Катастарот на загрозени подрачја од природни непогоди сѐ уште е само проект

ВЕТУВАЊЕ : Ќе изработиме „Катастар на загрозени подрачја од природни непогоди во РМ со степен на ризик“ кој ќе влезе во сите плански и секторски документи, при што ќе се дефинираат црвени зони (не смее да се гради), жолти зони (може да се гради, но само со заштитни мерки) и зелени зони (слободни за градба). Ќе се изработат и регионални и општински катастри, планови и стратегии за справување со природни непогоди (ерозија, поплави, порои, суши, топлотни бранови, студени бранови, невреме, шумски пожари, земјотреси, биохемиски катастрофи, колапсирања, урниси и одрони, свлечишта и др.). Ќе се зајакне експертската контрола во изготвување и спроведувањето на делот на заштита и спасување во просторните и урбанистички планови

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр. 254, декември 2016 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ за период од две и пол години не успеа да го оствари ветувањето дека ќе изработи Катастар на загрозени подрачја од природни катастрофи со степен на ризик. Досега е завршен само процесот на подготовка на проектот и потпишан е договор со норвешкиот катастар за негова реализација.
Ова ветување е дадено во програмата План за живот во Македонија во делот насловен „заштита од природни катастрофи“ на стр. 254, каде што е планирано да се реализира за период од две години. Таму стои и дека ќе бидат изработени регионални и локални катастри и планови и стратегии за справување со природни непогоди, а ќе се зајакне и експертската контрола. Владата ветувањето го стави и во својата Програмата за нејзината работа за периодот 2017-2020 година.

Повод за ваквото ветување беа катастрофалните поплави со загубени човечки животи во Скопско во 2016 година и во Шипковица во 2015 година, потоа земјотресите во Скопско во 2016 и Охридско во 2017 година, пожарите во 2007, 2012 и 2017 година, бројните свлечишта и одрони во 2010 година.
Воспоставување на катастар на загрозени подрачја бараше и експертската јавност според која самата изработка, не смее да биде од „експресен“ карактер и со нереално кратки рокови, бидејќи во тој случај се можни бројни грешки и „промашувања“.

Од проверката на податоците кои се објавени во периодот и активностите што ги презела Агенцијата за катастар на недвижнини која е задолжена за востановување на овој катастар може да се види дека на проектот е почнато да се работи, но сѐ уште нема воспоставен Катастар на загрозени подрачја од природни катастрофи.

Директорот на Агенцијата за катастар, Борис Тунџев во мај 2028 година во интервју за државната информативна агенција изјави дека за реализација на проектот соработува со норвешката влада од каде што ќе добие донација од 750 илјади евра. Планирано е проектот да се финансира и со пари од буџетот.

Податоците во однос на плавни подрачја и подрачја, кои што во изминатиот период биле изложени на поголем ризик како пожари, свлечишта, ќе може да бидат достапни и да се користат, односно ќе има 3Д – приказ како во реално време да се случуваат. Посебно ќе биде актуелно за потребите за просторно урбанистичко планирање каде што ќе биде прикажан 3Д моделот на теренот и во реално време ќе има просторна локација за секоја дефинирана точка во исто време по висина. Се ќе биде претставено во 3Д односно финалниот продукт ќе биде 3Д на теренот, изјави Тунџев. ( МИА, пренесена од МКД ).

Во документите на Катастарот: Стратешкиот план на Катастарот, Извештај за работа за 2018 година и програмата за реализација на стратешкиот план за 2019 година, може да се види дека во 2018 година Агенцијата аплицирала пред норвешката влада со проект за создавање дигитални податоци за теренот потребни за ублажување на ризикот, следење на поплави и за дејствување во ситуации на поплави, како и за намалување на трошоците за инфраструктурни проекти и подобрување на заштитата на животната средина и мониторинг на просторно планирање. Преку проектот е планирано да се воспостави дигитален модел на теренот и ќе се изградат капацитети на Катастарот за чување и дистрибуција на дигиталните податоци од терен. Во оваа година е потпишан само договор за реализација на проектот.

Во 2019 година во годишниот извештај за работа на Агенцијата за катастар за 2018 година, во делот меѓународна соработка страна стои дека Катастарот и норвешката Агенција за картирање ќе започнат со имплементација на двете компоненти од проектот согласно Договорот за соработка со цел создавање дигитални податоци за теренот потребни за ублажување на ризикот од поплави. Притоа е планирано да се изврши ласерско скенирање на теренот, што според овој извештај е почнато.

Колку од планираното е реализирано во 2019 година не може да се види бидејќи Катастарот сѐ уште нема објавено извештај за својата работа во 2019 година.

„Катастар на загрозени подрачја од природни непогоди во РМ со степен на ризик“, не може да се најде ниту на интернет страницата на Катастарот, ниту како посебен дел, па според тоа може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ дека ќе воспостави ваков Катастар сѐ уште е во состојба на проект и не е исполнето за планираниот период.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција