Десет настани кои ја одбележаа медиумската сфера во 2019 година

Фото: freegreatpicture.com

Згаснати и новотворени медиуми, кадровски промени во постојните, главно лоши финансиски резултати кај радиодифузерите и обид на државата да ги спасува печатените медиуми ама еден од нив згасна бидејќи немаше доволно „стаж“… И сето тоа меѓу претседателските и договорените парламентарни избори за април 2019-12-20

 

Може да се верува дека нема област од јавниот и општествениот живот каде годината што измина немаше динамични промени и настани, кои, во крајна линија не мораа да имаат јасен и недвосмислен одраз врз подоброто живеење на граѓаните. Она што се случуваше во медиумската област е секако одраз најпрвин на претседателските избори кои ја одбележаа пролетта, ги поттурнаа настаните кои календарски можеби и не беа „подесени“ да се случат годинава. На нив секако имаше одраз и она што се случи претходната год (Преспанскиот договор), но и фактот дека заради недобивањето на датум за преговори со ЕУ, се закажаа предвремени избори за април 2020 година, кои донесоа нови „поделби на картите“ во многу важната медиумска сфера. Но, што би одбрале како десет теми од оваа област, клучна за владеењето на демократијата во секоја земја.

 

1. ДОНЕСУВАЊЕТО И НОВО БЛОКИРАЊЕ НА ДЕЛ ОД ЗАКОНОТ ЗА МЕДИУМИ

Во релативно оптимистичка атмосфера неколку денови пред почетокот на 2019 година во Собранието беше донесен Законот за медиуми, откако и подолго време неговиот текст беше блокиран во Комисијата за транспорт, врски и екологија од страна на опозицијата. Со Законот требаше да се одблокираат и кадровските смени во Агенцијата за аудио и визуелни медиуми и во Македонската радио и телевизија. Законот беше донесен на 28 декември 2018 години, но објавен е во првите денови на јануари 2019, со што и формално влегува во тековната година.

ВЛАДА НА РМ: Каде е Законот за медиуми? Фото: Мета

Сепак и една година потоа ситуацијата во посочените институции е без посакуваните промени! Собранието требаше да објави оглас за пријава на кандидати за носители на функции во ААВМУ и МРТВ еден месец после објавувањето на Законот во Службен весник, но тој чин се оддолжи цела зима и пролет. Огласот се објави среде лето, а пријавените требаа да бидат повикани на интервју во спомнатата матична собраниска комисија, која потоа би направила список кој би го доставила на усвојување на пленарна седница, каде треба да биде усвоен со двотретинско мнозинство. Но, тоа не се случи.

Многу е веројатно дека новите избори (формирање на пржинска Влада и потоа распуштање на Парламентот) го одложуваат решавањето на ова прашање. Политиката повторно му пресуди на медиумскиот свет, иако Законот требаше да донесе деполитизација.

 

2.СТАГНИРАЧКИ ЕКОНОМСКИ ПОКАЗАТЕЛИ КАЈ ТЕЛЕВИЗИИТЕ

Според податоците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, приходите во медиумската индустрија, од година во година се во опаѓање. Лани, во споредба со 2017 година тие бележат пад од 6% и воедно се најниски приходи во последните пет години: приходите на Македонската радио-телевизија се намалиле за 8,4%, на комерцијалните телевизии за 4,5%, а на комерцијалните радиостаници за 3,6%“. Македонската радио-телевизија за првпат по пет години прикажала загуба во работењето. Или петте телевизии со терестријална концесија (ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат-М и ТВ Алфа), оствариле приход од 17 милиони евра. Најголем пад имала ТВ Алфа –  22 проценти, а поголеми приходи имала само Телма и тоа за 31 процент.

 

3.ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЈА ОТФРЛИ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ПРОТИВ НОВИНАРОТ ТРИЧКОВСКИ

Во средината на 2017 година во „Слободен печат“ беше објавена колумна („Ќе го из***аме Иванов како бубрежен камен“) која доведе до тужба на двајца носители на јавни функции – на тогашниот претседател Иванов и шефот на опозицијата Мицковски до ОЈО.  Но, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на писменото известување – кривичната пријава поднесена против едно лице за сторени кривични дела: Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 1, Убиство на претставници од највисоките државни органи од член 309, Повикување на насилна промена на уставниот поредок од член 318 и Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик. Обвинителот  ја анализираше објавената колумна на пријавениот, како и неговите објави на една социјална мрежа кои беа предмет на известувањето. Пријавениот беше повикан на распит во ОЈО. По проучување на сите елементи, јавниот обвинител оцени дека пријавените дела не се дела за кои се гони по службена должност, односно дека во пријавените предметни настани не се содржани суштествените обележја на пријавените кривични дела. Од оваа институција, инаку, се повикаа и на ставови на Европскиот суд и на фактот дека обвинетиот е новинар, а оштетените се политичари.

На 17 мај се одржа судење заради закана по живот од страна на актерот и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ Тони Михајловски кон новинарот Бранко Тричковски. Накусо, Михајловски ја призна вината, а новинарот ја прифати подадената рака. Тричковски немаше отштетни барања..

Кога сме кај Тричковски да објавиме дека тој беше „осуден“ од Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија, постапувајќи по претставка од  Бранко Героски за колумна на именуваниот во онлајн медиумот Frontline.mk, под наслов „Флека на екранот“, а во која колумнистот Тричковски, „демонстрира омраза, вулгарност во говорот,  клевети и навреди, под превезот на метафора“.

 

4.МАКЕДОНИЈА – ИЗВОРНИК НА ЛАЖНИ ВЕСТИ

Земјава како да се устоличува дека како извор на фејк њуз и тоа во сериозни напливи. После онаа епизода со велешките момчиња и нивното учество во креирање на лажни вести во корист на претседателскиот кандидат Трамп, која едноставно си легна како ништо да не било, во текот на јануари се јави еден Белгиец  – Мартен Шенк, кој открил цела мрежа на наши граѓани како креатори на вакви вести. Тој на сајтот „Nieuwscheckers.nl“ објави дека велешките момчиња се „аматери“ во однос на неговите откриени персони, на чело со кумановчанецот Цаго – Слаѓан Бојковски, инаку припадник на АРМ. Објавените приказни се насочени главно против муслиманите а „вределе“ 100 евра по „парче“! Најпрвин била препознаена сопругата на Цаго – Наташа, која открила многу за себе. „Кројачите“ користеле главно англосаксонски имиња (Џесика, Ема, Моли, Џони…) Цаго користел локација и во Чикаго.

МАРТИН ШЕНК: Ја разоткри кумановската мрежа за лажни вести во Македонија. Фото: Твитер

Еден од членовите на групата е Виктор Колевски, инаку полициски инспектор, кој тврдел дека повеќе не работел за полицијата.

 

5. ПОЛИТИЧАРИТЕ КАКО КРЕАТОРИ НА ЛАЖНИ ВЕСТИ

Основниот суд 2 годинава го осуди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски дека конструирал лажни вести за братот на премиерот Вице Заев со кои истиот се прогласува за главен бизнис фактор во државата . Истиот функционер беше обработуван и во „Вистиномер“ како креатор на лажни вести од министерскиот состанок во Луксембург.

И неговиот сопартиец Антонијо Милошоски беше обвинет дека креира лажни вести. Една од нив беше поврзана со писмата на Јанева од истражниот затвор, по што беше наречен „познат креатор на лажни вести“ . Имаше и други случаи поврзани со него – лажеше дека еден бизнисмен бил рекетиран и барал помош од амбасадата на Белорусија, што беше демантирано од самата амбасада. При ова се „засолни“ зад собраниската говорница. Потоа од истото место тврдеше дека дури седум земји биле против започнување на преговори за влез на Македонија во ЕУ, што лесно падна во вода.

 

6.ДИЈАСПОРАТА АКТИВНО ВКЛУЧЕНА ВО СПИНУВАЊЕТО ПРОТИВ ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ПРЕКУ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Во неодамна објавеното истражување на „БИРН“ Македонија, со многу детали за кампањата која на социјалните мрежи е водена против Договорот од Преспа, односно во корист на политичките организации кои се заложија за бојкотирањето на референдумот за (не)прифаќањето на тој Договор, вклучени се и стручњаци од дијаспората во САД, Норвешка и други земји

Имаме силни докази дека центрите зад овие интернет напади се поврзани со спротивставувањето на ВМРО, но тие не беа најсилните, вели министерот Манчевски за БИРН.

Споед него, најголемото спротивставување на Преспанскиот договор потекнува од Македонците кои живеат во странство. Тој го наведе примерот на еден бизнисмен од Торонто по име Бил Николов, претседател на Македонското интернационално движење за човекови права во Канада.

Најекстремни во дијаспората, како и самиот тој, се емигранти од втора генерација кои биле во земјата само неколку пати на одмор, вели Манчевски.

 

7. ЛАЖНИОТ СЈАЈ НА 1ТВ

Телевизијата 1ТВ на Боки 13 годинава ја доживеа својата годишнина и непосредно потоа својата пропаст како медиум, вовлечена во низа скандали, главно индиректно, но сеедно – без финансиска потпора и со долгови. Гала претставата за одбележување на првиот роденден ги собра сите припадници на ВИП друштвото во земјава, пред сè претставниците на трите власти и покрај бизарноста на замислената „приредба“. Многу бргу се виде дека енигмата околу финансирањето на телевизијата се должи на активности кои Јавното обвинителство – секторот за организиран криминал може да ги дефинира како средства собрани со рекет.

1ТВ: „Рекет“ кој предизвика земјотрес и доведе до затворање на телевизијата. Фото: 1ТВ

Целиот скандал во кој е инволвирана и телевизијата, наречен „Рекет“, меѓу другото предизвика земјотрес кој значеше и крај на Специјалното јавно обвинителство, околу чија судбина и онака постоеја дилеми.

Треба да се каже дека голем дел од новинарската екипа на Телевизијата и кога нивниот неформален но вистински сопственик Бојан Јовановски беше зад решетки, доста професионално ги извршуваше своите информативни обврски кон гледачите, со целосна неутралност кон аферата Рекет.

 

8. ПЕЧАТЕНИ МЕДИУМИ: ЗГАСНУВАЊЕ НА ДНЕВНИОТ ВЕСНИК „НЕЗАВИСЕН“

НЕЗАВИСЕН: Немаше две години континуитет за да добие потпора и овој дневен весни замина во историјата

 

„Независен“ беше последниот дневен весник на македонскиот пазар кој престана да се печати, почнувајќи од минатиот месец. Тој стартуваше на 27 ноември 2017 година, во почеток како бесплатен и го делеше посебна колпортерска екипа.  Зад него стоеше грчки капитал, со седиште во Тирана. Членови на редакцијата беа главно поранешни новинари на „Утрински весник“. Во мигот кога државата реши да ги суфинансира печатените медиуми, звучи парадоксално, „Независен“ не можеше да издејствува рамноправен пристап на пазарот, бидејќи немаше доволно години на континуирано излегување (две години) како што стоеше во пропозициите.

Од вкупно 13 пристигнати барања, според владини извори,  одобрени се 11 новинско-издавачки компании што ќе добијат 42,5 милиони денари, од вкупно 50 милиони денари за поддршка на печатените медиуми што беа предвидени за оваа намена во буџетот.

Средствата се доделени за веќе остварени трошоци, и тоа на весниците на македонски јазик во висина од 50 проценти за направените трошоци за печатење и 50 отсто за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 70 отсто за направените трошоци за печатење и 70 проценти за трошоците за дистрибуција. (Макфакс)

На пазарот од дневните весници кои излегуваат на македонски јазик останаа само „Нова Македонија“, „Вечер“ и „Слободен печат“.  Да не беше последниот, трет медиум, ќе речевме дека после 30 години независност се враќаме во ерата на социјализмот, кога на трафиките имаше само два дневни весници на македонски!

 

9. СОПСТВЕНИЧКИ ПРОМЕНИ ВО „АЛФА ТВ“

Кон крајот на јули 2017 година,  извесен Петер Шац од Будимпешта стана еден од сопствениците на македонската телевизија со национална концесија, „Алфа ТВ“. Покрај Унгарецот, во сопственичката листа на „Алфа ТВ“ влезе и релативно непознатиот Горан Балаќ од Земун. Двајцата заедно го имаат најголемиот удел во телевизија, во која како дел од сопственичката структура се јавуваат уште неколку фирми. БИРН се обидел да го контактира Петар Шац, и да го праша за неговите планови со оваа медиумска куќа, меѓутоа тој не одговорил на прашањата што му биле испратени.

На интернет е достапен само неговиот LInkedin профил од којшто може да се види дека Шац е дел од неколку компании, како што е интернет порталот „Рипост медиа“, кој изгледа како интернет-медиум што известува за актуелните случувања во Унгарија. Од официјалните документи во Македонија, пак, може да се дознае дека во април годинава основал фирма во Скопје – „Таргет медија“ со помош на адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“. Според истражувачите од БИРН , Балаќ поседува во Србија само кугларски клуб.

„Алфа“ е основана од бизнисменот Штерјо Наков во 2008 година. Потоа истата ја презеде извесен Веселин Јевросимовиќ од Белград (2013), по што дојде до драстична промена на уредувачката политика која од проопозициска стана провладина. Минатата година со телевизијата управуваше продуцентот Иво Јанковски, а од неодамна го предаде кормилото на споменатите двајца – Шац и Балаќ.

 

10. КАДРОВСКИ ПРОМЕНИ ВО МЕДИУМИТЕ

Дали заради претстојните парламентарни избори или од други причини, познати на сопствениците, во неколку медиуми дојде до крупни промени во уредничките фотелји. Кај споменатата „Алфа ТВ“ Ефтов стана директор и главен и одговорен уредник во април 2018, отако претходно беше уредник на најгледаната емисија на овој радиодифузер – „Во центар“. Со промената во сопственичката структура Ефтов како директор е заменет од Јани Бојаџи, режисер. Во септември главен и одговорен уредник стана Искра Коровешовска.

Втората смена се случи во неделникот „Фокус“ – минтиот месец (ноември 2019) е сменет главниот и одговорен уредник Зоран Димитровски-Жоро, а тој за медиумите изјави дека се сомнева дека причината за неговото разрешување е серијата на текстови во коиво кои на сатиричен начин ја критикува актуелната владејачка гарнитура и премиерот Зоран Заев. Тој, инаку, е член на ИО на ЗНМ.

Во моментот директор на магазинот е Билјана Трошановска, а одговорен уредник е Гордана Дувњак која беше уредник на информативната програма на 1ТВ до нејзиното згаснување.

Конечно најспектакуларна промена е онаа која се случи во дневниот весник „Слобоен печат“. Јавноста на 28 мај (2019) дозна дека тогашниот главен и одговорен уредник на дневниот весник, Бранко Геровски поднел оставка до Мирослав Јовановиќ, косопственик и управител на медиумот. Текстот на оставката е објавен во „Република“ . Геровски го задржа својот портал „Плус инфо“. Инаку нов главен и одговорен уредник на „Слободен печат“ е Злате Лозановски.

 

БОНУС НАСТАН: СТАРТУВА УТРИНСКА ПРОГРАМА ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ

Како доказ колку се кај нас динамични промените во медиумите, како дел од погоре изнесените примери, да кажеме дека една недела пред Новата година (2020) стартуваше новата информативно-политичка емисија „Утрински брифинг“ која може да се следи на страницата на www.slobodenpecat.mk и www.slobodna.tv .

НОВАТА РЕДАКЦИЈА: Ова е редакцијата на новата редакција за интернет утриннски вести, во која се познати имиња од згаснатата „1ТВ“

Авторите тврдат дека таква форма на презентацијата на сликата и тонот во тв форма сме ја немале досега. Нејзини уредници се нашите колеги Сашо Ордановски и Александар Чомовски, чиј последен работен ангажман беше во згасната телевизија „1ТВ“. Според групната фотографија објавена на некои медиуми заедно со Ордановски и Чомовски се уште седум новинари – дел од нив ги знаеме од спомената згасната тв фреквенција. Тие ќе мора да стануваат доста рано, бидејќи нивната намера е – како што велат – да нѐ внесуваат во денот со најава на настани од сите сфери во периодот од 7.30 часот па сè до 10.00. Како најблиска до концепцијата ја споменуваат програмата на белградската „N1“.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.