АНАЛИЗА: Како се дели државниот колач од 7 милиони евра за регионален развој?  

Вкупно 6,9 милиони евра годинава се планирани да се потрошат  за поттикнување рамномерен регионален развој во земјава. Парите се наменети за осум плански региони, пишува во неделната економска анализа на Portalb.mk. Само за финансирање на проекти на ниво на планските региони одвоени се скоро 5 милиони евра. Според податоците, најголем дел или 17,3% од државната помош за рамномерен регионален развој е наменета за Североисточниот плански регион

 

Вкупно 6,9 милиони евра годинава се планирани да се потрошат  за поттикнување рамномерен регионален развој во земјава. Парите се наменети за осум плански региони, пишува во неделната економска анализа на Portalb.mk. Само за финансирање на проекти на ниво на планските региони одвоени се скоро 5 милиони евра. Според податоците, најголем дел или 17,3% од државната помош за рамномерен регионален развој е наменета за Североисточниот плански регион

 

Пишува: Анета Додевска

 

Економски раст на регионално ниво, современа инфраструктура, поттикнување на конкурентноста, искористување и поттикнување на техничко-технолошката основа и потенцијал на индустриските капацитети, оптимално користење на природните ресурси и енергетските потенцијали во планските региони, заштита на животната средина – долга е листата на приоритети зацртани во Стратегијата за регионален развој на планските региони. Годишно се одвојуваат милионски суми евра за да се остварат овие цели – но какви се ефектите, како се делат парите и кои се проектите ?

Во земјава се дефинирани осум плански региони: Скопски, Југоисточен, Источен, Пелагониски, Врдарски, Југозападен, Полошки, Североисточен и секој од нив е со свои  економски, социјални и демографски специфики, кои воедно се и репер за начинот на доделување на буџетските пари. Со Програмата за рамномерен регионален развој во оваа 2019 година планирани се средства во износ од 6. 910 569 евра.

 

КАКО СЕ ТРОШАТ ПАРИТЕ?

Речиси 68% од оваа сума е наменета за финансирање на проекти за развој на планските региони. Еве за што се троши вкупниот буџет:

  • Секој од планските региони преку ставката Финансирање на активностите и задачите на центрите за развој на планските региони добива по 20 илјади евра;
  • Околу 15. 000 евра се планирани за подмирување на заостанати долгови од 2018 година;
  • За  неповратно учество во финансирање на проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби (ридско-планински места, споменици на културата, ридско-планински места, предели што заостануваат во развојот, подрачја со природни и културни богатства заштитени со закон), одвоени се 1,3 милиони евра. Инаку интересно е дека како  подрачја со специфични развојни потреби во земјава биле регистрирани 1164 места или 66,5% од вкупниот број на населени места во земјава, но опфаќаат само 21% од населението;
  • За таргетирање на развојот на селата и  специфичните проекти во руралните средини преку годинашната програма одвоени се  670.000 евра;
  • За исплата на средства за плаќање на придонесите за пензиско – инвалидско и здравствено осигурување за лица кои имаат стекнато право на плаќање ќе се одвојат 32. 000 евра;
  • Најголем дел од парите или скоро 5 милиони евра ќе завршат за финансирање на проекти за развој на планските региони.
  • Според податоците до кои дојде “Порталб“, најголем дел од средствата од наменети за развој на планските региони завршуваат во Североисточниот регион. Еве како изгледа процентуалната поделба на државната помош по региони:

-Скопски 7,2% 

-Југоисточен  11,1%

-Источен         11,3%

-Полошки         13,2%

-Пелагониски    11,9%

-Вардарски        14,7%

-Југозападен      13,3%

-Североисточен  17,3%

 „Доколку се утврди ненаменско трошење на средствата кои ќе бидат распределeни, центрите за развој на планските региони потребно е истите да ги вратат во Буџетот на Република Македонија“ – се наведува во одлука за доделување средства за финансирање на проекти за развој на планските региони

 

НАЈМАЛКУ СЕ ТРОШИ НА ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ

Податоците од Акциониот план за спроведување на Стартегијата за регионален развој  2016-2018 година, покажуваат дека во овој анализиран период биле склучени договори за спроведување на 230 развојни проекти во вкупен износ од 4 милиони евра. Од нив за развивање на современа и модерна инфраструктура во планските региони се потрошиле 2,2 милиони евра, за поттикнување на економскиот развој 1,5 милиони евра, а за искористување на иновативниот потенцијал и поттикнување на техничо-технолошка развиеност 32 000 евра.

Инаку, најголем регион според површина е Пелагонискиот регион но тој е со најмала густина на населението, додека по површина најмал е Скопскиот регион, но тој воедно е со изразито густа населеност од 319 жители на квадратен километар.

Според бројот на опфатени општини предничи Скопскиот регион со вкупно 17 општини, Источниот регион опфаќа 11 а Југоисточниот регион 10 општини. Со најмал број, шест општини, е Североисточниот регион.

Развојните индекси на планските региони (степенот на социјално-економски развој) покажуваат дека Скопскиот плански регион се карактеризира со натпросечен степен на развој, Југоисточниот и Источниот плански регион се на ниво на просекот а сите други региони се под просекот на државата. Јазот во развојот на Скопскиот плански регион и последниот по развиеност Североисточниот плански регион е исклучително голем. Полошкиот регион пак, се одликува со натпросечен демографски развој, но низок економско социјален развој. 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција