Катица Јанева навистина била во ловечки ресторан – на обвинителски семинар

Фотомонтажи за дискредитација. Фото: скриншот

 

Блогот „Инфомакс“ открива дека специјалната обвинителка Катица Јанева неколку пати била „забележана во некоја ексклузивна кафеана, како гласно разговара и заговара планови против актуелната власт“.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

ЛОВЏИКАТА КАТИЦА ЈАНЕВА: Со парите на граѓаните се луксузира во кафани и пука со пушки и пиштоли, додека се заканува дека ќе го сруши ВМРО!“ Со ваков наслов неодамна излезе блогот „Инфомакс“, прикажувајќи ја Јанева фотографирана во ловечки пантолони и чизми, со пушка во рацете. Овој текст е еден од низата кои имаат за цел напад врз неа, без притоа да се проверат информациите.

Имено, во овој напис, порталот Инфомакс посочува дека „Катица е позната како “ноќна” птица и љубител на кафаните и алхохолот. Особено оние луксузните“.

Истиот ден кога Катица беше поставена како СЈО таа можеше да биде забележана во ексклузивниот скопски ресторан “Ден и Ноќ” во друштво на пријатели, во добро расположение и прилична количина алхохол, како на висок тон се радува и заканува дека сега таа ќе била онаа која ќе го “срушела ВМРО-то”. На тоа повеќето од медиумите иако ја имаа информацијата решија да не ја објавуваат бидејќи се сметаше дека тоа е дел од нејзината приватност и дека не треба да се нарушува на таков начин, пишува Инфомакс.

Ваквата информација прв ја објави порталот „Либертас“. Според информациите на овој портал, настанот се случил на 1. октомври, а не истиот ден кога Јанева била поставена за СЈО, како што тврди „Инфомакс“. Јанева беше избрана за специјален јавен обвинител на 15. Септември. Но, „Либертас“ тогаш објави дека Јанева била во ресторанот со неколку колешки, каде на масата каде што седеле, ненадејно им пришол поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за да се запознаат.

Очевидци кои седеле на соседната маса за Либертас велат дека Јанева била во друштво со уште две колешки обвинителки и си правеле муабет откако претходно биле на коктел. Додека муабетеле во ресторанот влегол Мијалков и бидејки имало слободно столче до специјалната обвинителка пришол за да се запознаат, пишува Либертас.

Ваквата информација подоцна ја демантираше Јанева во интервју за Призма.

Ноќното излегување не е типично за мене. Кој ме познава ќе го потврди тоа. Можете да ме најде во 5 часот наутро како работам или да ме сретнете да пешачам, но никогаш нема да ме видите по полноќ во угостителски објекти. Не го познавам Мијалков и не е точно дека сум се сретнала со него – изјави специјалната јавна обвинителка.

Освен за оваа случка, блогот „Инфомкас тврди и дека Јанева, неколку пати била „забележана во некоја ексклузивна кафеана, како гласно разговара и заговара планови против актуелната власт“.

Извори за блогот посочуваат дека Јанева била забележана во еден ловечки ресторан во склоп на стрелиште на кое рекреативно се стрела со огнено оружје, ресторанот “Камник”. Притоа, прикажани се и две фотографии, едната од Јанева како позира со пушка во рацете, а на другата како пука.

Катица решила од парите на граѓаните кои и се доделени како ресурс со кои треба да ги решава предметите кои произлегуваат од нелегалното прислушување, да ги троши на куршуми и пукање со пушки и пиштоли, и на скапи ловечки специјалитети, пишува Инфомакс.

„Вистиномер“ се обрати до Специјалното јавно обвинителство за да ја провери ваквата информација. Оттаму добивме потврда дека Јанева била во ресторанот „Камник“, но не рекреативно, како што пишува „Инфомакс“. Од СЈО, исто така, посочуваат дека фотографиите прикажани во текстот, се фотомонтажа.

Фотографијата е монтажа и не се точни наводите во текстот. Појаснуваме дека дел од обуките кои беа одржани за обвинителите, а за кои веќе известивме во јавноста, се одржаа во Камник. Организацијата на обуките и изборот на локацијата не беше избор на ова Јавно обвинителство, туку на партнерите кои ги овозможија обуките и обезбедија странски експерти за размена на искуства и стекнување на нови знаења – велат од СЈО.

 

ИЗВОРИ:

  1. Инфомакс (14.12. 2015) ЛОВЏИКАТА КАТИЦА ЈАНЕВА: Со парите на граѓаните се луксузира во кафани и пука со пушки и пиштоли, додека се заканува дека ќе го сруши ВМРО! (Пристапено20.12.2015)
  2. Либертас (03.10.2015) Случајна средба и запознавање на Катица и Мијалков (Пристапено 20.12.2015)
  3. Призма (17.10.2015) Катица Јанева: Точно е, се пријавуваат лица за заштитени сведоци! (Пристапено 20.12.2015)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција