Невистина е дека не се обезбедени парите за пораст на пензиите

Фото: СДСМ/веб

Во обид да се набројат неуспешни политики на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ покрај другото набројува дека не успеале да обезбедат пари за зголемување на пензиите од 5000 илјади денари, што е само формална вистина/полувистина, а генерално е невистина

Во обид да се набројат неуспешни политики на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ покрај другото набројува дека не успеале да обезбедат пари за зголемување на пензиите од 5.000 илјади денари, што генерално е невистина

 

 

СДСМ во соопштение до јавноста комуницира дека за 30 дена владеење на ВМРО-ДПМНЕ направиле убедливо најлоши политики за кратко време, а меѓу другото се споменати и пензионерите и покачувањето на нивната пензија, што е невистина. СДСМ вели „Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ успеаја“:

Да не обезбедат 5.000 денари за пензионерите, реалниот раст ќе биде до 1.000 денари, а за некои категории 0 денари.

[Извор: СДСМ – Соопштение; датум – 25.07.2024]

 

Образложение:

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), одбележувајќи 30 дена од владеењето на новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, искомуницира со соопштение (покрај брифингот одржан од претседателот В. Филипче), во кое се набројани повеќе неуспеси („успеаја“ се вели во соопштението во негативна смисла) на ВМРО-ДПМНЕ, од кои, тој за необезбедување на парите за пензионерите е невистина.

Формално гледано во моментот (30 дена од формирањето на Владата), тврдењето дека ВМРО-ДПМНЕ успеале да не обезбедат 5.000 денари за пензионерите, како што тврди СДСМ, е точно. Но 5-те илјади денари се ветени и ставени во програма за реализација во рок од една година од стапувањето на функција на Владата, а сега се обезедени 2,5 илјади почнувајќи од септемвриската пензија. Тоа зголемување на двапати, во рок од една година или помалку е повеќепати повторено и без оглед дали е добра или лоша политика, колку ќе или нема да го поткопа финансиското портфолио на Фондот за во иднина, сепак се реализира.

Доказ за тоа е предлогот за ребаланс на Буџетот кој од денеска 25.07.2024 г. е на расправа во Собранието на РСМ.

Во документот на повеќе места се наведени зголемените средства за социјални трансфери поточно за исплата на пензиите, а на почетокот, на стр. 16 во делот каде што се расходите се наведува:

  • исплата на пензии, за кои се обезбедени дополнителни средства во износ од 5,1 милијарди денари, од кои 2,5 милијарди денари ќе бидат наменети за дополнителен пораст од 2.500 денари, почнувајќи од септемвриската пензија, со што ќе се овозможи подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани.
  • за транзициски трошоци-втор пензиски столб обезбедени се дополнителни средства во износ од околу 400 милиони денари.

Имајќи предвид повеќекратни изјави и од премиерот Х. Мицкоски и од министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, покачувањето на пензиите ќе биде линеарно на секој пензионер по 2,5 илјади денари од септемвриската пензија, а другите 2,5 илјади се ветени за во март следната година и се најавени за планирање во буџетот за 2025 година.

Оттука, нејасно е и тврдењето во вториот дел од реченицата од соопштението на СДСМ, дека реалниот раст за некои категории ќе биде нула денари.

Погоре изнесените аргументи даваат за право ова тврдење од СДСМ да се оцени како суштински невистинито.

Извори:

 

Оцени: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција