Експерти за медиуми: Методологијата недовршена, ад хок групата – монета за поткусурување

Со половина око до полурешение. Фото: Пиксабеј/Девајант Арт

Кога политичарите си носат сами решенија какви што им одговараат на кројката на нивните ментални матрици за улогата на медиумите и новинарството во едно демократско општество, тогаш, обично, се доаѓа до вакви полукилави решенија, какви што се „привремените“ решенија за медиумите за изборите 2016. Ваквата оценка ни ја потврдија двајца еминентни експерти за медиуми и новинарство, употребувајќи зборови како „контроверзно“, „козметичко“, „лакрдија“…

 

Кога политичарите си носат сами решенија какви што им одговараат на кројката на нивните ментални матрици за улогата на медиумите и новинарството во едно демократско општество, тогаш, обично, се доаѓа до вакви полукилави решенија, какви што се „привремените“ решенија за медиумите за изборите 2016. Ваквата оценка ни ја потврдија двајца еминентни експерти за медиуми и новинарство, употребувајќи зборови како „контроверзно“, „козметичко“, „лакрдија“…

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По неколкудневна распрва во јавноста околу Mетодологијата за мониторирање на медиумите  пред и за време на изборите што ја понуди Агенцијата за медиуми, како и околу комплетирањето на привременотo (ад хок) тело што ќе го контролира процесот, дел од експертската јавност е неподелена во мислењето дека методологијата има слабости и е недовршена, а целата работа со ад хок групата „е лакрдија“.

Ова мислење што на барање на „Вистиномер“ го изнесоа двајца еминентни експерти за медиуми и новинарство, во добар дел го дели и граѓанскиот сектор поврзан со медиумите (пред сè петте еснафски организации – ЗНМ, ССНМ, СЕЕМ, МИМ и ЦРМ), но и голем дел од квалификуваната јавност – новинари, уредници, аналитичари од различни области.., кои своите ставови ги споделуваат со јавноста или преку медиумите или преку социјалните мрежи.

Иако може да изгледа депласирано отпосле да се расправа за оваа тема (зашто решенијата се донесени на крајот од јули како исклучиво меѓупартиски договор), последиците се актуелни сега, како се ближи датумот од замислените „100  дена пред избори“, кои начелно се догооврени за 11 декмеври 2016 година.

А, последиците се следни: вонредна методологија само за овие избори (така се договориле партиите и го внеле во Изборниот законик) и вонредно, привремено ад хок тело што треба да го следи процесот на мониторинг (исто така договорено во законот), кое за да го избере петтиот, непартиски член, наводно доживеало и медијација од претставниците на ЕУ и на САД.

 

НАМЕСТО ФРАНЦУСКИ – „МАКЕДОНСКИ МОДЕЛ“

Д-р Снежана Трпевска, професорка од Институтот за комуникациски студии, смета дека со методологијата како подзаконски акт се прави обид да се надмине една празнина во Законот за аудио визуелни медиуми и медиумски услуги, за обврската на медиумите за балансирано известување и пред и за време на изборите, нешто што во развиените демократии се подразбира и не се врамува во никакви документи:

Ова е и основно етичко начело на професионалното новинарство и нема потреба да се уредува со закон. Така е и во голем број други европски земји, уредена е само како општи принцип врз кој почиваат програмите. Но, во тие земји нивото на професионалност на медиумите е повисоко – никому не му паѓа на памет да не ги почитува професионалните начела за сеопфатно известување за различните гледишта. Кај нас, тоа е со години пракса – провладините медиуми по правило ја фаворизираат власта и во квантитативна смисла (одвојуваат многу време) и во квалитативна смисла (непрофесионално и неетички ја претставуваа партијата на власт во максимално позитивна светлина). 

Новината, воведувањето на францускиот модел за избалансираност, кој во матичната земја важи како општо квантитативно правило за медиумите и надвор од изборниот период, за д-р. Трпевска е дискутабилно и треба да се направат измени:

Францускиот модел е редок случај и треба добро да се размисли дали овде ќе произведе резултати. Јас мислам дека тоа нема да се случи, туку напротив – законски ќе ја зацементира и онака далеку подобрата позиција на партиите на власт во можноста да се промовираат преку медиумите. Јас би дала еден далеку поинаков предлог за т.н. „македонски модел“ – кој би и дал двојно поголемо време на опозицијата наместо на власта, за колку-толку да се надомести штетата што со години му е направена на јавното мислење со тоа што го правеше власта кај нас – било преку државното рекламирање, или преку директната контрола и врски со уредничките и новинарските редакции на највлијателните медиуми.  

Трпевска зборува за решението што го предвиде Агенцијата за медиумите како обврска за сите оние што ќе известуваат за изборите, почнувајќи од 100 дена пред избори да пласираат најмалку 50 отсто извештаи за опозициските партии, коалиции, здруженија, итн, од она време што го одвојуваат за партиите во власта.

 

ТОЛЕРАНЦИЈА НА АМОРАЛ И АД ХОК ЛАКРДИЈА

За професорот д-р Дејан Донев, експерт за етика во новинарството од истиот Институт, делови од решенијата во Методологијата, како што е оној за толеранција до 9 обоени прилози пред да се изрече мерка, „се навреда за јавноста“, а околу ад хок телото, намерно се прави лакрдија. Тој, генерално оценува дека метоодологијата има слабости и во квантитативниот и во квалитативниот аспект на мониторингот, а детектира и зошто:

За да се направи една анализа потребен е добар методичар, човек експерт од својата бранша, а не новинарско име или во најлош случај вработен во АВМУ, затоа што повторно ќе се вртиме во круг, освен ако тоа не е и вистинската идеја на целава лакрдија со ад хок телото.

За Донев, нема сомневање за неодржливоста на периодот на толеранција или адаптација што го предлага Агенцијата:

Навредата е повеќе од јасна. Како на јавноста ќе и објасните дека ќе толерирате девет грешки за десеттата да биде санкционирана, без притоа да ја навредите истата, играјќи на картата „сè беше пробно“, а од утре се ќе биде во ред, затоа што медиумот или ќе се поправи или ќе го санкционираме. Што тоа значи? Исто како на крадец да му кажете дека претходните девет кражби му се лесни и простени, но десеттата ќе биде тешка. Зошто? Затоа што во последната ќе понесе одговорност и за претходните девет? Нејсе, ваков аморал е само јавен повик за несовесно однесување во сите сфери на заедничкото живеење, особено затоа што станува збор за јавна дејност со јавен морал, кој преку практицирањето на вакви неиздржани и сосема погрешни примери ќе иницира масовност во аморалноста.

 

ПРИВРЕМЕНАТА ГРУПА – МОНЕТА ЗА ПОТКУСУРУВАЊЕ

Д-р Донев не гледа никаква потреба да се воведува ад хок тело, односно привремена група за следење на процесот на мониторингот и негова верификација. Тој смета дека со тоа експлиците се признава дека Агенцијата како регулаторно тело е чисто партиски поставено, а решенијата се „естетски допадливи но далеку од суштината“:

Иако некои од идеите во однос на мониторирањето се за поздравување, сепак истите остануваат на маргините на естетската допадливост на потфатот, но не и на неговата есенција, суштина на постоењето: зошто токму сега ад хок тело; што од него; зарем АВМУ има само партиски војници во своите редови; зарем немаме експерти, па мораме само практичари од занаетот да вклучиме; зошто само партиски предлози и колку партиите беа транспарентни во изборот… Сето, само уште повеќе ја потврдува тезата дека ад хок телото е политичка монета за поткусурување и самозалажување во очите на странската дипломатија од Пржинскиот договор 2, а не реално посакувано и иницирано решение за проблемите со медиумите во Македонија.

Ниту Трпевска, ниту Донев немаат сомневање дека станува збоор за парцијално решение, кое Трпевска го нарекува контроверзно (за методологијата), а Донев „козметичко“:

Потребен е зафат, а не козметички рез! Потребна е длабинска интроспекција и интервенција, а не хируршки козметички третман во медиумската реалност. Да не зборуваме пак, за прашањето на одговорноста за оваа циркузијада, морално сосема неоправдана и во делот на носителот на одговорноста, но и во делот на инструментариумот за мерење и т.н. „етичко санкционирање“ на последицата – вели Донев.

 

АГЕНЦИЈАТА ГО ЧЕКА СУДОТ ЗА САНКЦИИ

Апсурдноста на целиот систем, вклучувајќи го и новото решение со ад хок телото кое треба да верификува мониторинг и да се грижи дали главните елекетронски медиуми ќе бидат балансирани, се гледа и во законските решенија, кои дел се кооптирани од претходно, а дел се новододадени во последните измени на Изборниот законик.

Имено, според последните измени, партиите утврдуваат четири члена на ад-хок телото, а петтиот го избираат четирите утврдени, додека директорот на Агенцијата ги именува и со тоа ги официјализира. Исто така, според измените на Изборниот законик, Агенцијата ги снабдува членовите на привременото тело со материјали од следењето на медиумите. Привременото тело или комисија како што е именувана официјално, издава мислење, најмногу еднаш седмично, кое Агенцијата треба да го прифати. Потоа, Агенцијата треба да предложи мерки, доколку ад хок телото оценило прекршување на етичките правила за медиумите при известувањето од предизборниот и изборниот период. Но, внимавајте, ако прекршокот е сторен прв пат, мерката е опомена, а доколку се повторува, мерката е глоба. Но, глобата не ја изрекува Агенцијата, туку ја предлага како мерка што треба да ја одреди Судот за прекршоци. Toa е регулирано во два члена од Изборниот законик:

Член 196-ѕ

(1) Ниту еден медиум или новинар не може да биде санкциониран за изразување на мислење.

(2) Изразувањето на мислење мора да биде издвоено од веста.

(3) Ниту еден медиум не може да биде затворен на предлог на Привремената комисија во постапка поведена согласно нејзините надлежностите утврдени со овој закон.

Член 196-и

(1) За прекршувањата на одредбите на Изборниот законик за кои се утврдени глоби во членовите 181, 181-а, 182, 183, 183-а и 189-а, доколку прекршокот е сторен за прв пат судот ќе изрече прекршочна санкција опомена.

(2) Доколку прекршокот се повтори, судот ќе изрече глоба во износ утврден во членовите 181, 181-а, 182, 183, 183-а и 189-а од законот.

(3) Во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член не се применува членот 75 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 196/15).

 

Патем, во меѓупартскиот договор „падна“ и намалување на сите глоби за медиумите за половина, па така, сега и за најтешките прекршоци поврзани со следењето на изборите, највисоката казна е 4.000 евра. Ајде што е линеарно (без оглед на големината и финансиската моќ на медиумот), туку станува збор само за запретена казна, која Агенцијата, т.е. сега ад хок телото, може само да му ја предложи на Судот. А, Судот, нема временска рамка кога ќе ја донесе одлуката, па така, како што не информираа од Советот на Агенцијата, сè уште имало нерешени два предмети за два медиума за изборите од 2014 година.

За какви мерки, макар и привремени за средување на состојбата во медиумската сфера станува збор? И воопшто, вредно ли е сето ова за дискусија и „трошење хартија“ за анализа, па дури и за кавги?

Но, кога политичарите си носат сами решенија какви што им одговараат на кројката на нивните ментални матрици за улогата на медиумите и новинарство во едно демократско општество, тогаш, обично, се доаѓа до вакви полукилави решенија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција