АНАЛИЗА: Градежништво, туризам, преработувачка индустрија – оцени и очекувања на бизнисмените!

Фото: portalb.mk

Статистика ги измери и првите „црни“ бројки за дел од економските сектори – во туризмот целосен колапс, во градежништвото драматичен пад на вредноста на објектите што е планирано да се градат, но и на бројот на одобренија за градба. Бизнисмените, пак, од преработувачката индустрија со оценка дека економската состојба се влошува, пишува новата економска анализа на Порталб.мк

 

Пишува: Анета Додевска

 

ПРЕРАБОТУВАЧКА ИНДУСТРИЈА – ОЦЕНКИ И ОЧЕКУВАЊА НА БИЗНИСМЕНИТЕ…

Недоволната странска побарувачка станува доминантен фактор кој ги подгрева песимистичките очекувања на бизнисмените од преработувачката индустрија за третиот економски квартал. Имено, според менаџерите од овој сектор најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството има недоволната странска побарувачка со 20.6 %,  потоа следува факторот недостиг на квалификувана работна сила со 17.0 %, неизвесното економско опкружување со 16.5% и недоволната домашна побарувачка со 13.1%.

Во најновата статистичка публикација на Државниот завод за статистика се нотира дека се „топи“ довербата на бизнисмените од преработувачката индустрија.

Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јуни 2020 година е намален за 0.8 процентни поени во однос на мај 2020 година и изнесува 12.2, а во однос на јуни 2019 година е намален за 9.1 процентен поен. Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јуни 2020, во однос на мај 2020 година, е понеповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени – наведуваат од Заводот за статистика .

Со оглед на веќе пенетрираната економска криза, оценката за економската состојба на деловните субјекти во јуни 2020 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна и во однос на јуни 2019 година.

 

ТУРИЗАМ – КОЛАПС ВО СЕКТОРОТ, БЕЗ ДОМАШНИ И СТРАНСКИ ТУРИСТИ

Целосна колабираност на туристичкиот сектор – и официјалната статистика ги потврди црните очекувања. Во мај, месец кој се смета за вовед во топлото лето, вкупниот број на туристи во однос на истиот месец лани  е намален за 99.2 %, а бројот на ноќевања е за цели 97.6 %.  Во мај земјава ја посетиле само 183 странски туристи. Не само странските, од одмори и патувања апстинирале  и домашните туристи чиј број во мај изнесувал 655 што во споредба со истиот месец лани претставува намалување за 97.8 %.

Број на туристи                       Број на ноќевања

Странски туристи                 183                                      2 744

Домашни туристи                838                                       2 202

Најголем број или 60 од странските туристи дошле од Унгарија ,  21 од Полска, 18 од Австрија, 17 од Србија и 16 од Словенија, од останатите земји не посетиле по помалку од десет туристи.

Според очекувањата на бизнисмените од овој сектор, благо амортизирање на лошата состојба се очекува во јули и во август, но проблем остануваат домашните туристички агенции кои се во “банкрот“ поради неможноста и воздржаноста за летувања во странство.

 

ГРАДЕЖНИШТВО – ПАД НА БРОЈОТ НА ИЗДАДЕНИ ОДОБРЕНИЈА ЗА ГРАДБА 

И градежништвото е во групата на сектори кои претрпеа и сè уште трпат штети од ковид -19 кризата. Бројките покажуваат дека во мај – што се смета за еден од месеците во кои треба да се регистрира градежен пик – регистриран е пад. Според податоците на Државниот завод за статистика, во петтиот месец од годинава се издадени 161 одобрение за градење, што е за 27.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 1.559.061 илјада денари, што е за 60.9 % помалку во однос на истиот месец од претходната година – велат од Заводот за статистика.

Од сите 161 издадено одобрени за градба само 81 се однесуваат на високоградба – односно изградба на станбени згради на територијата на целата држава, 28 одобренија се за ниско градба , главно патишта, а останатите 52 се за реконструкција.

Бројките покажуваат драматичен пад во овој сектор – во однос на мај, лани, бројот на одобренија за високоградба се намалени за дури 60%, за нискоградба за 75,7% , а за реконструкција дури за 104%, што укажува не само на забавување туку и на целосен застој во одредени сегменти во градежништвото.

Според очекувањата на дел од економистите, по екипирање на новиот владин кабинет се очекуваат нови пакети на економски мерки со кои ќе се таргетираат одредени сектори за дополнителна финансиска помош, со оглед на тоа што здравствената криза продолжи во пикот на летото, а се очекува влошување од септември, со почеток на есента.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.