Никола Груевски

Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен долгогодишен претседател на Владата на Република Македонија

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Никола Груевски е роден во Скопје на 31 август 1970 година.

Татко му Тало потекнува од леринското село Крушоради во Егејска Македонија, денешна Република Грција. Тало е доктор на науки на Белградскиот универзитет и долгогодишен професор на Шумарскиот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Мајка на Никола Груевски е Надежда, родена во Штип, сестра на првиот министер за внатрешни работи на Република Македонија Јордан Мијалков.

Груевски бил во брак со Сузана Арбутина, од кој нема деца. По разводот со првата сопруга, во мај 2007 година се оженил со Боркица Груевска (моминско презиме Манчева), со која имаат две ќерки, Анастасија (2007) и Софија (2010).

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Груевски основно и средно образование завршил во Скопје. Дипломирал на Економскиот факултет во Прилеп, при Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола во 1994 година. Се здобил со квалификации за меѓународниот пазар на капитал на Лондонскиот институт за хартии од вредност во 1996.

Магистрирал на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 12 декември 2006. Неговите магистерски студии, инаку, покренаа некои сомнежи.

 

КАРИЕРА

Во периодот 1995-1998 година работи како директор на Одделот за безбедност, планови и анализи во Балканска банка во Скопје. Потоа продолжува како управник од Република Македонија во Светската банка и во Европската банка за обнова и развој. Бил претседател и основач на брокерската асоцијација на РМ (1998) и ја направил првата трансакција на македонската берза.

Никола Груевски, инаку е познат и како статист во Драмскиот театар во Скопје, каде во текот на студирањето,  во првата половина на 90-тите години на минатиот век, учествувал во претставите „Чија си“, Грев или Шприцер“ и „Харем“ а бил активен и на аматерската театарска сцена во Скопје. Неговото статирање во Драмски театар е повеќепати нагласувано на политичката сцена и во јавноста во различни контексти.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Министер за трговија станува во владата на Љубчо Георгиевски на крајот на ноември во 1998 година. Кон крајот на 1999 година, Никола Груевски е назначен за министер за финансии на местото на Борис Стојменов, при втората реконструкција на владата на Љубчо Георгиевски. По иницијатива на Груевски се интензивира процесот на денационализација на национализираниот имот во периодот 1945-1990. Има имплементирано финансиски реформи меѓу кои воведување на данокот на додадена вредност (ДДВ), воведувањето на фискалните сметки, кампањата „Купувајте македонски производи“, брендирана преку логото со насмеано сонце. Списанието „Форум“ во 2000 година го прогласи за „Човек на годината“ и го вброја меѓу десетте најпосакувани ергени.

 

Лидер на ВМРО-ДПМНЕ

По парламентарните избори 2002 година, во ВМРО-ДПМНЕ следува период на внатрепартиски превирања, после кои Груевски е избран за лидер на партијата, заменувајќи го дотогашниот претседател Георгиевски. ВМРО-ДПМНЕ загуби на претседателските избори 2004 година, по што на партискиот конгрес во хотел „Панорама“ се случил вооружен инцидент и обид за смена на Груевски од челната позиција во партијата. ВМРО-ДПМНЕ освои двојно помалку градоначалници од владејачкиот СДСМ на локалните избори 2005, по што Груевски изјавил дека имало „многу нерегуларности во некои општини“ за време на вториот изборен круг.

ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори во 2006 година. На 27 август Груевски ја формираше новата Влада, во која клучните министерства ги зазедоа лица на возраст од 30-тина години. На предвремените парламентарни избори 2008 година, победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што беше нивна втора изборна победа по ред, добивајќи повеќе од половина од пратеничките мандати во Собранието на РМ. Тој направи коалиција со ДУИ.

Во мандатот на Груевски се воведе концептот на рамен данок, а обемот на странски инвестиции во периодот 2007–2014 бил 277 милиони евра по година. Просечниот економски развој во периодот 2007–2013 изнесувал 2,6%, додека невработеноста се намалила од 36% во 2006 на 28% во 2014. Остварени се мерки за подобрување на бизнис-климата, поради што „Дуинг Бизнис“ во 2015 ја рангираше Македонија на 12. место во светот по тој критериум.

Во време на Груевски се воведе задолжително средно образование и се отворија два нови државни универзитети и над 20 државни факултети. Неговиот предлог за воведување „државен испит“ на факултетите предизвика масовни студентски протести кон крајот на 2014, бидејќи студентите сметаа дека власта ја загрозува универзитетската автономија. Никола Груевски спроведе мерки за подобрување на земјоделството, при што субвенциите за земјоделството тројно се зголемиле во периодот 2008–2015. И покрај овие мерки, во овој период двојно се зголемиле увозот на храна и материјални добра.

Според договорот од Пржино од јули 2015 година, Никола Груевски поднесе оставка на премиерската функција на 15 јануари 2016 година, која беше усвоена во Собранието на Република Македонија на 18 јануари 2016 година, кога и беше изгласана преодната влада, предводена од Емил Димитриев.

 

Афера со прислушувани разговори
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, во февруари 2015 објави дека Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) по наредба на Груевски и Сашо Мијалков повеќе години незаконски прислушувала над 20 илјади граѓани. Во дел од снимките, Груевски наредил рушење на објектот „Космос“ поради политичка одмазда кон бизнисменот Фијат Цаноски. Во друг разговор, Груевски нарачал претепување на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, како и демолирање на општинската зграда. Груевски преку МВР тајно купил луксузно возило „Мерцедес“ од 600 илјади евра, како и плац на Водно со површина од 11 илјади квадратни метри.

 

Критики за неговиот политички и владин ангажман
Американскиот весник „Вашингтон пост“ во 2011 година го портретирал Груевски како корумпиран и моќен „популист“ кој се пресметува со независните медиуми. Груевски е критикуван во извештаите на Европската Унија за непочитување на слободата на медиумите, независноста на судството и на политичкиот дијалог. „Утрински весник“ по излегувањето на содржината на Викиликс објавил дека владата на премиерот Груевски и неговите блиски соработници системски го користеле правниот и репресивен апарат на државата за да ги исклучат политичките неистомисленици. Во извештајот на германскиот правен експерт Рајнхард Прибе од мај 2015 забележано е мешање на власта во работата на судовите, индиции за изборен криминал, како и незаконско богатење на владини функционери. Наодите на Прибе, како и прислушуваните материјали доставени од опозицијата, беа основа Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да покрене кривична постапка против министри од владата на Груевски за изборни местенки.

На 12. 04. 2016 година со „Актот за општа Аболиција“ од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, Никола Груевски беше аболициран 5 пати по различни основи.

 

ИЗВОРИ

Веб-сајт на ВМРО-ДПМНЕ: Биографија на Никола Груевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција