Ниту еден суд не одредил бранител по службена должност за сиромашни!

Правото во законите го има, во пракса е различно. Фото: Основен суд Скопје 1

Како дел од регионално истражување, деновиве од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права беа претставени првичните наоди во врска со функционирањето на правото за определување бранители по службена должност, при што можеше да се констатираат низа недоследности во спроведувањето на ова право на осомничените или обвинетите, но и фактот дека сиромашните во оваа држава тоа право го имаат само на хартија

 

 

Како дел од регионално истражување, деновиве од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права беа претставени првичните наоди во врска со функционирањето на правото за определување бранители по службена должност, при што можеше да се констатираат низа недоследности во спроведувањето на ова право на осомничените или обвинетите, но и фактот дека сиромашните во оваа држава тоа право го имаат само на хартија

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Основното човеково право е право на одбрана и фер процес доколку некој биде осомничен или обвинет од страна на правосудните органи или органите на прогон. Поаѓајќи од ова основно право запишано и во Уставот на РМ, во член 12, но и во Законот за кривична постапка од 2010 година (ЗКП) и во измените на овој закон во 2012 и 2013 година, регулирано е кога и како лицата во таа специфична положба имаат право на бранител по службена должност.

Но, како што покажаа првите резултати од истражувањето спроведено и во Македонија и кои беа соопштени на Консултативниот состанок одржан неодамна во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија, во оваа материја во праксата сè уште владее неунифицираност, различни аршини и резултати, но она што е фрапантно е што во 2015 година ниту еден суд во државата не го испочитувал правото да додели бранител по службена должност на сиромашни лица.

Ова е доста чудно за една земја каде според официјалните податоци најмалку една третина од населението спаѓа во категоријата на сиромашни лица – рече професор д-р Гордан Калајџиев, кој како претседател на македонскиот Хелсиншки комитет зборуваше за проблемите кои ги воочиле.

Тој додаде дека можен проблем за оваа лоша пракса е тоа што нема утврдено методологија и правилник за тоа кој точно треба да биде означен како сиромашен, но кога ги работеле измените на ЗКП сметале дека нема потреба од такви прецизирања и сметале на реакцијата на судиите кога ќе се соочат со ваквиот проблем.

Оваа одредба се наоѓа во членот 75 од ЗКП, кој исцело е посветен на ова прашање и дури носи таков наслов: Одбрана на сиромашни

Одбрана на сиромашни

(1) Кога не постојат услови за задолжителна одбрана, ако според својата имотна состојба не може да ги поднесува трошоците на одбраната, на обвинетиот може по негово барање да му се постави бранител, кога тоа го бараат интересите на правдата, а особено тежината на кривичното дело и сложеноста на случајот. Во барањето обвинетиот може самиот да посочи определен адвокат за бранител од листата на адвокати од соодветната  адвокатска заедница.

(2) За барањето од ставот (1) на овој член одлучува судијата на претходната постапка, односно претседателот на советот, а бранителот го поставува претседателот на судот.

(3) Трошоците за одбрана од ставот (1) на овој член паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија.

Истражувањето е правено врз основа на прашалник од 6 прашања упатено до 26 основни судови во државата, од кои 25 одговориле на прашалникот, а ова се констатира од еден од одговорите.

Калајџиев наведе уште дузина критични точки воочени во праксата, а кои произлегле од истражувањето и од разговорите и со судиите и со адвокатите:

  • На чиј буџет ќе падне бранителот по службена должност;
  • Повисоките судови воопшто немале таква буџетска ставка;
  • Во случај на итност, (на пример задржано лице во полиција) дали постои таква листа при што адвокатите се достапни во секое време (24 часа);
  • Кој ги составува и кој треба да ги составува листите на адвокатите по службена должност;
  • Проблемите со плаќањето – кој плаќа, во кое време, по која тарифа, итн.;
  • Во Законот воопшто не се ставени техничките советници и истражителите што би ги користела одбраната, па оттука лицата што се под истрага или обвинети, а имаат право на адвокат по службена должност, се лишени од ова право на одбраната;
  • Активната одбрана бара истражувачка адвокатура која е многу поскапа од порано, но тарифите кои и онака не се одредени прецизно, се исплаќаат по некој просек од околу 50 евра за постапка на бранител по службена должност.

Сите овие недоследности ќе мора да се решаваат во блиска иднина и тоа во консултација и со адвокатите и нивната комора и со судовите и со државата од чии пари во крајна линија се плаќаат адвокатите кои ги застапуваат лицата по службена должност.

 

ПРАКСАТА ПРЕМНОГУ СЕ РАЗЛИКУВА ВО ЗАВИСНОСТ ОД СУДОВИТЕ

Правниот консултант во Хелсиншкиот комитет, д-р Воислав Стојановски, презентирајќи ги одговорите на 6-те прашања, рече дека има премногу различна пракса низ Македонија.

Тоа особено се гледа, на пример, околу начинот како се овозможува изборот на бранител по службена должност, при што се воочен три типа. Самите судови решаваат од листа која ја добиле од Комората во 2014 или, пак, од локална листа на адвокати, потоа судиите решаваат од листа која сами ја составиле или, пак, судовите сами си бираат адвокат по сопствено наоѓање. Притоа, карактеристичен е случајот со еден суд од Западна Македонија, каде судот договара одбрана по службена должност во 26 случаи во минатата година, со еден, единствен адвокат – вели Стојановски.

Во однос на вкупната искористеност на ова право во 2015 година, збирните показатели укажуваат на искористеност на 643 адвокати во различни постапки од 970 адвокати кои се запишани во регистерот на овластени адвокати. Но, како што подвлече и Калајџиев, проблем е и тарифникот и времето на исплата. Праксата и тука е различна.

Најголем број судови работат според тарифникот на Адвокатската комора, но има и судови, како што е Оновниот суд во Скопје, кој има и најмногу адвокати на листата, со кои има склучено и договори, појаснува Стојановски.

И времето на исплата е различно. Според податоците што ги добил Хелсиншкиот комитет, 50 отсто од судовите плаќаат навремено, додека кај другите 50 отсто, задоцнувањето што е забележано се движи од 4 месеци до дури 2 години!

Се поставува прашањето кој адвокат би прифатил да биде на листа на адвокати по службена должност ако парите за таа услуга ги добие,  со задоцнување од две години, како и тоа дали во таков случај адвокатите нема да се решат да го тужат судот за задоцнета исплата, па на тој начин постапката во вкупен износ би ја чинело државата многу повеќе – подвлече професор Калајџиев.

Прашалникот се однесувал и на едно друго важно прашање поврзано со ефикасноста на правото на одбрана по службена должност, а тоа е дали судовите го ценеле квалитетот и совесноста на бранителите кои се назначени во такви случаи. Имено, ова не е слободно право на судот, туку и законска обврска според ЗКП, според член 77, став 4, кој вели:

Претседателот на судот, по барање на претседателот на советот или обвинетиот, или со негова согласност, може да го разреши поставениот  бранител, ако неуредно и несовесно ја врши должноста. Наместо разрешениот бранител, претседателот на судот ќе постави друг бранител. За разрешувањето на бранителот претседателот на судот ќе ја извести Адвокатската комора на Република Македонија.

За жал, вели Стојановски, само 4 судови од 25 колку што одговорија на нашите прашања, го примениле ова квалитативно оценување на бранителите. Според искуствата на Хелсиншкиот комитет, од нивното учество во мониторирањето на судските процеси и самостојно и во рамките на Коалицијата за правично судење, ова е многу важно во процесите кога на обвинетите им се заканува казна затвор над 10 години за некое дело, а тоа обично се оние за организиран криминал или злосторничко здружување поврзано со нарушување на безбедноста, итн. Во такви случаи било забележано целосно молчење на бранителите доделени по службена должност, со што тие повеќе им одмагале отколку што им помагале на обвинетите.

Професор Калајџиев истакна дека тука се поставува и прашањето за селекција по стручност и искуство.

Не може адвокат кој го положил правосудниот испит вчера, што е услов за добивање лиценца, веднаш да биде ставен во одбрана по службена должност на обвинети за такви кривични дела. Тука мора да биде поставен поискусен адвокат чија специјалност се застапување при обвиненија за тешки дела од областа на кривичниот законик – вели Калајџиев.

НА СЛУЖБЕН БРАНИТЕЛ СЕ ТРОШАТ ПО ОКОЛУ 250 ИЛЈАДИ ЕВРА ГОДИШНО

На крајот од презентацијата на одговорите, кои сè уште треба да се систематизираат, беа претставени сумите по судови и вкупните суми кои биле исплатени во последните три години на име на назначување на бранители по службена должност.

Тие суми се движат околу 250 илјади евра годишни, со тоа што во 2013 година изнесувале 261,6 илјади евра, во 2014 биле 244,3 илјади евра, а во 2015 биле потрошени 256 илјади евра. Овие суми изнесуваат меѓу 4,5 и 5 отсто од севкупниот буџет на судството во државата на годишно ниво. Најмногу пари за оваа намена троши Основниот суд Скопје 1, што е логично, со оглед на бројот на кривични дела, населението и територијата што ја покрива, но забележливо е дека во континуитет парите за оваа намена кај овој суд се во опаѓачки тренд. Така, ако 2013 година потрошиле околу 5,7 милиони денари, во 2014 таа сума изнесувала 3,5 милиони, а минатата година паднала на 2, 9 милиони денари.

Истражувањето за Македонија е во рамките на регионално истражување „Унапредување на заштитата на правата на обвинетите во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Македонија и Албанија“, координиран од страна на Хелсиншкиот комитет на Република Српска, со поддршка на Канцеларијата на Американската адвокатска комора во Скопје..

Во рамките на истражувањето веќе е направена и компаративна анализа за пет земји од регионот.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција