Зголемена е социјалната парична помош
СДСМ во предизборниот период го даде следново ветување кое го оценуваме како исполнето:
Во Законот за социјална заштита ќе воведеме Програма за минимален адекватен приход, преку којашто лицата кои живеат во сиромаштија ќе добијат паричен надомест како надополнување на нивниот приход до линијата на сиромаштија во државата, со цел да бидат извлечени од состојба на сиромаштија. Секое четиричлено семејство, кое живее во сиромаштија и не остварува никаков друг приход, ќе добие 12.000 денари месечно. Семејствата со приход под 12.000 денари, ќе ја добиваат разликата од оваа програма. (На пример, ако во семејството влегува приход од 4.000 денари, државата ќе помогне со уште 8.000 денари плус). Програмата ќе се одвива во две фази започнувајќи од 2018 година.
[Извор: СДСМ-План за живот во Македонија, стр. 215 – датум 2016 г.]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за првпат е ставено во изборната програма на стр.52 како дел од Програмата за намалување на сиромаштијата во земјата, а потоа истото е повторено на стр.215 како една од мерките во социјалната политика. Ова ветување веќе е целосно реализирано бидејќи комплетно нова реформа на социјалната заштита е обезбедена со нов Закон усвоен пред помалку од еден месец, а сега, со неговата примена од пред неколку дена е направена и првата имплементација на реформата во практика, со исплата на зголемената социјална помош на корисниците за првиот месец.
„Вистиномер“ се осврна на ова ветување во текот на 2018 година со оценка дека е во тек на реализација, бидејќи реформата беше осмислена и новиот Закон беше претставен во јавноста, само се чекаше негова финализација во процедурите во Собранието.
Откако завршија сите процедури, Законот беше изгласан на 21.05.2019, а претседателот на РСМ Стево Пендаровски на крајот од мај (2019) ги потпиша указите за три закони од оваа сфера, меѓу кои и Законот за социјална заштита .
Пред неколку дена започна исплатата на околу 26 илјади корисници на социјална помош, практична реализација на ветеното од предизборната програма, за што информираше надлежната министерка, Мила Царовска, а пренесоа и повеќето медиуми.
Поради погоре наведените аргументи може да се даде оценка дека ова изборно ветување на социјалдемократите кое се однесува на голем дел граѓани, е исполнето.
ИЗВОРИ:
- План за живот во Македонија, стр. 215 – [проверено на:18.06 2019]
- Вистиномер (19.09.2018) – Реформата на социјалната заштита и заштита на децата е во тек – [проверено на 18.06. 2019]
- Веб-страница на Владата (21.05.2019) – Царовска: Собранието го изгласа пакетот …– [проверено на 18.06. 2019]
- ТВ 21(27.05.2019) – Пендаровски ги потпиша указите….– [проверено на 18.06. 2019]
Оценил: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар