Судот во Германија воопшто не расправал дали вирусот на мали сипаници постои

Штутгард Фото: ReginaPixabay

Судот во Германија не одлучувал за тоа дали вирусот на сипаници постои или не постои, туку одлучувал во граѓански спор за ветено плаќање меѓу две лица во врска со ветена награда. Исто така не е вистина дека „секој месец пуштаат вирус“. Со таквата реченична формулација се алудира дека вирусот е намерно пуштен, што не е вистина. Кога има низок вакцинален опфат, се враќаат вакцинопревентабилните болести поради намален колективен и индивидуален имунитет

Судот во Германија не одлучувал за тоа дали вирусот на сипаници постои или не постои, туку одлучувал во граѓански спор за ветено плаќање меѓу две лица во врска со ветена награда. Исто така, не е вистина дека „секој месец пуштаат вирус“. Со таквата реченична формулација се алудира дека вирусот е намерно пуштен, што не е вистина. Кога има низок вакцинален опфат, се враќаат вакцинопревентабилните болести поради намален колективен и индивидуален имунитет

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Само вие боцкајте ги дечињата, секој месец вирус ќе пуштаат. Мислете со тиквите, родители без мозок.

Во склоп на објавата се споделува фотографија на која е испишано:

Биологот Стефан Ланка кој е антиваксер се обложува над 100 илјади долари дека сипаниците не се вирус. Тој победи во германскиот Сојузен Врховен суд. Со профилактичка вакцинација на возрасните и особено на децата против мали сипаници, фармацевтската индустрија заработи милијарди во период од 40 години. Судиите на германскиот Сојузен Врховен суд потврдија во неодамнешната пресуда дека вирусот на сипаници не постои. Понатаму, не постои ниедна научна студија во светот која би можела да докаже…

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, германските судии во судскиот случај не пресудиле дали постои вирусот на мали сипаници или не. Судиите кои суделе во судски случај во Германија меѓу 2013 година и 2016 година за вирусот на сипаници, решавале за граѓанска парница за ветено плаќање, а  не решавале за тоа дали постои или не вирусот, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме.

Судиите кои решаваа за оваа тужба и жалбите кои произлегоа од неа, не пресудија и не судеа за тоа дали постои вирусот на сипаници или не и тоа посебно го истакнаа на суд. Во овој случај, кој траеше три години, всушност стануваше збор за спор меѓу две лица, кои имаа спротивставени гледишта за постоењето на вирусот, околу плаќање при што едната страна тврдеше дека другата ѝ должи, пишуваат проверувачите на факти на „Ројтерс“.

Временската рамка на настаните е јасна и ќе ја образложиме во продолжение.

На 24 ноември 2011 германскиот биолог Стефан Ланка, кој е споменат во објавата (описот на фотографијата што се споделува во објавата), онлајн соопшти дека „ќе го награди со 100 илјади евра оној што ќе му достави научна публикација која докажува дека постои вирусот на сипаници и што ќе ја докаже големината на овој вирус“.

Ланка претходно јавно тврдеше дека ХИВ вирусот што предизвикува СИДА „не постои“.

Доктор Дејвид Барденс, одговорил на предизвикот на Ланка и на 31 јануари 2012 година му доставил шест студии со кои сметал дека докажува дека вирусот на сипаници постои и колкава е неговата големина.

Но, на 6 март истата година, Ланка му одговорил дека „студиите не ги задоволуваат неговите критериуми и дека не ги задоволуваат неговите стандарди за може со нив нешто да се докаже, па нема да му ја плати на Барденс наградата од 100 илјади евра.

Барденс потоа го тужел Ланка и првостепениот суд во Равенсбург пресудил во негова полза на 12 март 2015 година, наложувајќи му на Ланка да ги исплати стоте илјади евра како награда.

Ланка ја обжалил пресудата и на 16 февруари 2016 година Повисокиот регионален суд во Штутгард ја поништил првостепената судска одлука, кажувајќи дека во строго легалистичка смисла, шесте студии доставени од Барденс не ги исполнувале критериумите на Ланка за да докажат дека вирусот на сипаници постои, пренесе Дојче Апотекер Цајтунг, независен фармацевтски журнал. 
Тројцата судии не го спореле и не одлучувале за прашањето дали вирусот постои или не. Но, судот ја сметал наградата од 100 илјади евра за „ветување“, а не за „награда“ и затоа Ланка можел да ги постави условите и критериумите што требало да бидат постигнати, што вклучувало и да биде слободен да не ги прифати студиите понудени од Барденс.
Во одлуката на повисокиот суд, судијата забележал дека „со првостепената судска одлука е докажано дека студиите доставени од Барденс сите шест на број кога се гледаат како една целина, обезбедуваат докази за постоењето на вирусот на сипаници и дека овие резултати се неспорни“, пишуваат проверувачите на факти на „Ројтерс“.
Но, повисокиот суд исто така забележал дека еден од критериумите на Ланка, бил „доказот да е содржан во една единствена научна студија, а не во повеќе студии“ и дека „тој критериум не бил запазен од Барденс“.
Судот, исто така, пресудил дека „зависело од Ланка што ќе плати, како страна што ветила награда“.
Во истата клаузула, судот сугерирал дека Ланка не сакал навистина доказ за постоењето на вирусот и дека не сакал да го олесни процесот за потенцијалните апликанти за парите.
Сте можеле да доставите 600 студии, но тој не би ви прифатил ниедна, изјавил судијата Олешкевиц. 
Судијата Олешкевиц, исто така, кажал дека неговата одлука не се однесува за тоа дали постои или не постои вирусот на сипаници:

Тоа е чисто законска одлука која се однесува на формулацијата во тужбата.

Барденс сакал да го продолжи судскиот спор пред Федералниот суд, највисок суд за граѓанска и кривична правда во Германија, но оттаму му ја одбиле жалбата во декември 2016.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека „судот во Германија потврдил дека вирусот на сипаници не постои“. Судот не одлучувал за тоа дали вирусот на сипаници постои или не постои, туку одлучувал во граѓански спор за плаќање меѓу две лица во врска со ветена награда.

Исто така, не е вистина дека „секој месец пуштаат вирус“. Со таквата реченична формулација се алудира дека вирусот е намерно пуштен, што не е вистина. Ваквата формулација алудира на постоење на заговор дека некои (луѓе, институции, што и да е) „пуштаат“ вируси. За ова нема никаков доказ. Особено ако се знае дека вирусите никој не ги „пушта“, туку тие претставуваат дел од синџирот на животот и еволуцијата и постоеле уште од најраната појава на примитивните форми на живи суштества на планетата.
Кога има низок вакцинален опфат, се враќаат вакцинопревентабилните болести поради намален колективен и индивидуален имунитет. Токму колективниот имунитет и заштитата на оние кои поради возраста не смеат да се вакцинираат, односно најранливите категории, е суштината и поентата на детската имунизација.

 

Овој напис е дел од заеднички проект на над 50 организации под водство на Европската мрежа за стандари при проверката на факти за справување со дезинформациите околу европските избори во 2024 година. Повеќе можете да дознаете на elections24.efcsn.com

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција