Девастацијата на ГТЦ како модерен објект е јавно газење на волјата на граѓаните

ГТЦ - скопска икона на која и се подготвува промена на личниот опис. Фото: retromk.tumblr.com

Европската унија уште со т.н. Мајски договор од 2013 година, да го наречеме – предвесник на Пржинските преговори од 2015 година, договори со власта да наоѓа форми за комуникација и соработка со невладиниот сектор и граѓанските организации. Односот кон оние кои даваа отпор на барокизацијата на ГТЦ – а тоа се невладини и професионални организации од областа на просторното планирање – покажува дека чизмите на власта газат при тоа и некои основни постулати на демократијата

 

 

Европската унија уште со т.н. Мајски договор од 2013 година, да го наречеме – предвесник на Пржинските преговори од 2015 година, договори со власта да наоѓа форми за комуникација и соработка со невладиниот сектор и граѓанските организации. Односот кон оние кои даваа отпор на барокизацијата на ГТЦ – а тоа се невладини и професионални организации од областа на просторното планирање – покажува дека чизмите на власта газат при тоа и некои основни постулати на демократијата

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Сите знаеме. По многуте демонстрации на волјата на граѓаните за законите од високото образование, за бомбите на Заев, за аболицијата на Иванов, за фалшливите и насилни избори на студентски лидер, влегуваме во период кога нè очекуваат и протести против барокизацијата на ГТЦ. По кој знае кој пат? И, ќе има ли следен пат во одбраната на овој објект?

Во Службен весник веќе е објавена одлуката за продолжување на изградбата на проектот „Скопје 2014“ во чии рамки е измена на ликот на ГТЦ. Практично, Владата донесе одлука ГТЦ да биде обложен со барокна фасада. ГТЦ беше објект со решение за културно наследство, но сега тој верификат е укинат. Според поранешниот претседател на асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска, не само ГТЦ, туку и останатите објекти (МОБ и Универзитетската библиотека) претставуваат урбани белези и значки на градот за кој емотивно се врзани граѓаните на Скопје.

Парадоксот е што борбата за ГТЦ трае веќе три години. Претходно постојеа повеќе иницијативи со кои граѓаните сакаа да спречат ГТЦ да биде во барок, што резултираа со иницијативата на градоначалникот на Центар – Жерновски, барокот да се спречи преку референдум во општината. Проблемот беше излезеноста, односно високиот цензус за успех на референдумот. Тоа е тема за себе и за резултатите недостасуваа потребните анализи.

 

НЕДЕМОКРАТСКИ И КОРУПТИВНИ МЕТОДИ

Потегот кој инаетливо си го спроведува власта кон измената на еден од најблескавите украси на градот и скопски објект за кој има најмногу напишани текстови и рецензии ширум светот на архитектите, само ја покажува непоправливата желба на политичката елита на ВМРО-ДПМНЕ да плива во водите на корупцијата, како прво, а потоа и да ја игнорира волјата и желбите на граѓаните, со што се узурпира до крај секоја демократска форма на пренос на јавната свест во сферата на одлуките и практичната политика, како второ. Имаме, значи, како што многупати сме констатирале, пример на автократско владеење со земјава, со луѓето и со материјалните добра. Власта eдноставно сакаше ГТЦ да го префасадира во барок стил и да го затвори. Тоа е нејзината идејна, политичка и комерцијална пресметка.

Терминот за делување на владата – вели Даница Павловска, претседател на ААМ – е внимателно одбран, во време на летните одмори, за на мала врата да се протурка намерата со што помал одек и реакции во јавноста. Граѓаните и архитектите изминативе години неколку пати протестираа против одлуката за барокизација на ГТЦ – потсетува таа, како организатор на голем дел од претходните активности во рамки на акцијата „Го сакам ГТЦ“.

Со кого, значи, се пресметува власта кога е во прашање ГТЦ? Најпрвин со струката – со архитектите кои региараат преку своето еснафско здружение (ААМ) а потоа на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ на која се придружија и граѓаните и други невладини организации. Тие одржуваа неделни митинзи во текот на 2013 и 2014 година (секоја среда) и имаше три т.н. гушкања на овој објект од маса народ.

Каков беше односот на власта кон сето тоа? Игнорирање!

 

МАЈСКИОТ ДОГОВОР И ОБВРСКИТЕ

Иако, во согласност со обврските кои ги презеде власта кон т.н. Мајски договор од 2013 година, а под притисок на меѓународната заедница (оној кој се превори во „тоалетна хартија“) истата таа власт се обврза на дијалог кон граѓанските организации. Потсетуваме дека уште во јуни 2013 година Охрид беше домаќин на национaлна конференција насловена како „Структурирање на дијалогот меѓу граѓанските организации и владата“. Учесници на конференцијата беа 57 граѓански организации  и преставници од владата и тоа од одделението за соработка со  невладини организации, како и преставници од министерството за труд и социјална политика и од министeртството за правда. За оваа обврска на која „се колне Владата“ потсетува и книгата „11 тези за ГТЦ“.

Добро, ако власта не им верува на архитектите и НВО-ата, на собраните граѓани кои прават импресивни форми на отпор, на што треба да верува кога говориме за „гласот на јавноста“? Дали на анкетите, на пример? Цивилизирано и дури и потпросечно демократско општство би попуштило пред такви аргументи – можеби граѓанството е против барокот, проектот Скопје 2014, против ставањето на оклоп и уништувањето на ГТЦ, но само се срами или не умее тоа да го искаже јавно? Тука, кај анкетите постојат, впрочем, и законски обврски на властите?!

Да потсетиме дека во анкетата од 2012 година, спроведена на репрезентативен примерок од 1.156 испитаници, на поставеното прашањето: “Некои работи кај луѓето предизвикуваат различни чувства. Користете ја приложената скала за да го опишете вашето чувство кога ќе слушнете за реализација на проектот Скопје 2014?“ исклучително високи 42.7 отсто од анкетираните имаат многу негативно мислење за проектот, а донекаде негативно мислење имаат 15.1 отсто. Ова значи дека вкупно 57.8 отсто имаат негативно мислење за Скопје 2014. На другата страна се 10.9 отсто од испитаниците со многу позитивна оценка за проектот и 15.5 отсто со донекаде позитивна, или вкупно 26.4 отсто од граѓаните имаат позитивно мислење за проектот. Индиферентни (со ниту позитивно/ниту негативно мислење за проектот) се 15.8 отсто од граѓаните. Анкетата беше на „Брима Галуп“.

Резултати од анкетите за измена на фасадата на ГТЦ
Резултати од анкетите за реализација на проектот Скопје 2014 (Рејтинг/Галуп)

 

СПОРЕДБА 2010 – 2012

Ако се споредат резултатите од ова истражување со оние на истражувањето на „Дневник“ во 2010 година, спроведено од агенцијата „Рејтинг“, ќе се увиди дека процентот на испитаници кои негативно гледаат на проектот е без значајна промена. Но, поддршката за проектот е драстично опадната за една третина од 39 отсто на 26.4 отсто.

Како реагираше и на ова државата? Практично, таа си молчи и си ја врши работата, најнапред со промена на закони и други прописи врзани со урбанистичкото планирање, дел од нив врзани со ГТЦ.

Системските последици на комерцијално-политичката узурпација на планирањето на просторот се многу пошироки од уништеното централно подрачје на Скопје. Огромен дел од законските измени во изминативе осум години се донесени за да се создадат услови за непречена реализација на проектот ’Скопје 2014’ и да се елиминираат сите можни законски пречки, но и за лично богатење на политичкиот врв. Меѓутоа, законите еднакво важат на целата територија на Македонија и ова пречесто и парцијално менување на планерската легислатива – од 2006 година, Законот за просторно и урбанистичко планирање е изменет дванаесет, а Законот за градење седумнаесет пати – остава катастрофални последици во сите градови, села и природни подрачја. На пример, законските измени донесени за да го овозможат пренаменувањето на зелените падини на Водно во градежни парцели како колатерална штета го легализираат распространетото уништување на зелените и пошумени површини низ целата држава“коментира Леонора Грчева.

и продолжува.

Можеби една од најтешките последици од избрзаните промени на законите е постепеното укинување на граѓанското право за учество во планирањето на просторот. Додека низ светот урбанистичката пракса се трансформира во локализирана, инклузивна дејност во која граѓаните земаат активно учество, во Македонија се развива обратен тренд на централизација на планирањето и маргинализација на граѓаните. Основната алатка за партиципација во локалното планирање, од почетоците на независна Македонија е јавната анкета на која, по кратка презентација, се изложуваат деталните урбанистички планови и граѓаните имаат можност да остават писмени забелешки, кои потоа се разгледуваат од стручна комисија и евентуално се усвојуваат во финалниот план. Вообичаено, плановите презентирани на јавните анкети се комплексни и хаотични, тешко читливи дури и за професионалните планери и практично неразбирливи за граѓаните. Досегашните искуства покажуваат дека посетеноста на анкетите е мала, а процентот на прифатени жалби е уште помал.

И така, наместо законските измени да одат во насока на тоа анкетата да се надгради и надополни со современи методи на граѓанска партиципација, со измените во Законот за урбанистичко планирање, јавната анкета се скрати од 15 на 10 дена за градовите и на 5 дена за селата и ненаселените зони. По успешната иницијатива поднесена до Уставниот суд во 2010 година за укинување на деталниот урбанистички план за централното градско подрачје на Скопје – „Мал Ринг“, во чијшто плански опфат е концентриран проектот „Скопје 2014“, се воведуваат механизми за скратени постапки за донесување на урбанистичките планови, кои го скратуваат времето за стручна и јавна граѓанска дебата, прескокнувајќи ги вообичаените процедури и регулативни рамки.

 

ЗАОБИКОЛУВАЊЕ НА ПРОТЕСТИТЕ

За да се заобиколат протестите на граѓаните од централно Скопје, кои не дозволуваа „барокна“ реконструкција на нивните фасади, со Законот за градење им се даде моќ на општинските или градските совети до детал да решаваат за изгледот на градбите, доколку тоа е „од значење за општината“. За новите градби, пак, да бидат во „барокниот“ стил на „Скопје 2014“, инвеститорите кои ќе го одберат архитектонскиот стил наложен од општините се ослободуваат од 50 отсто од комуналиите!

Сите овие одлуки и измени ја централизираат одлучувачката моќ за просторното и урбанистичкото планирање и развој и постепено сосема ги исклучуваат граѓаните како одлучувачки фактор. Не смееме да заборавиме дека темелното реструктурирање на легислативата мора да биде неизбежен дел од процесот за повторната демократизација на државата и градењето на инклузивно општество каде што учеството на граѓаните во креирањето на просторните политики ќе биде не само овозможено, туку и активно, законски поттикнато – смета Леонора Грчева.

Сето ова секако има и своја комерцијална заднина. На 29 мај лани беше објавена „бомба“ на оваа тема. Тие разговори ги откри Дамјан Мачевски во т.н. опозиционен камп пред Владата,  кога беа презентирани серија на аудио снимки поврзани со проектот „Скопје 2014“. Манчевски изјави дека во разговорите може да се слушнат како се преместуваат министерства и како многу државни институции се преселени на диво, бидејќи премиерот Никола Груевски така налагал. Потоа според Манчевски, од разговорите станува јасно дека зад проектот Скопје 2014 стои лично Груевски, кој признава и дека Валентина Стефановска е режимска скулпторка.

Груевски, како што наведе Манчевски, се занимавал и со дизајнот на новите автобуси на ЈСП. Можеше и да се слушне, како што наведе Манчевски како самите функционери од власта предлагаат во Скопје да се направи Дизниленд и проширување на Луна паркот на сметка на зеленилото како и тоа каква административна зграда во барок стил треба да има општина Скопје. Во разговорите можеше и да се слушне, како властите, според Манчевски признаваат дека на многу споменици на културата им го одземале статусот и како државата повеќе нема толку пари за „Скопје 2014“ и крати на квалитет на материјалите за изградба, како и тоа дека Груевски не сакал да дознае во јавноста колку пари се потрошени на проектот.

Уставниот суд на Република Македонија е последната институција што може да ги спаси од барок Градскиот трговски центар, Македонската опера и балет (МОБ) и Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ), откако Владата овие објекти ги прогласи за објекти од посебен интерес и му ја одзеде ингеренцијата на Општина Центар за нив, пренесува Либертас. Обид да го сопре барокот за ГТЦ во 2014 година имаше градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски. Тој побара од Уставниот суд да ја преиспита измената на Законот за градба, односно членовите кои предвидоа за објектите од посебен интерес Општината да нема ингеренции и место неа одобренијата за градење да ги издава Град Скопје. Една година подоцна, во 2015 година, Уставниот суд ја отфрли инцијатива на градоначалникот за преиспитување на измените во Законот за градба.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција