Ниту амбасадорката на САД, ниту амбасадата на САД не одлучуваат кој ќе победи на изборите кај нас

Фото: mk.usembassy.gov

Во објавата се прави обид да се дискредитира слободната демократска волја на гласачите во земјава кои излегоа и на претседателските и на парламентарните избори во доволен број да биде постигнат цензусот (за претседателските цензусот е 40 проценти), а потоа нивната слободна волја да му ја припишат на надворешен странски фактор со цел да се претстави С. Македонија како контролирана и неслободна држава во која граѓаните не одлучуваат за власта што ќе управува со институциите

Во објавата се прави обид да се дискредитира слободната демократска волја на гласачите во земјава кои излегоа и на претседателските и на парламентарните избори во доволен број да биде постигнат цензусот (за претседателските цензусот е 40 проценти), а потоа нивната слободна волја да му ја припишат на надворешен странски фактор со цел да се претстави С. Македонија како контролирана и неслободна држава во која граѓаните не одлучуваат за власта што ќе управува со институциите

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од амбасадорката на САД во Анџела П. Агелер и пишува:

Ич да не се ку**ите ниту чалам да кревате.

Вие никого не победивте, сите го знаеме главниот ДИК и каде се наоѓа вистинскиот ДИК.

Сите знаеме кој ги брои гласовите, кој одлучува кој да победува, кој дава власт, кој зема власт.

Не летајте во облаци, приземјете се. 

Во објавата, всушност се тврди дека амбасадорката на САД, односно амбасадата на САД одлучува кој победува, а ова е објавено во контекст на спроведените парламентарни и претседателски избори во земјава. Но, амбасадата на САД не е на ниеден начин поврзана со изборите во земјава, а уште помалку влијае на тоа кој ќе биде на власт, ниту пак, ги брои гласовите, ниту дава, ниту зема власт.

На изборите во Република Северна Македонија согласно слободната волја се изјаснуваат гласачите кои се наоѓаат на избирачкиот список. Гласањето е тајно, па оттаму никој не знае кој гласач за кого ја дал поддршката. Броењето на гласовите не го прави амбасадорката на САД, Агелер, ниту амбасадата, туку Државната изборна комисија (ДИК), која како стручна, професионална и независна институција, во своето работење се раководи согласно Уставот, законите и општоприфатените меѓународни стандарди, конвенции и добрите практики во изборите. Во чекор со светските текови, ДИК воведува нови технологии за унапредување на изборниот процес и обезбедува сите чинители во изборниот процес да имаат еднаков пристап до остварување на своите избирачки права.

ДИК гарантира еднакво, општо и непосредно избирачко право, кое се остварува на слободни избори со тајно гласање и обезбедува рамноправни услови за сите учесници во изборниот процес. ДИК преку успешно спроведување на изборите го поставува фундаментот на демократијата и придонесува за зголемена доверба во изборниот процес и демократизација на институциите на С. Македонија.

Со други зборови, изборите се спроведуваат со низа правила и процедури коишто оневозможуваат друг да гласа во име на гласачот. На пример, во функција на овие избори беше правилото гласачот да остави отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација. Дополнително ,по потврдување на идентитетот, гласачот го става и својот потпис во изводот од Избирачкиот список.

Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, задолжително му се става печат на предната страна на местото определено за печат, а потоа му се дава на гласачот. Гласачот добива едно гласачко ливче, тој гласа сам, тајно зад гласачки параван, на начин што го заокружува редниот број пред називот или името на листата со хемиско пенкало во сина боја. Потоа, превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија, по што го подигнува својот документ за лична идентификација. Забрането е семејното и групното гласање, гласање за друго лице и фотографирање на ливчето.

За уште поголема контрола и воспоставување уште повисоки стандарди на изборниот процес, тој е набљудуван од домашни и странски набљудувачи. 

Амбасадорката на САД ја честиташе победата на професорката Гордана Сиљановска Давкова, што е вообичаено и соодветствува со праксата на бројни дипломати, политичари од други држави итн. Учесниците во Меѓународната набљудувачка мисија набљудувале вкупно 1.340 избирачки места при што позитивно ги оцениле процедурите за гласање во огромно мнозинство од нив. Сепак, се посочува дека биле забележани некои случаи на групно и семејно гласање.

Меѓународната набљудувачка мисија на денот на изборите имала распоредено 344 набљудувачи од 42 земји. Во мисијата беа вклучени претставници од ОБСЕ/ОДИХР, од Парламентарното собрание на ОБСЕ, од Парламентарното собрание на Советот на Европа и од Европскиот парламент. На самиот ден на изборите биле набљудувани 123 избирачки места, а гласањето на 1340 избирачки места. Пребројувањето пак, било набљудувано на 106 избирачки места, а сумирањето на гласовите во 66 општински изборни комисии.

Во објавата се прави обид да се дискредитира слободната демократска волја на гласачите во земјава кои излегоа и на претседателските и на парламентарните избори во доволен број да биде постигнат цензусот (за претседателските цензусот е 40 проценти), а потоа нивната слободна волја да му ја припишат на надворешен странски фактор со цел да се претстави С. Македонија како контролирана и неслободна држава во која граѓаните не одлучуваат за власта што ќе управува со институциите.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Ниту амбасадорката на САД, ниту амбасадата не ги контролираат изборите во земјава, ниту пак, бројат гласови.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција