Блерим Река: Не е доволна само интелектуална критика, за промени треба и политичка битка

Фото: portalb.mk

 

Претседателскиот кандидат Блерим Река добар дел од кариерата ја мина во Приштина, каде има дадено свој печат во изградбата на институциите на Косово. Има своја улога и во креирањето на Охридскиот договор, а сега е професор на Штуловиот универзитет

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во едно свое гостување на малите екрани еден од претендентите за иден претседател на државата Стево Пендаровски, говорејќи за своите противкандидати имаше само пофални зборови за кариерата на Блерим Река. Ова е секако реткост во нашата политичка практика – Пендаровски рече дека додека бил во кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски можел да ја оценува работата на Река, кој бил амбасадор во Мисијата на РМ при Европската Унија.

Веќе е јасно дека Блерим Река, кандидатот на Алијансата за Албанците и Беса за претседател на државата има собрано доволно потписи (доста над потписите од 10 илјади граѓани, што е минимумот). Така, изборната трка доби во почетната драматика.

Според неговата официјална биографија, Река дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина, Косово. Таму и магистрирал, а докторирал на истиот Универзитет и на Универзитетот во Грац, Австрија. Моментално работи како редовен професор на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа. Од 2006 до 2010 година е амбасадор на Мисијата на РМ при ЕУ. На Универзитетот на Југоисточна Европа бил декан на Факултетот за јавна администрација, проректор и заменик-ректор за истражување. Автор е на бројни публикации поврзани со правото, Косово, НАТО…

Река има тесна врска со многу важни настани од неодамнешната историја на Косово. Тој всушност во Приштина се стекнува со сите факултетски звања, од дипломец на правниот факултет во косовскиот главен град, до доктор на науки од областа на меѓународното право, исто така, на Универзитетот на Приштина/Грац. Тој беше дел од тимот на експерти кој го напиша нацртот на Уставот на Косово под надзор на Обединетите нации, а до 2001 година и основач и претседавач на Уставниот форум на Косово. Во нашиот северен сосед, Река основал невладини организации, публикации и енциклопедии за право, а бил дел и од бордот на директори на Косовската радиотелевизија. Свој удел има и во составувањето на Охридскиот мировен договор, кој потоа преку уставни амандмани стана составен дел и од македонскиот Устав. Река е уредник и на публикацијата „10 години од Охридскиот рамковен договор“,  објавена како научен труд на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Постојат две причини за мојата одлука. Првата е дека само со македонски кандидати – без ниту еден Албанец – ова мултиетничко општество ризикува да скршне во моноетничка држава, а Албанците да бидат само гласачи, но не и гласани. Втората е дека не е доволна само интелектуална критика, без да се влезе во политичка двобој со цел да се промени ситуацијата. Критиките на Фејсбук остануваат виртуелни, додека животот е реален. Впрочем историјата ја пишуваат државниците, а интелектуалците само пишуваат за историјата, напиша Река на својот Фејсбук профил по објавувањето на кандидатурата.

 

Професорот Блерим Река на првата прес-конференција истакна дека ќе води модерна кампања, непопулистичка, преку директни разговори со граѓаните. Исто така, очекува поддршка од сите етнички заедници.

Ако некој бара консензуален претседател тогаш тоа е Река, рече Билал Касами од Беса кој е оптимист дека нивниот кандидат ќе учествува во вториот круг избори и ќе извојува победа.

Нема да тргуваат со гласови, ниту пак, ќе молат за поддршка, ќе остават на граѓаните сами да носат одлуки. Зијадин Села изрази незадоволство од односот на ремиерот Зоран Заев за време на одржувањето средби за заеднички претседателски кандидат.

Села и Kасами се убедени дека Река ќе им понуди на граѓаните најдобар концепт за развој на државата.

Зошто мислам дека ќе победиме? Затоа што нудиме концепт за враќање на републиканизмот и републиката. Ние сме за евроатланска и мултиетничка република. Македонија е држава, но не е република. Ќе биде република ако наместо на владеењето на поединецот ќе има владеење на правото, но не сега кога судството е политизирано, администрацијата е непотизирана, додека Собранието имунизира и амнестира одговорни за кривични дела, рече Река.

Тој најави дека ќе води модерна кампања, непопулистичка, преку директни разговори со граѓаните и очекува поддршка од сите етнички заедници.

Села, изразувајќи поддршка, рече дека е многу важно правно да се разбере концептот што го нуди Река, кој има за цел слобода, права и подобар живот, а кој очекува да добие поддршка од граѓаните и им се обрати на противниците:

Професорот Блерим Река е симболика на она што го слушаме со месеци и што сме го слушале минатите години. Ако некој бара консензуален претседател тоа е Река, ако бара заеднички кандидат тоа е Река. Неговата кандидатура не е иницирана од политички партии, туку од желбата за подобра иднина на нашите деца”, изјави Села.

Лидерот на Беса, Касами, пак, изразувајќи уверување дека ќе слават на 21 април, рече дека Река е најзаслужниот и најдостојниот да биде на функцијата претседател, бидејќи не е партиска личност и нема да ја злоупотреби таа позиција за партиски интереси, а најмалку за граѓаните да ги подели врз етничка, религиозна или друга различност.

Во однос на другите двајца кандидати, Река  изјави дека со Стево Пендаровски се разликува по однос на неговиот концепт „општетство за сите“, наспроти она што самиот го застапува „држава за сите“.

Според неговиот анкетен лист Река поседува куќа вредна 200 илјади еврa во Скопје (не е наведено дали ја купил или изградил самиот, или е наследство), возило „Ауди 3“ вредно близу 20 илјади евра (2007 год.). Има и други податоци кои денес не се релевантни – како професор не е обврзан да дава податоци, а кога бил амбасадор имал плата од 2.100 евра и додаток за сопругата – 500 евра, секако месечно, имал орочен девизен депозит од 38 илјади евра и долгови на свое име од речиси на иста сума на три години, период кој одамна е минат.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција