Мета факт: Градоначалникот Митевски набави лаптопи за ученици од социјално-ранливи категории

Основно училиште „Кочо Рацин“ во Општина Петровец | Фото: Мета.мк

Дваесет ученици од социјално ранлива категорија се опремени со таблет компјутери. Преносни компјутери – лаптопи се обезбедени за 56 наставници, 4 стручни соработници, 2 административен персонал и директор. Со ЛЦД проектори се опремени 39 училници и кабинети во централното училиште во Петровец и подрачните во Огњанци и Катланово, велат во општина Петровец

 

Актуелниот градоначалник на општина Петровец, Борче Митевски, во својата предизборна програма вети поддршка за социјално-ранливите семејства, преку набавка на дигитални уреди за образование, како и набавка на лаптопи за наставниците во училиштата во оваа општина. Според одговорите што ги добивме од општинарите, овие уреди се набавени, по што може да се заклучи дека ветувањата што ги дал градоначалникот пред граѓаните, се исполнети.

Како што е наведено во предизборната програма од 2021, Митевски ветил поддршка на социјално ранливи категории граѓани, со набавка на дигитални уреди за образование. Покрај тоа, ветил и инвестиции во наставнит кадар, подобрени услови за работа и е-училиште.

„Ќе се инвестира во наставниот кадар, со тоа што ќе се обезбеди учество на обуки, семинари и конференции и други активности кои што ќе придонесат за нивниот професионален развој. Подобри материјално-технички услови и за работа и доопремување на училиштата со информатичко-компјутерска технологија“, наведено е во програмата, во делот за образование. 

Мета исконтактира со одговорните во општината Петровец, од каде што информираа дека овие ветувања се исполнети. Оттаму наведуваат дека за социјално ранливите семејства, градоначалникот веќе обезбедува еднократна парична помош, а тоа го прави и за ученици од основното образование од социјално загрозени или еднородителски семејства, а освен тоа има парична помош и за деца со попреченост до 26 годишна возраст.

„Дваесет ученици се опремени со таблети од социјално ранлива категорија. Преносни компјутери – лаптопи се обезбедени за 56 наставници, 4 стручни соработници, 2 административен персонал и директор. Со ЛЦД проектори се опремени 39 училници и кабинети во централното училиште во Петровец и подрачните во Огњанци и Катланово. Нови 12 компјутери има во кабинетот по информатика“, пишува во одговорите од општина Петровец.

Оттаму додаваат дека на обуки, семинари и конференции учествуваат наставници, администартивен персонал и директор, а се организирани од Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, како и други акредитирани установи.

Врз основа на одговорите до кои дојде Мета, може да се заклучи дека ветувањата за поддршка за социјално-ранливите семејства како и за наставниците, се исполнети.

 

ИЗВОРИ:

Предизборна програма на кандидат за градоначалник Борче Митевски, 2021 (проверено на 23.07.2024)

Официјални одговори на новинарски прашања од општина Петровец (25.07.2024)

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција