Не е точно дека ХИВ не е изолиран

Фото:Gerd AltmannPixabay

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме ХИВ вирусот е изолиран на 20 мај 1983 година од страна на вирусолози од Институтот Пастер. Опсервацијата направена со микроскоп потоа е потврдена со публикација во научното списание Сајнс, престижен медицински журнал. ХИВ 1 е секвенциониран во 1985 година, а ХИВ 2 неколку години подоцна. Германскиот биолог Стефан Ланка кој зборува во видеото, е познат по своите нелогични ставови дека вирусите не постојат

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме ХИВ вирусот е изолиран на 20 мај 1983 година од страна на вирусолози од Институтот Пастер. Опсервацијата направена со микроскоп потоа е потврдена со публикација во научното списание Сајнс, престижен медицински журнал. ХИВ 1 е секвенциониран во 1985 година, а ХИВ 2 неколку години подоцна. Германскиот биолог Стефан Ланка кој зборува во видеото, е познат по своите нелогични ставови дека вирусите не постојат

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ЗОШТО НИКОГАШ НЕ Е ИЗОЛИРАН ВИРУСОТ НА ХИВ???
 Др Стефан Ланка јасно, аргументирано ја демантира лагата “ИЗОЛАЦИЈА НА ВИРУС” тогаш на која основа се прогласуваат пандемии, без видлив причинител?!? 
Дали и вирусологијата е базирана на лаги???
 Дали и “вирусите” се лага со една цел ВАКЦИНИ ПРОТИВ ВИРУСИ???
 Добро би било ова четиво, да го слушнат вирусолозите, инфектолозите, епидемиолозите, имунолозите, педијатрите и други, кои се бават со оваа квази наука на злото.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме ХИВ вирусот е изолиран на 20 мај 1983 година од страна на вирусолози од Институтот Пастер. Опсервацијата направена со микроскоп потоа е потврдена со публикација во научното списание Сајнс, престижен медицински журнал. ХИВ 1 е секвенциониран во 1985 година, а ХИВ 2 неколку години подоцна. Благодарение на секвенционирањето на ензимот клучен за вирална репликација (транскриптазе), е креиран првиот антиретровирален лек АЗТ во 1987 година. Лук Монтание е вирусологот што го откри ХИВ вирусот заедно со членови од неговиот тим на Пастер институтот, меѓу кои и Франсоа Бар Синуси. Монтание и неговиот тим испитувале примероци од пациенти со СИДА во 1983 година и го пронајдоа вирусот кој подоцна е познат како ХИВ.

Инаку германскиот биолог Стефан Ланка кој зборува во видеото, е познат по своите нелогични ставови во коишто тврди дека вирусите не постојат, па дури и се обложи во 100 илјади долари дека сипаниците не се вирус, по што му беа доставени научни студии во кои се докажува спротивното, па тој одбиваше да ги плати парите. 

Научниот консензус дека ХИВ е причинител на СИДА е конклузивен. Тврдењата на оние што го негираат ХИВ се псевдонаука базирана на теории на заговор, погрешни заклучоци, одбирање некои факти, а занемарување на други, како и погрешно претставување на застарени научни податоци.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ју Ес Еј Тудеј, здравствените агенции се согласуваат дека ХИВ е причинител на СИДА и има огромни научни докази за да се докаже тоа. Експертите велат дека долга листа на експерименти и студии покажале каузална врска меѓу ХИВ и СИДА.

ХИВ е вирус што го напаѓа човековиот имун систем на начин што се закачува за клетките на имунолошкиот систем и ги убива. Ова предизвикува имунолошкиот систем да престане да функционира.

За среќа постои ефективен третман со лекови против ХИВ наречени антиретровирална терапија. Ако се зема како што е препишана, оваа терапија може да го намали нивото на ХИВ во крвта на многу ниско ниво. Ова се нарекува вирална супресија. Луѓето со ХИВ што земаат лекови може да живеат долг и здрав живот и да не го пренесат вирусот на нивните ХИВ негативни партнери преку сексуален контакт.

Клучен доказ кој докажува дека ХИВ е причинител на СИДА се студиите каде секој што прима терапија која го таргетира ХИВ, искусува намалување на вируост. Исто така, развиени се тестови на крвта кои точно го идентификуваат вирусот во луѓето со СИДА. Не постои инфективна болест во историјата на медицината со волку докази. Конклузивна е. Сите што го тврдат спротивното не знаат што зборуваат, вели  за Ју Ес Еј Тудеј доктор Роберт Гало, вирусолог кој е еден од оние што го открија ХИВ.

Друг доказ може да се најде во постулатите на Кох, кои се користат кај истражувањата на инфективни болести за да се утврди каузалноста, вели Денис Буртон претседател на истражувачки институт за имунологија и микробиологија. Има три видови на докази кои ги исполнуваат постулатите на Кох и покажуваат дека ХИВ предизвикува СИДА.

Првиот е епидемиологија. Присуството на вирусот и анти ХИВ антителата е поврзано со прогресијата на СИДА во различни кохорти луѓе на различни локации ширум светот. Второ, ХИВ може да биде изолиран од пациенти со СИДА или пак неговото присуство може да биде покажано со сензитивни техники. Трето, трансмисијата на ХИВ кај луѓето и мајмуните води до СИДА. Ова е покажано кај луѓето кои случајно и ненамерно се изложени на вирусот и кај заболекарот од Флорида кој пренел одредена варијанта на неговите пациенти кои потоа развиле СИДА. А кај мајмуните, СИДА може да се предизвика од СИВ вирусот, близок ,,братучед” на ХИВ, вели тој за Ју Ес Еј Тудеј.

Проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека вирусите штетни за луѓето, докажано е дека постојат.

Линда Коулин, вирусолог и професор по микробиологија во Маунт Синај болницата за Ројтерс вели:

Тврдењето дека не постои вирус кој е штетен по луѓето а кој е докажано дека постои, е апсолутно невистинито. Има бројни примери на вируси кои е познато дека предизвикуваат заболувања кај луѓето. На истиот начин на кој можеме да ја следиме ДНК на местото каде се случило некое злосторство или кривично дело, така научниците можеме да ги идентификуваме вирусите кои причинител на човековите болести, на начин што ги изолираме од инфицирани индивидуи, ги секвенционираме нивните генетски материјали за да ги идентификуваме, директно ги гледаме под електронски микроскоп и индиректно ги визуелизираме нивните ефекти врз клетките, како и ја потврдуваме нивната способност да предизвикаат болест преку тестирање на изолирани и карактеризирани вируси на животински модели.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не е точно дека ХИВ вирусот никогаш не е изолиран, напротив тој е изолиран, постојат третмани кои го намалуваат неговото негативно дејство врз имунитетот и овозможуваат квалитетен живот со ХИВ за лицата кои се носители.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција