Контраспин: Институциите се поразени во борбата против корупцијата
Калеска-Ванчева од СДСМ се обиде преку оценка во стилот на дилемата „дали чашата е полу полна или полу празна“, да спинува околу прашањето дали институциите во РСМ се поразени во борбата против корупцијата. Аргументите за овој спин ги дава и самата пратеничка кога признава дека нема ефикасност и завршница во бројните случаи, но и серија други изјави што во исто време ги даваат експерти за корупција, Советот на ЕУ и американски официјални изјави
Калеска-Ванчева од СДСМ се обиде преку оценка во стилот на дилемата „дали чашата е полуполна или полупразна“, да спинува околу прашањето дали институциите во РСМ се поразени во борбата против корупцијата. Аргументите за овој спин ги дава и самата пратеничка кога признава дека нема ефикасност и завршница во бројните случаи, но и серија други изјави што во исто време ги даваат експерти за корупција, Советот на ЕУ и американски официјални изјави
Пишува:Теофил Блажевски
Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева во тв дебата спинуваше за односот на институциите во земјава во борбата против корупцијата:
Спин: Не би рекла дека (доаѓањето на тимот за санкции од САД) е пораз за институциите, тоа повеќе го гледам како една соработка и помош, но и јасен сигнал дека корупцијата не може да се толерира
[Извор: ТВ Телма – Топ тема- С.К.Ванчева, датум: 12.12.2022]
Контраспин: Пратеничката на СДСМ во Собранието Снежана Калеска-Ванчева уште на почетокот на дебатата посветена на значењето на доаѓањето на тимот од САД и состојбата со корупцијата во земјава, даде изјава во стилот „чашата е полуполна или полупразна“, т.е. спин за тоа дали посетата е де факто пораз за институциите во државата во борбата против корупцијата.
За да го поткрепи ставот, пратеничката веднаш додава дека корупција има секаде, дека го гледаме примерот со корупцијата во Европскиот парламент (со потпретседателката делегирана од грчките социјалисти), но исто така гледаме брзи реакции и разрешници, она што нас очигледно ни недостасува, дали е од немање доволно капацитетите од објективни и субјективни причини, што е предмет на поширока анализа, но факт е дека бавно се движат работите и честопати немаме вистинска разрешница“.
Самото дообјаснување на првичниот спин дека „не е пораз за нашите институции“, доволно јасно го прикажува извртувањето на вистината. Но, тоа не е само голо логицирање. Само во едно деноноќие, помеѓу 12 и 13 декември, две експертки за борба против корупцијата и двете поврзани со активно градење мерки и политики за справување со корупцијата, јасно покажуваат дека станува збор за пораз на институциите во однос на ова прашање.
Тасева – Многу случаи не се процесуирани
Во Утринската програма на ТВ Телма (13.12.2022) претседателката на Транспаренси интернешнл-Македонија Слаѓана Тасева, во разговор на тема до каде е степенот на корупцијата во РСМ и справувањето на институциите со истата, изјави:
Досега сите евалуации и скрининзи беа засновани на оценката на процесите – проценка дали ние сме воспоставиле некаков процес во закон, а не на ефективноста и ефикасноста на истите. Мислам дека сега се поминува прагот на перцепција (за корупцијата – н.з.), затоа што имаме многу случаи на документирана корупција што не се процесуирани во институциите. Имаме многу јавно објавени случаи во кои што е јасно дека се случаи на корупција, а ниту една од институциите не се зафати да ги расчисти. Кога зборувам за институции, зборувам за сите оние кои што се надлежни, и обвинителствата и судовите…(Извор: Утринска на Телма – 13.12.2022).
Тасева која беше и прва претседателка на Државната комисија за спречување корупција од 2002-2006 година, кога беше донесена и првата Државна програма за борба против корупцијата, де факто зборува за „пораз на институциите“, т.е. за отсуство на ефикасност и ефективност, а тоа е всушност она што го признава и пратеничката Калеска-Ванчева, само што таа тврди дека неефикасноста треба да е предмет на анализи.
Ивановска – повеќе случаи одамна се во Обвинителството
Дванаесетина часа пред тоа, актуелната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска во една дебата на друга национална телевизија беше уште поконкретна. За многу министри, директори и други државни функционери, Антикорупциската комисија доставила предмети до обвинителството за коруптивни афери и сè уште чекаат одговор од обвинителството, изјави на 12.12.2022 на Програма 200 на Алсат ТВ, Ивановска:
Имате повеќе случаи. Имате за поранешниот министер за култура кој потпиша неовластени буџетски средства. Имате двајца генерални секретари од Владата кои потпишаа договори за авторски права, имате директор на агенцијата за филм, имате директор на јавно претпријатие за спортски објекти и мислам дека го имате ректорот на најголемиот универзитет во државата. Значи имаме многу пријавени иницијативи, поконкретно за кривично гонење, кои ги доставивме до обвинителството, за кои се уште чекам и не заборавајте, го имаме предметот кој е од извонредно значење за јавниот интерес и тоа е случајот „Холидеј Ин“. Значи тој предмет, сега ќе биде две години во јавното обвинителство со сите докази испратени таму и се уште чекаме одговор и веќе размислуваме да испратиме претставка до Советот јавни обвинители да вршат надзор над работата на обвинителот(за тоа), што го спречува обвинителот да излезе со одлука на јавното обвинителство, за сите кои биле вклучени во процесот на одобрување на деталниот урбанистички план кој се реализира и е спротивно на генералниот урбанистички план и има негативно влијание врз животната средина, изјави Билјана Ивановска, претседател на Антикорупциска комисија.
Впрочем, ставањето на „предмети во фиоки“, колоквијално кажано, со многу софистициран речник го констатира и Советот на ЕУ во последните заклучоци за РСМ, во рамки на Процесот на проширување и стабилизација и асоцијација:
Советот ја нагласува важноста што треба да ја следат засегнатите институции по препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата, која проактивно ја продолжува својата работа и отвори неколку случаи, вклучително и против високи службеници (види заклучок 59, последен параграф).
Велиме софистициран дипломатски речник, затоа што на почетокот на овој заклучок со број 59, кој се однесува на состојбите во правосудството, Советот на ЕУ вели дека „во областа на правосудството, Советот го поздравува „одредениот напредок“ што е направен преку постојаното спроведување на стратегијата за реформи во правосудството“.
Агелер – недостасуваат истраги и гонења
Впрочем и самата амбасадорка на САД во РСМ, Ангела Агелер, објавувајќи пред неколку дена дека тимот е пристигнат, за мисијата на делегацијата напиша кратко и јасно на Твитер, а пренесе СДК.мк:
Тимот за санкции од Вашингтон е тука заради поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот
Поради сите погоре наведени аргументи може јасно да се заклучи дека посетата на тимот од САД, меѓу другото сведочи и за „пораз на институциите во борбата против корупцијата“, а двосмисленото изјаснување за тоа на пратеничката Калеска-Ванчева, е извртување на вистината, т.е. спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар