Рашела Мизрахи – ново име во светот на жолчната политика

Фото; скриншот

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

И со внимателно пребарување на името на техничката министерка за труд и социјала, која не се симнува од дневните хроники на медиумите, тоа нема да вроди со успех ако се оди многу назад во времето. Особено ако се обидувате тоа пребарување да го врзете за политиката. За првпат Рашела Мизрахи е забележана во февруари минатата година (2019) како предавач на Школата за млади лидери, која, како што знаеме, функционираше под покровителство на експретседателот Ѓорѓи Иванов. Се работи за сесија што се одржала непосредно пред неговото заминување. Ова значи дека таа веќе била во радиусот на избраните кадри на ВМРО-ДПМНЕ, особено што на Школата одржала предавање. Се разбира, со дузина други избрани предавачи. Претставена е како експерт за биохемија за андрологија и како личност која својата докторска дисертација ја има одбрането на Бар Илан универзитетот во Израел. „Почестена сум да бидам дел од Школата за млади лидери. Почестена сум да ја споделам мојата приказна и да се обидам да помогнам во обликувањето на младите умови“, напиша тогаш Мизрахи на социјалната мрежа Facebook

.

ДАЛИ КЛИНИЧКА ПРАКСА Е ПОДАТОК ЗА МИНИСТЕРСКА БИОГРАФИЈА?

Во нејзината официјална биографија, на веб-страницата на Владата  не стојат доста елементарни податоци, да речеме кога именуваната функционерка е родена, што некогаш е значајно за да ја измерите која е брзината на нејзиното школување и стекнување на дипломи, на пример. Биографијата не е јасна, бидејќи, на пример, се вели дека Мизрахи „својата професионална кариера ја започнува во 2004 година откако во 2006 година остварува клиничка пракса…“. Ниту клиничката пракса влегува во биографија за таква значајна функција, ниту може тоа да биде во некаква „авансна позиција“, уште помалку однапред да предизвика „ефект“.

Практично, нејзината првата работна позиција почнува од 2007 година кога станува асистент на Ветеринарниот факултет, каде останува две години. Потоа идната министерка оди две години, од 2009 до 2013, на мониторинг на лабораториски животни, на Универзитетот „Бар Илан“ во Израел. Релевантниот дел од биографијата за нејзината сегашна функција започнува од 2015 до 2017 година, кога станува советник во Министерството за здравство и работи на медицински статистички анализи по разни критериуми, формирање и водење на регистри на пациенти, формирање и раководење со научно-стручни тимови, пропишување на стратегии за креирање, развој и водење на здравствени програми, креирање и имплементација на процедури во здравствениот систем и друго. Очевидно „надградувано“ со функции со цел нејзината започната кариера во ветерината да се одлепи од административно-државните предиспозиции, но и да добие своевидно политичко-кадровско алиби.

Оваа искуствена слика за провладиниот печат веднаш се преточува во констатација дека „таа е доктор по биохемиски науки, со образование стекнато во Македонија, Израел и Канада. Има работно искуство во државна администрација и во приватен сектор.“  Истиот медиум ја објавува и нејзината мотивациска порака, пренесувајќи ја од весникот „Република“:

Не се плашам од предизвици. Верувам дека напорната работа ќе донесе квалитет. Квалитетот мора да вреднува базиран на принципи и вредности. Човечката среќа нема цена, а преку министерството може да се влијае да се менуваат работите, да им се помага на луѓето, да се решаваат напластените проблеми, а нив ги има доста. Министерството мора да се занимава со суштина, а не со формата и голата појавност. На граѓаните им е потребно чувството дека во државната институција може да најдат сојузник и заштитник. Нема повисоко чувство од тоа да им се служи на граѓаните и на земјата во која сте родени.

Во самата изјава веќе има елементи на злоба („формата и голата појавност“), со претпоставка дека тоа е оценка на работата на нејзината претходничка, која пак, добар дел од јавноста ја доживува како позитивен пример во Владата на Заев.

 

НЕПРОЧИТАН ЗАКОН

Уште неседната на фотелјата, Мизрахи се концентрираше на тоа како да ја дискредитира работата на Мила Царовска. Така, новата министерката за труд и социјална политика со молневита брзина на 9 јануари излезе со информацијата дека „според податоците што ги добила од центрите за социјални работи во тој миг има поднесени и нерешени 11.514 барања за надоместок за помош и нега од друго лице“. Тоа, според неа, говори дека досега Владата и Министерството ги ставале под тепих проблемите на граѓаните… искоментира таа, тврдејќи дека од 8.500 поднесени барања во периодот од 1 јуни до 1 октомври 2019 година до почетокот на јануари решени се само 1.589 барања за надоместок за помош и нега од друго лице. Дури таа тврдеше дека постојат и 4.603 нови барања кои воопшто не биле пуштени во процедура за решавање, а причината сè уште не е позната.

Тоа значи дека во оваа држава во овој момент има, не 8.500 туку 11.514 нерешени барања за надоместок за нега од друго лице, рече тогаш министерката Мизрахи.

Одговорот на нејзината заменичка Санела Шкријељ, дел од работната екипа на претходната министерка беше дека  „загрижувачко е слабото ниво на познавање на законите на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи“. Таа на прес-конференцијата со податоците за нерешени прашања потврдила дека воопшто не го прочитала новиот Закон за социјална заштита и начинот на кој функционираат 15 комисии. Ако Мизрахи го прочита новиот Закон за социјална заштита,  би дознала дека рокот за постапување за предметите за помош и нега од друго лице е 60 дена, а не еден месец како што тврди. Мизрахи се повикува на погрешен закон, а тоа е Законот за општа управна постапка.  Како за појаснување, рокот за решавање на предметите таму е утврден на 60 дена. Уште поважно е – според Шкријељ – дека Владата изградила децентрализирани Комисии за помош и нега од друго лице, за разлика од едната централизирана Комисија која што беше воспоставена во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и која наплатувала по 2.000 денари за поднесено барање. Во интерес на граѓаните сега поднесувањето на барања за помош и нега од трето лице е бесплатно, а со тоа што сега функционираат 15 комисии во повеќе градови низ државата услугата е доближена до граѓаните.

 

ИМАЛО ЛИ ПИШУВАЊЕ НА ДИСЕРТАЦИИ ЗА ПАРИ?

Многу бргу потоа излегоа други истражувања што беа доста сериозни по однос на професионалноста на министерката Мизрахи. Така, беа објавени сегменти од понудата која Мизрахи ја дала на мрежата „Апворк“ за изработка на научни дисертации.  За пишување блог-артикл наводно наплатувала 4.500 долари, за академско истражување цените почнуваат од 700 долари, а за „обично“ пишување 1.000 долари. Министерката негирала дека профиклот бил нејзин, ама во МВР велат дека таа не пријавила никакво хакирање.

Невозможно е некој во туѓо име да направи и да користи профил на платформата ‘Апворк’. При креирањето профил на оваа мрежа потребни се целосни и сеопфатни податоци, поткрепени со официјални документи за стекнато образование, сертификати, документи за дополнителни вештини. Станува збор за сериозна платформа со софистициран начин на работа, а ако било така како што тврди, зошто Мизрахи со години немала пријавено злоупотреба на лични податоци и кражба на идентитет до надлежните институции, запраша портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов на прес конференција.

Тој додаде и дека не е спорно некој да заработува преку глобална мрежа за услуги, туку спорeн е неискрениот пристап пред граѓаните. „Тоа е неетички, непрофесионално и измамнички“ – посочи портпаролот на СДСМ.

 

ОБИД ЗА ДЕВАЛВАЦИЈА НА ПРЕТХОДНИЧКАТА

Некои написи на социјалните мрежи околу еврејското потекло беа искористени за промена на ракурсот за темата „Апворк“ за по некој ден одново да имаме обиди Мизрахи да ја девалвира работата на претходничката Царевска, во што покажува висок степен на жолчност и еднонасочност, често надвор од очекувањата да биде дел од владиниот тим кој ќе не одведе до мирни и демократски избори, што никако не претпоставува создавање на неподобна атмосфера.

Засега нема податоци за нејзината имотна состојба. Да потсетиме дека рокот за пријавувањето на тој тип податоци е 30 дена од нејзиното именување.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција