Контраспин: Поларизирањето на општеството е, сè уште, под „копирајт“ на ВМРО-ДПМНЕ!

Наум Стоилковски. Фото: скриншот

Од „крвавиот понеделник“ во 2012 г., преку „шуткање авиони“ и исклучување лифтови за време на избори во 2013 г., и преку „крвавиот четврток“ во 2017 г. до денес, авторството за „силување на демократијата“ што доведува до „поларизирање на народот“, е сè уште кај ВМРО-ДПМНЕ

 

Од „крвавиот понеделник“ во 2012 г., преку „шуткање авиони“ и исклучување лифтови за време на избори во 2013 г., и преку „крвавиот четврток“ во 2017 г. до денес, авторството за „силување на демократијата“ што доведува до „поларизирање на народот“, е сè уште кај ВМРО-ДПМНЕ

 

Пишува: Tеофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ на 21.10.2018 испрати повеќе пораки до јавноста, при што може да се детектираат повеќе извртени вистини и спинови:

Спин1: Силувањето на демократијата кое го доживува Република Македонија уште повеќе го поларизира општеството и ја однароди власта. На виделина се покажа вистинската причина за политичкиот терор, за заднината за 27 април, за затворањето на пратеници, уметници, патриоти. Уште еднаш целосното беа погазени Уставот, законите, деловникот, демократијата. Згазени се човековите права, згазени се основите на човечноста и достоинственоста на цел народ. Тоа не се европски западни цивилизациски вредности. Креиран е чин кој води кон етноцид, кон бришење на цел еден народ и неговите одлики!

[Извор: Веб-сајт на ВМРО-ДПМНЕ – датум: 21.10.2018]

 

Спин2: За луѓе кои немаат никакви чувствува кон македонскиот идентитет, историја традиција и култура, нема ништо болно и тешко во бришење на името Република Македонија. За мнозинството Македонци ова претставува национален срам и предавство.

[Извор: Веб-сајт на ВМРО-ДПМНЕ – датум: 21.10.2018]

 

Контраспин: Политиката во Македонија во последните 27 години никогаш не се сметала за многу чесна и достоинствена професија. Таa, сепак, и покрај ваквиот лош имиџ, некои граници во јавните настапи мора да има во однос на пораките, бидејќи тие се упатуваат кон сеопштата јавност, а таа не секогаш е кадарна веднаш да ги процени по однос на фактите.

ВМРО-ДПМНЕ во однос на честотата на искажаните невистини, полувистини или извртени вистини, т.е. спинови, во последните неколку недели како да се надмина во однос на времето на паѓањето на владата на Никола Груевски.

Во само еден говор, една малку подолга изјава на лицето што гласно говори во име на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, изнаредени се повеќе извртени вистини т.е. спинови. Ќе се обидеме по ред да и ги посочиме на јавноста.

 

ОД „КРВАВИОТ ПОНЕДЕЛНИК“ ДО „КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК“

Силувањето на демократијата кое го доживува Република Македонија уште повеќе го поларизира општеството и ја однароди власта, оценува партијата. Но, за да се утврди дали оваа оценка е факт или спин, треба да се одговори во што се состои „силувањето на демократијата“?

Освен една немушта, забрзана и изнасилена комисиска расправа во едно собраниско тело, во досегашните процедури на носење и предлагање закони од јуни 2017 досега, не се забележала некоја поголема дисторизија од процедурите.

За разлика од ова, јавноста може да се потсети со право за тоа кој најверојатно сè уште го има „копирајтот“ на поимот „силување на демократијата“. Од „црниот понеделник“ на 12 декември 2012 г., преку местените избори со „шуткање на авиони“, „превртени камиони со песок“ и исклучување на лифтови на денот на изборите во 2013 г., до недавање на власта по парламентарните избори во 2016 година и организирање на „крвавиот четврток“ на 27 април. За сето ова, на раководни лица од ВМРО-ДПМНЕ и на високи претставници на партијата, веќе им се суди.

На виделина се покажа вистинската причина за политичкиот терор, за заднината за 27 април, за затворањето на пратеници, уметници, патриоти – вели партијата.

Дваесет и седми април, т.н. крвав четврток, се случи и во 2017 година. Преговорите со Грција, Македонија ги почна дури при крајот на истата година, а договорот го склучи во јуни 2018 година. Како може да се поврзат настаните од 2017 година, вистинската реакција на правосудните органи дури после неколку месеци од настанот, притворањето и судењето на учесниците, со сегашните настани за промена на уставот, согласно Договорот од Преспа?

Уште еднаш целосно беа погазени Уставот, законите, деловникот, демократијата. Згазени се човековите права, згазени се основите на човечноста и достоинственоста на цел народ  – вели партијата.

Ништо од оваа не одговара на фактите. Уставот е испочитуван максимално. Законите, ако се мисли на Законот за референдум, е испочитуван, бидејќи станува збор за консултативен референдум, кој иако законски беше неуспешен поради цензусот, не ги ограничува властите да продолжат со некој процес или постапка. Што се однесува до човечноста и достооинството на цел народ, нема потреба да се објаснува.

Креиран е чин кој води кон етноцид, кон бришење на цел еден народ и неговите одлики – вели партијата.

Не може да се разбере како со меѓународен договор кој овозможува процеси на натамошна меѓународна интеграција во организации и сојузи, кои од сите политички сили во РМ декларативно се цел во надворешната политика, плус со договор со кој е заштитен идентитетот и јазикот, може да доjде до етноцид!?

 

ВМРО-ДПМНЕ ИМА „МЕРАЧ“ ЗА СРАМ И ПРЕДАВСТВО?

Но, одговорот на ова прашање лежи во следниот спин на партијата, кој е искажан не на спомената прес конференција на Стоилковски, туку нешто подоцна е пласиран како став/соопштение на ВМРО-ДПМНЕ:

За мнозинството Македонци ова претставува национален срам и предавство.

Ова што го читате е еден од упорно повторуваните спинови од страна на оваа партија. Јавноста треба да се потсети повторно дека ВМРО-ДПМНЕ го нема „мерачот“ на национална гордост и срам, како и мерачот за предавство кај Македонците. Ако се алудира на околу 1,2 милиони избирачи што не гласале, за оние што реално биле во Македонија и не се фиктивна бројка – јавноста не знае каков е нивниот став. Молкот не смее и не може да се толкува како „НЕ“.

Но, како тоа да го разберат од партијата ВМРО-ДПМНЕ, кога за оваа партија и тие што гласале „За“, значи над 600 илјади, се луѓе кои се без никакви чувства кон атрибутите на македонизмот:

За луѓе кои немаат никакви чувствува кон македонскиот идентитет, историја традиција и култура, нема ништо болно и тешко во бришење на името Република Македонија.

Овој став, кој иако е искажан наменски за Зоран Заев, всушност најдобро го дава одговорот кој, навистина сè уште си го присвојува авторското право и т.н. копирајт врз „поларизирањето на народот“ врз основа на „силување на демократијата“. Да не зборуваме за тоа дека е чист спин и ставот – бришење на името. Со еден збор, Спин до спин…

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција