајот на 2018 година ќе заврши изградбата на новото училиште и на спортската сала. Во моментот кога е пишуван овој текст (14.12.2018), новата училишна зграда е готова, но има уште некои работи кои треба да се завршат, а спортската сала сè уште не е почната да се гради. Според тоа,  може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Гази Баба, за изградба на ОУ „Вера Јоциќ“ и спортска сала во населба Хиподром, е делумно исполнето.

 

*****Забелшка

Да потсетиме дека изградбата на училиштето „Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром почна за време на мандатот на претходникот на Георгиевски, Тони Трајковски. Како што во мај 2017 година најавија тогашниот министер за образование и премиер, Спиро Ристовски и Никола Груевски, за новото училиште со целосно нова опрема било предвидено да се вложат 54 милиони денари или 900 илјади евра, обезбедени од Министерството за образование и наука.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција