Недоследно е да се повикува на оставки во Советите на ААВМУ и МРТ кога нема Собрание

Снежана Калеска Ванчева. Фото: СДСМ/веб

 

Снежана Калеска-Ванчева, координаторка на Форумoт на жени на СДСМ и (екс)пратеничка од последниот состав на Собранието на РСМ, на прес конференција изнесе ставови на партијата во која може да се препознае недоследност:

Ги повикуваме кадрите на ВМРО-ДПМНЕ веднаш да дадат неотповикливи оставки од своите позиции како членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ и да се отворат вратите за нивна целосна професионализација.

Потребно да се изврши избор согласно новите законски одредби, што ќе значи департизирање и професионализирање и на Советот на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТ.

Професионализацијата на Агенцијата и МРТ е од особено значење за реформата на медиумите и унапредување на демократските вредности во државата. Реформите мора да продолжат во интерес и на државата, на граѓаните, но и на медиумите.

[Извор: СДСМ/веб –Прес на С.Калеска-Ванчева – датум: 21.04.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Прес конференцијата на СДСМ на која говореше Калеска–Ванчева беше организирана по повод најновиот извештај на „Репортери без граници“ за степенот на медиумските слободи во светот, при што, резултатот дека земјата е на подбора позиција од три места, беше исползуван за да се пофалат политиките на владејачката партија и да се искритикува претходниот период во кој владееше ВМРО-ДПМНЕ во однос на степенот на медиумските слободи.

Но, притоа, во повикот на СДСМ упатен преку Калеска-Ванчева, се детектира недоследност, во зборовите „кадрите на ВМРО-ДПМНЕ веднаш да дадат неотповикливи оставки“ од позициите на Советот на Агенцијата за медиуми и од Програмскиот совет на јавниот сервис МРТ.

Недоследноста е на две нивоа. Првото е ако сега дадат оставки и ААВМУ и МРТ, де факто ќе останат без раководства. Имено, Законот за ААВМУ, каде се регулира начинот на избор на членови на двата совети, предвидува тој избор да се извршува во Собранието, преку процедура која започнува со распишување оглас од страна на Претседателот на Собранието, се продолжува преку расправа во Комисијата за избори и именувања и на крај, на пленарна седница се избираат новите членови со двотретинско мнозинство.

Бидејќи Собранието е самораспуштено (и без оглед на обидите да се состане), а во земјата со одлука на Претседателот Стево Пендаровски е воведена вонредна состојба, изборите беа одложени и не се знае кога ќе бидат закажани, сосема е јасно дека новите раководства на ААВМУ и на МРТ нема да можат да бидат избрани најмалку една година отсега. Оттука, која е логиката во повикот под итно да си дадат оставки кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во двата Совета? Дали оние што ќе останат во Советите ќе имаат легитимитет да управуваат со институциите? Дури и Владата да реши да именува свои кадри со оглед на актуелната вонредна состојба, таквиот чекор би бил проблематиччен од законска и уставна гледна точка.

Втората недоследност влече корени нешто повеќе од една година наназад. На крајот од јануари 2019 година, Талат Џафери распиша оглас за избор на нови членови на двата совета. Луѓето конкурираа и чекаа изборниот процес да дојде пред Комисијата за избори и именувања во Собранието, со која раководеше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. После неколкумесечно незакажување на постапката за јавно сослушување на пријавените кандидати, со образложение дека немало постигнато консензус меѓу власта и опозицијата за ова прашање, а во меѓувреме дојде и до промена на составот на Комисијата во која власта го загуби мнозинството, стана јасно дека овој избор е проблематичен и дека е прашање дали до крајот на мандатот на Собранието ќе се заврши. Така и бидна. Собранието се распушти на 16-ти февруари 2020 г., а прашањето не дојде на дневен ред, освен една мала измена во законот за ААВМУ со која се регулираше техничко прашање за кабелските оператори.

Оттука и второто прашање: што презедоа пратениците од партиите на власта да го деблокираат овој застој во Комисијата за избори и именувања? Тие очигледно не ги исползуваа процедуралните и деловничките можности да го надминат застојот, да го стават прашањето на дневен ред и да се овозможи изборот. Причините можеби се повеќеслојни – од проценка дека „е претешко“ да го туркаат изборот по заобиколен пат, до тоа дека можеби имало проценка дека и за новопријавените кандидати нема да имаат согласност, дури и внатре во коалициските редови, нешто за што отворено се посомневаа двајца од кандидатите во разговор со авторот на текстов, но за тоа говори и една одлука за измена на законот за што веќе е пишувано (види линк ТУКА).

Поради сѐ погоре наведено, и иако нема сомневање дека СДСМ направил подобрување во поглед на политиките за медиумски слободи, а некои работи ги направил и погрешни, како што е финансирањето на медиумите за време на изборни кампањи, повикот за оставки на членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на советите на ААВМУ и МРТ, го оценуваме како недоследно барање.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција