Груевски: Премиерот ли е оној што кажува кој ќе се апси во демократско општество?

Премиерот Никола Груевски додека ја даваше изјавата за можното апсење на Зоран Заев. Фото: видео клип скриншот.

Премиерот Никола Груевски, на 27.02.2015 година одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата на поранешниот известувач за Македонија во Европарламентот, Ричард Ховит, дека дел од европратениците се загрижени поради можноста за апсење на претседателот на СДСМ, рече:

„Не се спрема апсење на Заев“  (1.18 минута од видеото)

[Датум: 27.02.2015 година, Извор: А1ОН ]

Премиерот Никола Груевски додека ја даваше изјавата за можното апсење на Зоран Заев. Фото: видео клип скриншот.
Премиерот Никола Груевски додека ја даваше изјавата за можното апсење на Зоран Заев. Фото: видео клип скриншот.

Образложение:

Оваа изјава на премиерот, која тој ја даде на 27.02.2015 година (кога присуствуваше на отворањето нова спортска сала во скопското село Љубанци), е недоследна. Имено, премиерот (Владата) нема ингеренции да „апси“. Според Уставот законодавната, извршната и судската власт се одвоени.

Во Основните одрдеби од највисокиот правен акт во државата, меѓу темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се наведени:

владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (член 8)

Во поглавјето од Уставот,  „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“, член 12, пак,  е прецизирано дека:

Слободата на човекот е неприкосновена. Никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон…

Во оваа смисла Законот за полиција предвидува :

Полицискиот службеник по службена должност или по наредба на јавниот обвинител, суд или друг орган кога е тоа утврдено со закон, презема мерки и применува полициски овластувања што се однесуваат на откривање на казниво дело и гонење на неговиот сторител кога постојат основи за сомневање дека се подготвува, во тек е извршување или е извршено казниво дело. (Член 14 )

Лице може да се приведе врз основа на писмена наредба издадена од надлежен суд или распишана потерница согласно закон. (Член 46 )

Лишување од слобода без писмена наредба може да се изврши на лице: 1) кога се исполнети условите согласно Законот за кривичната постапка и 2) за кое е распишан распис согласно закон. (Член 45-а)

Кога е веројатно дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, кои на друг начин не можат да се соберат, може да се преземат посебни истражни мерки согласно посебен закон.  (Член 78)

Во Законот за кривична постапка, во глава IV – „Јавен обвинител и правосудна полиција“, член 39, се наведени правата и обврските на јавниот обвинител:

(1) Основно право и должност на јавниот обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност.

 (2) Во предметите за кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност, јавниот обвинител има право и должност да:

 – ги насочува дејствијата на органите надлежни за откривање и пријавување на кривичните дела и на нивните сторители,

 – предлага или да издава наредба за преземање на посебни истражни мерки, под услови и на начин определени со овој закон,

 – донесува наредба и да спроведува истражна постапка,

 – предлага издавање на казнен налог под услови определени со овој закон,

– поднесува и застапува обвиненија пред надлежниот суд…

Во членот  41 од овој Закон се вели :

(1) Заради остварување на функцијата на кривично гонење, јавниот обвинител раководи со предистражната постапка и ја има на располагање правосудната полиција.

Додека членот 158 ги дефинира : „Основите и постапка на лишување од слобода без налог на суд “

Инаку, лидерот на СДСМ Зоран Заев,  е еден од осомничените во полициската акција „Пуч“.

На 31.01.2015 година МВР соопшти дека Заев се товари дека имал повеќе средби и телефонски разговори со премиерот, на кои му се заканувал дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни, службени и државнички функции во Република Македонија. Заканата, според полицијата, ја конкретизирал со тоа што од  премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, побарал да ги прифати барањата за формирање техничка влада, а потоа да се распишаат предвремени парламентарни избори.

На 31.01.2015 година Јавното обвинителство  соопшти дека откако МВР поднело кривична пријава против четири лица за повеќе кривични дела,  за лицето З.З., бидејќи кривичното дело останало во обид, не е поднесен предлог за определување на мерката притвор. За него е поднесен „предлог за определување на мерка на претпазливост со обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице односно кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница

На 31.01.2015 година Заев, акцијата „Пуч“ ја оцени како:

проѕирен обид на власта  да го спречи обелоденувањето на криминалот и сето зло што го има направени оваа криминална власт

На 9 февруари 2015 година  Заев на прес-конференција  го  обелодени скандалот со масовно прислушување на повеќе од 20.000 граѓани, за кој директно ги обвини премиерот Никола Груевски и директороот на УБК, Сашо Мијалков.

 

Линкови:

 

Оцени: Оливера Војновска 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција