Контраспин: И Тачи бил лошо разбран, заканите со војна не биле закани!

Фото: Принтскрин колаж

 

Без оглед во каков контекст е дадена изјавата на Тачи таа самата по себе е застрашувачка, бидејќи повикува на насилство и содржи говор на омраза.

 

Пишува: Магдалена Андоновска

 

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи кој беше гостин во емисијата „Изборни дебати“ на ТВ 21 година, одговарајќи на прашањето дали идната Влада на Република Северна Македонија може да биде составена без албанска партија, даде изјава во која може да се препознае спин.

Спин: Нема Влада без Албанците, војна може да има.

[Извор: ТВ21, датум: 07.07.2020]

Контраспин: Изјавата на претседателот на ДПА Мендух Тачи дадена во едно телевизиско гостување во која вели дека не може да има Влада без Албанците, а ако истото се случи ќе има војна, не е само шокантна. Таа  прозвучува заканувачки за сите граѓани кои живеат на територијата на Република Северна Македонија и предизвикува говор на омраза.

Веќе станува сосема нормално во ек на изборна кампања да можеме да видиме и да прочитаме изјави од политичари кои неретко се граничат со несериозност и невкус. Но, кога ќе слушнеме една ваква изјава не можеме да останеме рамнодушни, пред сè поради фактот што таа преставува закана за секој од нас поединечно, а секако и за целокупноста на државата.

Ваквите изјави можат да бидат предмет на кривична одговорност, бидејќи во член 313 од Кривичниот Законик децидно се вели дека:

Тој што е со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.

Оваа изјава може да подлежи на кривично гонење и според други членови од Кривичниот Законик кои се однесуваат за повикување на насилна промена на уставниот поредок, како на пример, членот 318.

Изјавата  на Тачи, исто така, подлежи и на поинаква одговорност и може да се смета за говор на омраза. Без оглед во каков контекст е дадена таа е застрашувачка самата по себе, бидејќи повикува на насилство и содржи нетрпеливост кон одреден етничка групација.

Правната анализа на концептот на казненото дело на омраза и говорот на омраза, објавена на сајтот „Правдико“,  укажува дека развивањето на конзистентен систем на превенција и репресија на делата на омраза и на говорот на омраза ја демонстрира определбата и капацитетот на државата за доследно почитување на човековите слободи и права.

Со нивното ефикасно спречување и казнување, се упатува јасна порака до организаторите, поттикнувачите и извршителите на такви акти дека таквите екстремни изрази на дискриминација не може да бидат толерирани. Државата и општество кои не ги почитуваат овие постулати не може да се сметаат за хумани, праведни и демократски, се вели во оваа анализа.

Европскиот суд за човекови права, пак,  во своите пресуди кои се однесуваат на говор на омраза поаѓа од дефиницијата дека говорот на омраза или неговото разбирање како говор ги опфаќа „сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција“.

Несомнено дека споменатата изјава на Тачи може да има сериозни последици и да предизвика омраза кон едната, односно другата етничка заедница и да создаде дополнителни тензии во земјата. Независно што тој сега  во интервју на „Утрински брифинг“ на „Слободн ТВ“ се правда дека изјавата била лошо пренесена и извадена од контекст, дека всушност зборувал за опасноста од барањето на неговиот опонент, Али Ахмети за премиер Албанец.

Инаку, според  член 90 од Уставот, претседателот на Република  Севрна Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Овој член од Уставот многу јасно и концизно дефинира на кој начин се составува Влада, без притоа да се нагласи некаква етничка поделеност на истата. Тоа впрочем и не треба да се потенцира, пред сè поради фактот што нашата земја е оддамна дефинирана како мултиетничко општество. Познато е и  дека  при составувањето на  сите досегашни влади секогаш биле вклучени и албанските  политички партии, како и партиите на другите етнички заедници.

Тоа, секако, многу добро го знае и Тачи. Уште повеќе и поради фактот што неговата партија – ДПА, во два наврати беше дел од Владата – во периодот 1998 до 2002, кога премиер беше Љупчо Георгиевски и во првата Влада предводена од Никола Груевски, од 2006 до 2008 година.

Арно ама, тој сега веројатно проценил дека во актуелниот политички момент не е на одмет во изборни цели да уфрли малку и воинствена реторика.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.