Изет Меџити

Изет Меџити е моментален градоначалник на општина Чаир. На таа функција е веќе трет мандат, откако во 2005 година со новиот закон за локална самоуправа голем дел од дотограшната општина Чаир беше одвоен и од него се формираше новата општина Бутел.

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Роден е во Скопје во 1977 година. Се оженил на 10 јули 2006 година со сопругата Ава, која работи како педагог во градинка од Чаир. Тој живее со неговите родители, а има сестра. Не е голем љубител на спортот, но активно се занимава со планинарење. Како што тој самиот истакнува, Старата скопска чаршија е неговиот омилен дел од градот.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Средно образование стекнал во гимназијата „Зеф Љуш Марку“. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а сега е на пост-дипломски студии од областа на јавниот менаџмент.

 

КАРИЕРА

Во периодот 2001-2003 бил професор по економија во средното училиште „Арсени Јовков“. Откако го напуштил професорското место, работел како економски советник во Македонски Пошти до 2005 година.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Меџити е член на политичката партија ДУИ и член на нејзиното Централно претседателство.

Првиот мандат го добил на изборите за локална самоуправа во 2005, први после територијалната поделба од 2004 година. На локалните избори 2013 остварил една од најубедливите победи во вториот изборен круг со освоени 70% од гласачките ливчиња.

 

„Градежник“

Еден од неговите позначајни потези е поставувањето на споменикот на Скендер Бег, како и изградбата на истоимениот плоштад што треба да никне како платформа на булеварот Гоце Делчев, помеѓу Даут Пашин Амам, МОБ, Старата чаршија и поранешните стоковни куќи „Мост“ и „Илинден“.

 

Преименување на училишта

За време на неговиот втор мандат донел одлука за преименување на четири основни училишта од општината, која беше прогласена за противзаконска. Поради незаконитоста на одлуката, на свидетелствата кои се издаваат во овие училишта стојат старите имиња на училиштата.

 

Инцидентите за споменикот на Цар Душан и црквата на Кале

Тој бил вмешан во инцидентот од 2011 година кога беше урната црквата на Скопско кале, со што се заострија меѓуверските односи. Беше присутен и при оштетувањето на споменикот на цар Душан во центарот на Скопје во декември 2013 година.

 

ИЗВОРИ

Нова ТВ – Изет Меџити: Бевме присутни кога се уриваше споменикот на Цар Душан (10 декември 2013)

Радио Слободна Европа – Меџити – Бараме албанско име за училиште каде што учат Македонци (30 септември 2012)

Википедија – Изет Меџити

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција