Направени се измени во техничката документација за браната Отиња

Фото: Принтскрин клолаж

Изградбата на брана на река Отиња со вештачко езеро е повеќедецениска желба на сите граѓани во Општина Штип. Според Изработениот проект од Градежен факултет Скопје и економскиот критериум избраниот тип на браната на река Отиња е брана со корисен волумен од 3 милиони м³ вода. Средствата за реализација се планира да бидат обезбедени од Влада на РМ и буџет на Општина Штип. Акумулацијата што би се формирала со градбата на браната би ги исполнила следниве намени:

  • Рекреација на граѓаните,
  • Обезбедување еколошки гарантирано протекување, односно биолошки минимум во р.Отиња.
  • Водоснабдување со технолошка вода за наводнувањето на зеленилото во градот.

 (Рок: Подготвителна фаза 2018 година. Почеток на градба 2019 година)

[Извор: Изборна програма на Благој Бочварски за локални избори 2017 година,  „Живот во Штип за сите“ (стр. 10 и стр.17), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, за локалните избори (октомври 2017 г.) како кандидат на СДСМ за челната функција во Општината, вети изградба на брана на реката Отиња. Ова  ветување  на Бочварски е дадено во неговата предизборна  програма: „Живот во Штип за сите “ (на стр.10  во воведниот дел каде се презентирани „Новите политики на градоначалникот“ и на стр. 17  во делот „Клучни проекти“),  и неговата реализација е во тек.

Деновиве (21.06.2019) од локалната самоуправа најавија дека изградбата на браната на реката Отиња се очекува да започне на крајот на годината или на почетокот на наредната (2020). Како што пренесе новинската агенција „Мета“, вакви надежи искажал градоначалникот на Штип на јавната расправа за браната Отиња, на која информирал дека  е  изработен и ревидиран основен проект, кој е во фаза на печатење,  се работи и на промена на Деталниот урбанистички план, а во финална фаза е и студијата за животна средина. Почетните работи на браната Општината ги планира најрано за крајот на оваа година.

Ние имаме и тендерски постапки, најверојатно ќе бидат меѓународни, бидејќи инвестиционата сума е голема, и сите тие рокови ќе бидат подолги. Оптимистичка проценка е дека стартот на изградбата би бил во ноември или декември, но, најсигурно е почетокот на наредната годинавели Бочварски.

 

КАПИТАЛЕН ОБЈЕКТ ВЕТУВАН СО ГОДИНИ

Да споменеме дека во минатото оваа брана беше главно ветување на речиси сите градоначалници. Меѓутоа, најмногу што досега се успеало да се направи е проектот од 2002 година, изработен од Градежниот институт.

Набрзо по доаѓањето на градоначалничката функција Бочварски најави (02.02.2018) дека ќе има измени и дополнување на техничката документација. На крајот на мај 2018 година давајќи отчет за  шестмесечната работа, Бочварски кажа дека во споменатиот период (номеври 2017 –  мај 2018) интензивно се работело на подготовките на документацијата:

Таму (брана Отиња  н.з.)сме веќе во фаза на ревизија на проектите што ги имаше изработено општината, но бидејќи се стари и во таква форма такви какви што се ,не можеме да добиеме градежно одобрение. Сега се работи  и на ревизија и на студијата за оценка на влијанието врз животната средина. Кога ќе бидат готови сите овие проекти, а моите очекувања  се тоа да биде до крајот на годината, ќе можеме да бараме одобрение за градба,информираше Бочварски.

Во септември 2018 година Бочварски информираше дека Општина Штип, Градежниот факултет во Скопје и Градежниот институт „Македонија“ ќе потпишат нов анкес договор за ревидирање за проектот за изградба на брана на река Отиња. Тој појасни дека пред 15 години е потпишан договорот, кој чинел 41.000 евра, а новиот анекс договор чини околу 12.000 евра, средства обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Целата проектна документација треба да се преработи, иновира, да се препечати и да се доведе во состојба за градежно одобрение денеска во 2018 година, рече Бочварски.

На јавната расправа одржана на 21 јуни Бочварски, како што кажвме погоре во текстот,  соопшти дека Општина Штип  ги комплетирала проектните документи за браната Отиња.

Па, со оглед на тоа што се направени конкретни активности во правец на реализација на ветувањето – ревидирана е техничката документација  со што се отвора патот Општината да бара одобрение од Министерството за транспорт и врски за градежна дозвола на овој капитален објект, според Методологијата на „Вистиномер“, ова изборно ветување добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

  • Изборна програма на Благој Бочварски за локаните избори 2017 година – „Живот во Штип за сите“(стр.10 и стр.17) [Пристапено на 28.06.2019]

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција