Некритичко „јуначење“ по доделено помилување

Груевски: Невини сме. Фото: скриншот

Доволно е само да се земе списокот за помилување на Иванов објавен во Службен весник и преобјавен во медиумите, и да се забележи дека на тој список се помилувани многу повеќе раководни лица и политичари на ВМРО-ДПМНЕ, отколку што има политичари на СДСМ, т.е. де факто, само Зоран Заев, лидерот на опозициската партија, припаѓа на врвот на партијата.

 

 

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски изјави:

Сакаме да укажеме на следното. Прво, уште еднаш силно да се оградиме од оваа одлука на претседателот, таа не е во склад со нашите заложби и му помага на СДСМ, спротивна е на многу наши заложби. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека тој што направил криминал треба да одговара за тоа. Второ, никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чувствува виновно и не посакува да има прекин на постапките. И покрај непрофесионалното однесување на СЈО и заземањето страна во случајот директно ставајќи се на страна на СДСМ, убедени сме дека низ правна постапка ќе се покажеше вистината и фактот дека кривичните пријави против наши функционери и отворени истраги се дел од кампањата на СДСМ.

[Извор: Република, Датум: 14.06.2016]

 

OБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и екс премиер на Република Македонија во континуирани мандати во период од 10 години, на прес конференција на 14.06.2016 година даде неточна и недоследна изјава за одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за помилување на голем број политичари инволвирани во тековната криза и истрагите на Специјалното јавно обвинителство.

Груевски тврди дека ВМРО ДППМНЕ „уште еднаш силно се оградува“ од одлуката која била спротивна на заложбите на партијата и одлука која „му помага на СДСМ“.

За да се утврди неточноста на оваа изјава не е потребно многу да се аргументира. Доволно е само да се земе списокот за помилување на Иванов објавен во Службен весник и преобјавен во медиумите, и да се забележи дека на тој список се помилувани многу повеќе раководни лица и политичари на ВМРО-ДПМНЕ, отколку што има политичари на СДСМ, т.е. де факто, само Зоран Заев, лидерот на опозициската партија, припаѓа на врвот на партијата.

Ова доаѓа до израз уште повеќе ако се анализира бројот на постапки за кои се амнестирани лицата од раковдството на ВМРО ДПМНЕ, наспроти политичарите од опозицијата. На пример, некогашната перјаница на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиевски, е помилуван за 16 истраги за кривични дела, Никола Груевски за 7, додека Сашо Мијалков, екс шефот на УБК и братучед на Груевски, за 6 случаи.

Што се однесува, пак, до вториот дел од изјавата дека „никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чувствува виновно и не посакува да има прекин на постапките“, како и тоа дека „убедени сме дека низ правна постапка ќе се покажеше вистината и фактот дека кривичните пријави против наши функционери и отворени истраги се дел од кампањата на СДСМ“, може да се оцени и како недоследност.

Не затоа што речиси севкупната експертска домашна јавност мисли дека токму ВМРО-ДПМНЕ стои зад целиот потег на Иванов, туку затоа што ако навистина се убедени во штетноста на одлуката, ќе се приклучат кон другите политички партии и иницијативи и имаат можности од типот – не ја признаваме одлуката, сметаме дека е правно ништовна зашто има пропуст во законите и Уставот, итн… Но, Груевски и покрај тоа што „не се согласува со одлуката“, тврди дека таа е законска и уставна и дека единствена полза има СДСМ.

Поради аргументите наведени погоре, изјавата на Груевски ја оценуваме како невистината и недоследна.

 

Оцени: Тео Блажевски

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција