Не е точно дека Макита доделува опрема за зашрафување за 123 денари
Станува збор за измама со цел прибирање лични и банкарски податоци. Постот е споделен од Фејсбук страницата „Само денес“ којашто нема долга историја. Единствените постови на неа се лажните промоции, нема ни компанија што стои зад неа, ниту телефонски број за контакт. Ваквите промоции имаат и граматички грешки, лоши преводи, лажни профили кои пишуваат наводни коментари на задоволни корисници, а сето тоа со цел да ја направат измамата поверодостојна
Станува збор за измама со цел прибирање лични и банкарски податоци. Постот е споделен од Фејсбук страницата „Само денес“ којашто нема долга историја. Единствените постови на неа се лажните промоции, нема ни компанија што стои зад неа, ниту телефонски број за контакт. Ваквите промоции имаат и граматички грешки, лоши преводи, лажни профили кои пишуваат наводни коментари на задоволни корисници, а сето тоа со цел да ја направат измамата поверодостојна
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:
Неверојатна понуда! Makita 18v шрафер само за 123 македонски денари! Замовете сега и зачекајте го вашето ново алатче во рок од неколку дена. Количините се ограничени, кликнете на копчето “Замовете одма” под фотографијата.
Прво мислев дека тоа е лагање затоа што цената е многу ниска. Но буквално по три дена го добив шрафувачот. Уредот е нов, не фалшив. Препорачувам со оцена 10/10.
Мојот брат работи на складот на Макита и ми раскажа за оваа распродажба. Си порачав и ја препорачав на моите пријатели. Благодарам Макита за овие попусти.
Makita ги раскина договорите со половина од земјите од Европската Унија на 21 јануари 2023 година! Причината за оваа одлука беше намалувањето на побарувачката за производите на Makita, Makita одлучи да ги раскине договорите со поголемиот дел од продавниците лоцирани на територијата на Европската унија. Makita решија да го подарат преостанатиот производ на Makita Drill 18. Бројот на награди не е објавен, но нема да надмине 200. Денес е 18 June 2023, Вие сте избрани по случаен избор да учествувате во оваа лотарија. Ќе помине минута и ќе добиете награда: Makita Drill 18V!

Ќе ни помогне да откриеме дали се квалификувате за победник и да ја подобриме нашата услуга за клиенти.
Имаат само 5 минути да го завршат квизот и да побрзаат зашто бројот на награди е ограничен.
Прашањата се дали живеете во Македонија, дали имате над 18 години, дали ви се допаѓаат производите на Макита, дали ви се допаѓаат цените на Макита и дали би препорачале Макита на пријателите?
По одговарањето на овие прашања, корисникот е лажно известен дека:
Треба само да ја плати доставата од 123 денари и ќе му биде испорачан производот за три до пет работни дена.
Истата формула е искористена голем број пати со различни компании, а секогаш жртвите се цел на финансиска измама, односно крајниот резултат е претплата на некоја сосема неповрзана услуга со она кое е наведено во лажната реклама или лажната промоција. Под невистинито ветување дека ќе добие награда односно бесплатен производ, корисникот, всушност, е наведен да остави свои лични и банкарски податоци, како податоци од својата кредитна или дебитна картичка, кои понатаму на различен начин се злоупотребувани.
Вистиномер веќе пишуваше за вакви невистинити наградни игри и промоции во кои се злоупотребени различни брендови за накит, бела техника, апарати за домаќинство, мебел, ланци на супермаркети итн.
Доколку на социјалните мрежи забележите неверојатни промоции, секогаш бидете внимателни и проверувајте од кој организатор на истите тие доаѓаат. Проверката треба да се однесува и на Фејсбук страницата од која се споделуваат промоциите, од којашто може многу да се дознае за валидноста на промоцијата.
Така во конкретниот пример, во постот што го рецензираме, евидентно е дека тој е споделен од Фејсбук група со име „Само денес“. Оваа страница нема долга историја, единствените постови на неа се лажните промоции, нема компанија којашто стои зад неа, нема телефонски број за контакт за да исконтактирате со некого во случај на проблем или доколку имате некакво прашање.
Ова е уште еден показател како функционираат измамите на Фејсбук од страна на лица или групи што сакаат да ги наведат корисниците да оставаат свои лични и финансиски информации, кои подоцна се злоупотребуваат, а наградата никогаш не пристигнува. Во огромен број од случаите, како и во случајот со постот што го рецензираме, овие промоции имаат граматички грешки, лоши преводи, лажни профили кои пишуваат наводни коментари на задоволни корисници, сето тоа со цел да ја направат измамата поверодостојна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар