Кравите влијаат врз климатските промени, но никој не ги убива поради тоа

Фото: Katja Fuhlert auf Pixabay

Домашните животни, особено преживарите какви што се и кравите, се значаен емитер на стакленички гасови. Индустријата за говедско месо и млечни говеда е еден од главните придонесувачи за глобалните стакленички гасови, а метанот сочинува околу половина од вкупните стакленички гасови што овој сектор ги испушта. Научниците експериментираат со алтернативни видови храна за да го намалат метанот што го произведуваат кравите и бараат начини за поефикасно управување со ѓубривото со покривање, компостирање или користење за производство на биогас

Домашните животни, особено преживарите какви што се и кравите, се значаен емитер на стакленички гасови. Индустријата за говедско месо и млечни говеда е еден од главните придонесувачи за глобалните стакленички гасови, а метанот сочинува околу половина од вкупните стакленички гасови што овој сектор ги испушта. Научниците експериментираат со алтернативни видови храна за да го намалат метанот што го произведуваат кравите и бараат начини за поефикасно управување со ѓубривото со покривање, компостирање или користење за производство на биогас

 

Објава на социјалната мрежа Threads тврди дека во Европа се убивале крави бидејќи ждригале.

Наместо теории како „Кравите ждригаат да ги убиеме!“, Кина се бори со климатските промени претворајќи ги пустините во зелени оази преку подземни канали за наводнување, стои во објавата.

Точно е дека кравите имаат влијание врз климатските промени. Имено, домашните животни, особено преживарите, се значаен емитер на стакленички гасови. Тие имаат способност да ги користат растенијата и да ги претвораат во хранителни материи кои играат значајна улога во исхраната на луѓето. При тој процес се одвива ентерична ферментација, која освен што претставува интензивен микробиолошки процес во животните, е и извор на стакленички гасови.

Индустријата за говедско месо и млечни говеда е еден од главните придонесувачи за глобалните стакленички гасови. Метанот сочинува околу половина од вкупните стакленички гасови што овој сектор ги испушта. Кравите создаваат метан на два главни начинa: преку нивното варење и преку нивниот отпад.

Кравите се дел од групата животни наречени преживари. Преживарите имаат стомаци со четири различни комори. Овците, козите и жирафите се исто така преживари.

Важен процес наречен ентерична ферментација се одвива во првата комора – руменот. Тоа е кога бактериите ги разложуваат сложените јаглехидрати во едноставни шеќери. Крајните производи на ентерична ферментација од бактерии вклучуваат испарливи масни киселини (ВФА) како и гасови, како што се јаглерод диоксид и метан. ВФА се апсорбираат низ ѕидовите на руменот и се транспортираат до црниот дроб каде животните ги користат за енергија.

Она што го јадат кравите има големо влијание врз тоа колку метан произведуваат. Варењето на одредени видови храна произведува повеќе метан од варењето на друга храна. На пример, варењето на сеното и тревата произведува повеќе метан од пченката. Научниците проучуваат алтернативи за храна за крави што може да произведува помалку метан.

Дополнително, како последица на одгледувањето на домашните животни на фармите, се собираат значајни количини на шталско ѓубре. Шталското ѓубре содржи измет, урина, техничка вода и простирка. Со оглед на високата влажност и специфичниот состав, во ѓубрето се развиваат активни микробиолошки процеси, кои како последица имаат емисија на метан, амонијак и азотни оксиди. Сите овие гасови се во групата на стакленички гасови, кои се причинители на климатските промени.

Точно е дека кравите придонесуваат за глобалното затоплување и климатските промени, но никој не ги убива поради тоа, туку се преземаат други мерки.

Вистиномер веќе пишуваше за тоа дека Холандија сака да го ограничи бројот на грла поради емисијата на амонијак, азотни оксиди кои оштетуваат области на уникатни природни пејзажи познати како „Натура 2000″. Овие хабитати познати како „Натура 2000″, Холандија е обврзана да ги заштитува со законите на ЕУ. Според известувањата на Гардијан, за да се постигне ова, потребно ќе биде да се намалат емисиите на локални азотни соединенија меѓу 12 и 70 проценти, како и намалување на 118 милиони животни во Холандија до 2030 година, според проекциите на холандската агенција за оценка на животната средина.

На средината на 2023 година имаше обид за земјоделски договор во Холандија кој беше во фаза на преговори со месеци, а чија цел беше да се дејствува за да се намалат последиците на кризата со азот, бидејќи директивите на ЕУ ја принудуваат земјата значително да ги намали емисиите на азот.

Од Холандија се бараше да ги намали токсичните облаци од амонијак создадени од сточното ѓубриво. Лидерите во Холандија мораа да преземат акција брзо, зашто во спротивно земјата можеше да се соочи со парични казни, судски спорови и повеќе затворања на градежни проекти со судски налог.

Данската влада, на пример, се договори со фармерите, производителите и еколошките групи да ги оданочува емисиите на метан произведени од домашни животни како крави и свињи од 2030 година.

Ќе бидеме првата земја во светот што ќе воведе реален данок на CO 2 во земјоделството. Другите земји ќе бидат инспирирани, рече Џепе Брус, министер за даноци, пренесува Макфакс.

Данска, која има за цел дотогаш да ги намали емисиите на стакленички гасови за 70 отсто, одлучи да го таргетира метанот што го испуштаат кравите, свињите и овците.

Метанот несомнено е значаен придонесувач за климатската криза. Затоа, неговото лимитирање е ефикасна мерка што треба да се спроведе заедно со другите во борбата против глобалното затоплување.

Советникот за прехранбени системи и земјоделство на УНЕП, Џејмс Ломакс, вели дека светот треба да започне со „преиспитување на нашите пристапи за земјоделско одгледување и сточарско производство“. Тоа вклучува искористување на новата технологија, пренасочување кон диети богати со растенија и прифаќање на алтернативни извори на протеини. Ломакс вели дека тоа ќе биде клучно доколку човештвото сака да ги намали емисиите на стакленички гасови и да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 °C, цел на Договорот за климатски промени во Париз.

Земјоделците можат да помогнат во кампањата за намалување на емисиите на метан доколку им обезбедат на животните повеќе хранлива храна за да бидат поголеми, поздрави и попродуктивни… Научниците, исто така, експериментираат со алтернативни видови храна за да го намалат метанот што го произведуваат кравите и бараат начини за поефикасно управување со ѓубривото со покривање, компостирање или користење за производство на биогас.

Од сето ова можеме да заклучиме дека кравите влијаат врз климатските промени преку гасовите кои ги испуштаат, но никој не ги убива поради тоа. Научниците разгледуваат решенија за намалување на емисијата на метан кој го произведуваат кравите. Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како делумно неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција