НАСА не соопшти дека со новата ракета „ќе можеме да одиме каде сакаме“

Фото: nasa.gov

Како што е објавено на страницата на НАСА, ракетата за која се зборува (pulsed plasma rocket) научниците се стремат да ја создадат за заштитени брзи транзити на луѓето до планетата Марс, но активностите околу ракетата се однесуваат на патувањата на научниците, на астронаутите, а не на обичната популација. Со инвестицијата во новата ракета ќе се скрати времето на патување на астронаутите, на научните мисии и никаде не се наведува дека обични луѓе ќе патуваат на Марс

Како што е објавено на страницата на НАСА, ракетата за која се зборува (pulsed plasma rocket) научниците се стремат да ја создадат за заштитени брзи транзити на луѓето до планетата Марс, но активностите околу ракетата се однесуваат на патувањата на научниците, на астронаутите, а не на обичната популација. Со инвестицијата во новата ракета ќе се скрати времето на патување на астронаутите, на научните мисии и никаде не се наведува дека обични луѓе ќе патуваат на Марс

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Тредс во која пишува:

НАСА смета дека оваа радикална ракета на Марс може да го револуционизира патувањето во вселената: „Ќе можеме да одиме каде сакаме!“
Наспроти изнесеното во насловот (во склоп на објавата се споделува и текст со истиот наслов), НАСА не информирала дека со оваа ракета „ќе можеме да одиме каде сакаме“ во вселената.
Како што е објавено на страницата на НАСА, ракетата за која се зборува (pulsed plasma rocket – PPR) научниците се стремат да ја создадат за заштитени брзи транзити нa луѓе до планетата Марс, при што се  додава и дека иднината на цивилизацијата во вселената ќе зависи од способноста товарот и луѓето да се движат ефикасно и брзо.
Поради екстремно големите растојанија кои се вклучени во вселенското патување, леталото мора да достигне високи брзини за транзитот на мисијата да се заврши за разумно време. Така, погонскиот систем кој произведува висок потисок со висок специфичен импулс е од суштинско значење. Сепак, такви технологии во моментов не се достапни. (Компанијата) Howe Industries моментално развива погонски систем кој може да генерира до 100.000 њутни потисок со специфичен импулс (Isp) од 5.000 секунди. Pulsed plasma rocket првично е изведена од концептот Pulsed Fission Fusion, но е помала, поедноставна и подостапна. Исклучителните перформанси на PPR, комбинирајќи висок Isp и висок потисок, имаат потенцијал да предизвикаат револуција во истражувањето на вселената. Високата ефикасност на системот овозможува мисии со екипаж на Марс да се завршат во рок од само два месеци, пишува на сајтот на НАСА.
На сајтот се додава и дека ракетниот систем овозможува транспорт на многу потешки вселенски летала, опремени со заштита од галактички космички зраци, со што се намалува изложеноста на екипажот на ваквите зраци, кои се штетни за луѓето.
Системот може да се користи и за други далечни мисии како што се оние до астероидниот појас или дури и до локацијата 550 AU, каде што може да се разгледаат фокусите на гравитационите леќи на Сонцето. PPR овозможува сосема нова ера во истражувањето на вселената, наведуваат од НАСА.
Студијата во првата фаза се фокусираше на голем, многу заштитен вселенски брод за транспорт на луѓе и товар на Марс за развој на база на Марс. Главните активности вклучуваа проценка на неутрониката на системот, дизајнирање на леталото, електроенергетскиот систем и потребните потсистеми, анализа на способностите на магнетната млазница и одредување траектории и придобивки од PPR.
Во втората фаза се планира да се намали тежината на моторот, да се изведуваат експерименти за главните компоненти и да се комплетира дизајн на вселенското летало за мисии на Марс.
Исто така, активностите околу ракетата се однесуваат на патувањата на научниците, на астронаутите, а не на обичната популација. Со инвестицијата во новата ракета ќе се скрати времето на патување на астронаутите, на научните мисии и никаде не се наведува дека обични луѓе ќе патуваат.

Сето ова покажува дека со овој нов погон, ако успешно се имплементира, ќе може побрзо да се стигне до Марс. Кога, пак, станува збор за нешто поамбициозно, НАСА не планира транспорт на луѓе, туку станува збор за користење на овој погон за спроведување научни експерименти. Еве што вели сајтот на НАСА за ова:

Системот може да се користи и за други далечни мисии како што се оние до астероидниот појас или дури и до локацијата 550 AU, каде што може да се разгледаат фокусите на гравитационите леќи на Сонцето, наведуваат од НАСА.

Под „локацијата 550 AU“ се мисли на локација со оддалеченост која е 550 пати поголема отколку оддалеченоста меѓу сонцето и земјата. Оддалеченоста меѓу сонцето и земјата е единица мерка наречена „астрономска единица“ (astronomical unit – AU). Оддалеченоста од 550 астрономски единици е важна зашто, според пресметките на Алберт Ајнштајн, од таква оддалеченост сонцето може да се користи за физичкиот ефект на гравитациска леќа, која, пак, се смета за еден од најдобрите методи за да се добие директна слика од планети надвор од сончевиот систем, со цел да се откријат такви кои евентуално би биле погодни за населување. Но, овде говориме за многу големи растојанија, за чии надминувања е потребно долго време.

Оддалеченоста меѓу Земјата и најоддалечената планета од сонцето – Плутон изнесува над 33 AU, додека вселенскиот брод Војаџер, кој има отидено најдалеку од Земјата, за 38 години помина само 108 AU. Ова значи дека на Војаџер би му биле потребни 193 години да помине растојание од 550 AU. Доколку, пак, оваа технологија успешно се развие, со оглед на тоа што мисии до Марс се предвидени да траат два месеци, тоа, сепак, значи дека мисии до другите планети во сончевиот систем сè уште би траеле со години, а оние на крајот од сончевиот систем со децении, додека патување до точка оддалечена 550 AU би траело повеќе од животниот век на човекот. А, пак, кога станува збор за патувања со такви долги времетраења се појавува проблемот со изнаоѓање на енергетски извор за самото летало, како и со простор за неопходните продукти од сите видови за екипажот.

Сето ова покажува дека дури и ако овој погон успешно се развие, ние нема да можеме „да одиме каде сакаме“. Таквото тврдење е погрешно. Со оглед на ваквиот наслов во објавата и во линкуваниот напис, оваа содржина ја оценуваме како делумно невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција