Истражување на „Метаморфозис“: Реформите во правосудството на половина пат помеѓу законите и праксата

Фото: Илустрација од насловната страна

 

Реформите во правосудството се на ниво во кое законската рамка е речиси целосно заокружена, при што ЕУ изразува задоволството од степенот на промените, партиите се со целосно спротивставени ставови, но исто и дел од експертите, кои се поделени за одредени решенија.

Ова се главните наоди на истражувањето на оваа тема што го спроведе Фондацијата „Метаморфозис“ во рамките на регионалниот проект во кој на годишно ниво се оценува степенот на напредокот во неколку клучни области, значајни за приближувањето на земјата кон ЕУ.

Гледано по области, најзначајни сегменти во напредокот се направени во законската рамка со усвојувањето на новиот Закон за јавното обвинителство и во праксата во работењето на Судскиот совет на РСМ, кој како конечно да профункционира, па почнаа со засилено разгледување на претставки за самите судии, почнаа и првите разрешувања, меѓу кои разрешен беше и претседателот на Врховниот суд.

Од другите сегменти ги издвојуваме следните наоди:

Судството и Обвинителството и натаму се соочуваат со недоволно финансирање, иако во поглед на Обвинителството законот сега е попрецезен и дефинира финансирање со најмалку 0,4 отсто од Буџетот на РСМ секоја година.

Кадровските проблеми се заеднички и за судството и за обвинителството. И во двата сегменти недостасуваат голем број судии и обвинители. Начинот на прием на нови останува ист како што беше дефиниран минатата година – Академијата за судии и обвинители е единствената порта и предуслов за промовирање нови кадри.

Ефикасноста и во судството и во обвинителството, се чини дека е многу поврзана со претходно споменатиот проблем со недостиг на кадри, иако според годишните извештаи и на судството и на обвинителството, таа генерално е добра. Но, проблемот со предметите стари 3, 5 и 7 години во судовите останува како не мала бројка. Бавноста, пак, на постапките во вископрофилираните предмети поднесени од Специјалното јавно обвинителство покажуваат дека не секогаш проблем е недостигот од судии, туку и судскиот менаџмент и самото постапување на судиите.

Ветингот на судиите останува во игра од страна на политичарите, експертите јасно се изразија против, а засега се спроведува т.н. мек ветинг, т.е. проверка на одреден број судии од страна на Антикорупциската комисија.

На независноста, на транспарентноста, на дигитализацијата и севкупното ИТ унапредување во работењето на судовите и обвинителствата, сè уште треба да се работи.

Истражувањето, што можете да го видите на следниот линк, е изготвено согласно достапните податоци до крајот на март 2020 година. Тоа е спроведено во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.