Топ 5 нереализирани еко-ветувања на скопскиот градоначалник Шилегов

Фото: Мета

Иако се поминати две од четирите години мандат на чело на главниот град во државава, градскиот татко на Скопје, Петре Шилегов, има подолга листа на нерелизирани ветувања кои се однесуваат на заштитата на животната средина. Со оглед на тоа што скопскиот агломерациски регион, според проценките, веќе опфаќа повеќе од една третина од населението во Македонија, но и дека Скопје континуирано важи за еден од најзагадените градови во Европа и пошироко, овие резултати се далеку под очекувањата на граѓаните

 

Иако се поминати две од четирите години мандат на чело на главниот град во државава, градскиот татко на Скопје, Петре Шилегов, има подолга листа на нерелизирани ветувања кои се однесуваат на заштитата на животната средина. Со оглед на тоа што скопскиот агломерациски регион, според проценките, веќе опфаќа повеќе од една третина од населението во Македонија, но и дека Скопје континуирано важи за еден од најзагадените градови во Европа и пошироко, овие резултати се далеку под очекувањата на граѓаните.

Тие се уште подалеку од предизборните ветувања наброени во Изборна програма на Петре Шилегов, како и од обврските кои се нафати да ги реализира, потпишувајќи се на листата на 39 барања која О2 Коалицијaта, составена од повеќе граѓански иницијативи со еколошки предзнак за време на локалните избори во 2017 година.

Минатата година Шилегов се пофали дека „од 39-те мерки за борба против загадувањето, во изминатава година биле остварени 17, 12 се започнати, а пет не се надлежност на Градот и пет се неостварени“. Сепак, на официјалниот Политички бројач, кој се наоѓа на страницата „Мој воздух“, каде се мониторира исполнувањето на 39-те мерки против загадувањето, а податоците се добиват директно од службите на Град Скопје, стои дека е исполнето само едно од 39-те барања, а дека 19 се започнати да се реализираат. Патем, Политичкиот бројач на 2 јануари на Шилегов му изброја вкупно 800 дена во фотелјата на градски татко на Скопје.

 

1. ГРАД БЕЗ СМОГ

Решавањето на проблемот со загадувањето во Скопје предвидуваме да заврши во текот на мандатот, со системски решенија“, вети, меѓу другото, Петре Шилегов во предизборната кампања за локалните избори 2017 година. На самиот крај на 2019 година, пак, Јани Макрадули, заменик-министерот за животна средина, излезе во јавноста со податоци, според кои аерозагадувањето во Скопје лани било помало во споредба со претходните години, припишувајќи го успехот на мерките кои ги презела власта на централно и на локално ниво. Сепак, тој набргу беше демантиран од граѓански активисти (Горјан Јовановски, Мој воздух и О2 Иницијатива).

Тие, користејќи ги истите расположливи податоци од државните мерни станици покажаа дека во 2010 и во 2012 година вредностите на ПМ 10 честичките во некои делови на Скопје (Ректоратот, Миладиновци) во месец јануари всушност биле пониски од вредностите во 2018 и 2019 година, а уште подрастична е разликата кога ќе се спореди месец октомври. Па, така, во 2010 и во 2015 нивото на ПМ 10 честичките на сите мерни станици во Скопје просечно било пониско во однос на она од 2019. Причината за неуспехот лежи и во фактот што дел од најавените мерки на Градот, како субвенциите за инвертери за домаќинства и промена на системите за греење во јавните установи, беа, всушност, дел од „Планот за чист воздух“ на Владата на Зоран Заев и до крајот на 2019 година сè уште не беа реализирани за да влијаат на резултатите.

Енормното аерозагадување кое му се случува на Скопје изминативе години, кон крајот на 2019 година во два наврата извади на улица повеќе илјади граѓани кои демонстрираа по скопските улици, барајќи чист воздух, а од протестите излезе и тнр. Зелена книга со околу 100-тина барања до Владата за справување со еколошките проблеми.

 

2. СКОПЈЕ – ЗЕЛЕНА ПРЕСТОЛНИНА ДО 2021 ГОДИНА

Едно од медиумски најатрактивните и најконтроверзни ветувања на скопскиот градоначалник беше она за кандидатурата на Скопје за Европска зелена престолнина во 2021 година. Идејата за кандидатурата на Скопје за Европска зелена престолнина кое го доделува Европската комисија, Шилегов ја поднесе во 2018 година, во конкуренција со уште 21 град, меѓу кои и Будимпешта (Унгарија), Лил (Франција), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија) и Вестерос од Шведска. Скопје влезе меѓу осумте градови на кои им беше прифатена кандидатурата за титулата „Зелен град на Европа“.

Овој потег на Шилегов беше исмеан од еко-активистите, кои го прашаа Шилегов што е Скопје – Зелена престолнина или измачен град, со оглед на тоа што главниот град мака мачи со бројни еколошки проблеми и освен аерозагадувањето е соочено со огромна загуба на зеленилото, поради насилниот градежен бум во времето на претходната Влада. Наместо Скопје, Зелена престолнина за 2021 стана финскиот град Лахти.

Скопскиот градоначалник во 2019 година изгуби политички поени на кои сметаше, со оглед на тоа што кандидатурата ја темелеше на својата „зелена“ изборна програма во која се вели „го заштитуваме зелениот урбан простор од узурпација“, токму поради тоа што не се случи најавениот „зелен бум“ во Скопје. Од најавеното па нецелосно реализираното ослободување на стотиците заробени дрвја, оковани во бетон и асфалт, кое требаше да го направи во соработка со Шумарскиот факултет при УКИМ, до разочарувачкото идејно решение на зелениот покрив на ГТЦ, во кое има помалку зеленило, а повеќе бекатони и урбана опрема.

И во 2019 беше одложена реализацијата на зелените коридори на Серава и Лепенец кои Шилегов во континуитет ги ветува уште од 2017 година.

 

3. МОДЕРНИ СООБРАЌАЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА СКОПЈЕ

Шилегов во 2019 не успеа да го реализира ниту ветувањето за Скопје како град со јавен превоз со електрични автобуси, со постојните дизел-автобуси конвертирани во еколошки автобуси на гас. Најавените еко-автобуси уште во 2018 не допатуваа ниту во 2019 година, иако беше кажано така. Најпрвин, од најавените 40 еко-автобуси со кои треба да се подобри состојбата со сегашниот возен парк на ЈСП со автобуси на плин, испаднаа 33, а нивното доаѓање, според Шилегов, се очекува во фебруари годинава.

Пропадна и идејата за субвенции за приватни автобуски превозници за адаптирање на постојните автобуси со мотори на еколошки горива за што Град Скопје веќе втора година имаше издвоено дури 20 милиони денари. Едноставно, и годинава, како и лани, не се пријавил ниту еден заинтересиран превозник.

Една година откако официјално обелодени дека се работи на проектот – градски трамвај, градоначалникот на Скопје пред новата година најави и официјален почеток на градежните работи на трамвајската мрежа, но потоа не излезе со информација дека тоа навистина и се случило. Но, затоа, пак, доста прашина се крена околу идејното решение за формирање на пешачка зона во центарот на градот за кое Шилегов даде зелено светло – со тоа што целиот сообраќај ќе се пренасочи на тесната уличка  Даме Груев кај Министерството за финансии, чиешто проширување бара уништување на зеленилото долж целата улица и уривање на дел од зграда.

 

4. ЌЕ ГО ЗАШТИТАМ ВОДНО

Водно ќе го вратиме на Скопјани. Водно ќе биде повторно белите дробови на нашиот градим порачуваше на Скопјани идниот градоначалник Петре Шилегов од предизборните митинзи во 2017. Заштитата на Водно стои во неговата предизборна програма и таму се најавуваше дека „ќе се постават нови заштитни гранични линии зад кои зеленилото ќе биде неприкосновено и во заштита на градот. Овие заштитни линии нема да можат да бидат заобиколувани со т.н. времени објекти, урбани опреми и слични изговори за профит“.

Но, во 2018 Шилегов напрвин дозволи гасоводната линија да помине низ срцето на парк-шума Водно, за по протестите на екологистите да изјави дека тој е гарант за зачувување на планината. Владата тогаш вети и специјален закон за заштита на Водно. Сепак, во 2019, во Студијата за ревалоризација на парк-шума Водно со амин на Градот беа исцртани нови, повисоко поставени граници на Водно и се намали степенот на неговата заштита.

Законот не беше донесен, а не беше извршено ниту планираното пошумување за што МЕР имаше издвоено околу еден милион денари како компензација на штетата сторена со изведбата на гасоводот. Место тоа, Шилегов во медиумите зборуваше за „разубавување“ на Водно и негова „урбанизација“, со изградба на екшн-паркови, велосипедски патеки и зиплајни.

 

5. СПРАВУВАЊЕ СО ДИВИТЕ ДЕПОНИИ, ИСТОРИСКИОТ ОТПАД И ВОСПОСТАВУВАЊЕ ЕФИКАСНА ИНСПЕКЦИЈА

Отстранување на сметилиштата и спречување на формирање нови со редовна комунална контрола, поставување систем од камери кои ќе ја покријат Скопската котлина со 24ч надзор за секаков вид на палење, интервенција на инспекција и полиција во спречување на палење на отпад и загадување на воздухот, побараа од Шилегов граѓанските здруженија во 2017 година, кој се обврза дека тоа ќе го реализира. Иако во 2019 година во неколку наврати организираше акции за расчистување на диви депонии, меѓу кои и најголемата на просторот помеѓу населбите Шуто Оризари и Визбегово, а кон крајот на летото ја промовираше и кампањата „Пријави палење на стрништа“, Шилегов не успеа да се справи со проблемот на нелегално депонирање и палење на отпадот на подрачјето на град Скопје, ниту да воспостави 24-часовна инспекција на терен.

Ремедијација на повеќе жешки еколошки точки стојат меѓу 39-те ветувања со кои скопскиот градоначалник го почна својот мандат во 2017 година. Покривање на депониите со линданот во ОХИС, депонијата кај некогашната фабрика „Годел“, троската на Железарница, решавање на проблемот со некогашната депонија Вардариште и хромната јаловина на рудникот во Радуша се најдоа меѓу барањата на еко-здруженијата. Дел од нив, како проблемот со линданот во ОХИС, поради сериозноста на зафатот станаа обврска на државата, но останатите црни еко-точки со отпад останаа на контото на скопскиот градоначалник.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција