Неизгласувањето на мерките на Омбудсманот не е техничка грешка, туку неодговорност

Пратениците биле „немарни и неконцентрирани“ па затоа го „преспале“ извештајот на Народниот правобранител Фото: Принтскрин

Независно дали биле расеани, збунети или неконцентрирани, факт е дека не гласале за мерките содржани во извештајот на Народниот правобранител каде се наведени препораките на Прибе И тоа не е во никој случај „техничка грешка“, туку неодговорна постапка на Собранието, пред сѐ на парламентарното мнозинство.

 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев  и пратеникот од ДУИ, Артан Груби на 07.11.2017 во Собранието ги дадоа следните изјави во врска со неусвојувањето на  предложените мерки на Народниот правобранител за подобрување на состојбата со човековите права:

Тунтев: Вчера тоа што се случи е технички пропуст. Беше спинувано и, како да кажам, на еден груб начин беше повредена вистината. Се работеше за технички пропуст затоа што во моментот во салата имаше доволен број пратеници, меѓутоа сите не гласаа…Се работи за технички пропуст затоа што во моментот сите присутни пратеници кои беа во салата не го притиснале копчето, не гласале, меѓутоа нема начин како тоа да се врати, тоа ни беше објаснето од страна на претседателот  и ние овој технички пропуст ќе го решиме на тој начин што како координатори на најголемите пратенички групи се договоривме уште еднаш да поминеме низ текстот и како наш предлог да го доставиме до Собранието…

[Извор: А1 ОН (од 08 до 1, 30 минута од видеото)Датум: 06.11.2017]

 

Артан Груби: Нашето владејачко мнозинство е определено да даде поддршка на препораките на народниот правобранител и вчерашниот настан на седницата на Собранието на Република Македонија, всушност беше превид и техничка грешка

[Извор: Канал 5 (од 0,26  до 0,40 минута од видеото)Датум: 06.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавите на пратениците Томислав Тунтев од СДСМ и Артан Груби од ДУИ во кои  неизгласувањето на  препораките за надминување на констатираните состојби во Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2016 година, го нарекуваат  „техничка грешка – прпуст“,  ги сметаме за некоректни и ги оценуваме како невистинити.

Во кон конкретниот случај не се работи за „техничка грешка“,  туку за немарност и неодговорност. Од листингот од гласањето објавен на официјалната веб-страница на Собранието, може да се види дека во собраниската сала биле присутни 97 пратеници, гласале  вкупно 43 парламентарци, од нив  само 37 пратеници  се изјасниле  „за”, петмина биле „против” и еден „воздржан“. Значи другите биле во собраниската сала, но никако не гласале. Тие не направиле грешка, па наместо зеленото копче (за), да го притиснат црвеното (против) или жолтото (воздржан), туку вооопшто не го пипнале системот за гласање. Така што, независно дали биле расеани, збунети или неконцентрирани, факт е дека не гласале за  мерките содржани во извештајот на Народниот правобранител каде се наведени препораките на Прибе. И тоа  во никој случај не е „техничка грешка“, туку неодговорна постапка на Собранието, пред  сѐ на парламентарното мнозинство.

Ворочем, самиот Тунтев во вториот дел од изјавата вели дека пратениците на вчерашната собраниска седница не гласале за  предложените мерки на Омбудсманот, затоа што биле дефокусирани и збунети.

Во салата имаше повеќе од 61 пратеник и мнозинството имаше повеќе од 40 пратеници. Затоа што, веројатно, јас претпоставувам после се консулиравме со партениците, тоа беше прва точка. На таа прва точка кој бил сконцентриран, кој не бил и кога ги гледавме кој како гласал од пристуните,  не гласале. Значи немаше против или воздражани, не гласале од немарност, веројатно, или  од  несконцентрираност. Значи навистина се работи за технички пропуст, кој во моментот беше воочен од претседателот, меѓутоа немаше како во тој момент да биде исправено…присутните (од 1,58 до 2,36 минута од видеото)

 

Принтскрин од листинг от од гласањето за Извештајот на Народниот правобралител
Принтскрин од листинг от од гласањето за Извештајот на Народниот правобралител

Инаку, од листингот од гласањето може да се види дека Тунтев и Груби се евиденитрани како присутни, но и тие се меѓу пратениците кои не гласале за споменатиот Извештај на Народниот правобранител.

Усвојување на мерките од Извештајот на  Народниот правобранител (кои се во согласонст со сугестиите на експертската група на Прибе) од страна на  Собранието и задолжување на Владата да ги спроведе, требаше да се случи првпат откако минатата година (2016) беше сменет Законот за народен правобранител кој произлезе по политичката криза во земјата. Меѓу препораките на Народниот правобранител кои Собранието во првиот обид не ги изгласа се: подобрување на системот „Мој термин“, мерки за зајакнување на внатрешната контрола во МВР и Јавното обвинителство, бришење од употреба на гумените куршуми и електричната стабилизатори, децата фантоми од улица да се запишат во матичните книги, да не се распишуваат огласи за групно вработување во администрацијата, реализација на проектот за регионални депонии…

За ваквата постапка на Собранието вчера (07.11.2017) реагираа народниот правобранител, Иџет Мемети и Хелсиншкиот комитет.

Мемети на  прес-конференција соопшти дека е  разочаран од тоа што Собранието не ги изгласа мерките за подобрување на човековите права кои потоа требаше да ја задолжат Владата да работи по нив.

Собранието не успеа да ја одигра улогата што му ја дава Уставот, да биде контролор на извршната власт. Апелирам да не ја испуштаат таквата улога – порача правобранителот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија побара пратениците во Собранието итно да ги изгласаат препораките  на Прибе за човековите права, содржани во Извештајот на Омбудсманот.

Собранието на РМ одби да ја задолжи Владата да ги подобри состојбите во сферата на човековите права со конкретни мерки содржани во Извештајот на Народниот правобранител, бидејќи немаше доволно присутни пратеници. Апелираме до пратениците, особено до владејачкото мнозинство, во најкус можен рок да ги изгласаат мерките содржани во извештајот на Народниот правобранител, каде се наведени препораките на Прибе. Во најмала рака е несериозно владејачкото мнозинство да нема обезбедено кворум за да се изгласаат вакви исклучително важни мерки, се вели во реакцијата од Хелсиншки комитет.

По критиките кои беа упатени на адреса на Собранието, препораките на Народниот правобранител повторно се вратени во собраниска процедура – најпрво во Комисијата за политички систем, а се ставени на дневен ред и на 19-та собраниска седница закажана за денеска (08.11.2017).

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција