Носталгија по диктатори: Хусеин, Гадафи и Асад

Фото колаж: WikiImagesPixabay - ElenaPixabay - принтскрин видео Јутјуб

Чест путински наратив е тоа дека ирачкиот лидер Хусеин, либискиот Гадафи и сирискиот Асад биле големи патриоти и имале добри социјални политики, но дека биле жртви на американскиот империјализам, по што на сцената стапиле некои многу полоши како Исламската држава. Нешто од тоа држи, но се премолчува или релативизира фактот дека тоа биле диктатори и спонзори на тероризмот, кои и самите биле тешки империјалисти

Чест наратив на Кремљ е дека ирачкиот лидер Хусеин, либискиот Гадафи и сирискиот Асад биле големи патриоти и имале добри социјални политики, но дека биле жртви на американскиот империјализам, по што на сцената стапиле некои многу полоши како Исламската држава. Нешто од тоа држи, но се премолчува или релативизира фактот дека тоа биле диктатори и спонзори на тероризмот, кои и самите биле тешки империјалисти

 

Пишува: Вангел Башевски

 

Да се критикува политиката на САД е демократско право, но некои притоа идеализираат или оправдуваат историски личности, кои не се баш пример за мирољубивост и хуманост како: Садам Хусеин (Ирак), Муамер Гадафи (Либија) и семејството Асад (Сирија).

Тоа се наративи на Кремљ, кои се застапени и во соседна Србија, па и кај нас како штетно странско влијание. Такви се, на пример, објавите на следните линкови: 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9, а последната од наведените објави содржи клип, во кој пофалби за Гадафи дава афро-американскиот екстремист и антисемит Луис Фаракан од движењето Нација на исламот.

Тие брутални диктатори тука опишани како жртви на американскиот империјализам или како жртви на преврат, иако тие самите биле империјалисти и тие самите стапиле на власт со преврат – во Ирак во 1968 г., во Либија во 1969 г. и во Сирија во 1970 г.

Тие имале некои позитивни страни: индустријализација, бесплатно школство и здравство и сл., но тоа е засенето од нивните злосторства: затворања, тортура, егзекуции, итн. Позитивно е и тоа што поддржале еманципација на жената, но, иронично, тие биле озлогласени по силувањата, особено Гадафи и синот на Садам Хусеин, Удај.

 

Садам Хусеин

Во 1968 г. Хусеин станал потпретседател на Ирак, по што се здобил со голема моќ, па во 1979 г. го присилил веќе подостарениот и болен претседател да му го отстапи местото, по што спровел чистка во владејачката партија, погубувајќи повеќе свои сопартијци.

На 22.9.1980 г. Хусеин почнал војна против Иран, со цел да го заземе регионот Хузестан, а таа траела дури до 20.8.1988 г. Веќе на 2.8.1990 г. Хусеин го нападнал Кувајт, а на 28.8.1990 г. го анектирал, со што предизвикал воена интервенција на САД и нивните сојузници, при што користел странски цивили како жив штит. На 29.1.1991 г. Хусеин го зазел саудискиот градот Хафџи и го ракетирал Израел, кому му се заканил со хемиско оружје.

Него Хусеин го применил во операцијата Анфал (1988), заедно со својот генерал завикан Али Хемичарот, а ја правдал како борба против курдските сепаратисти помагани од Иран. Но, главна мета биле цивилите, кои биле убивани со отров и напалм или биле истиснати со доселени Арапи. На 28.3.1991 г. следел масакр врз Туркмените во градот Алтун Ќупри.

Хусеин ги привилегирал сунитите на штета на шиитите, кои ги сметал за туѓо, проиранско тело, иако тие се мнозинство во Ирак. Во 1970-тите, ним им биле забранети обредите, а во 1982 г. повеќе шиити од градот Дуџаил биле погубени, заради наводен план за атентат врз Хусеин. Иако тој бил секуларен социјалист, верскиот фанатизам не му бил сосема туѓ.

Согласно уставот, исламот тогаш бил официјална религија во Ирак, а Хусеин дури тврдел дека е наследник на пророкот Мухамед. Во 1990-тите, социјализмот веќе не бил популарен, па Хусеин спровел засилена исламизација на Ирак со ставање на такбирот („Алаху акбар“) на државното знаме, со веронаука во школите, изградба на џамии и ограничувања за алкохолот, па дури наредил Куранот да се препише со неговата крв.

Во раните 1980-ти, Хусеин ги помагал сунитските исламисти против режимот во Сирија, во кој доминираат алавитите, кои се слични на шиитите, а таа го помагала Иран и американската интервенција против Хусеин во Кувајт во 1991 г. Слога немало ни меѓу Хусеин и Либија. Сите тие режими се мразеле меѓу себе и си подметнувале нога.

 

Муамер Гадафи

Уште кога стапил на чело на Либија, Гадафи се вмешал во конфликтот во Чад, помагајќи ги социјалисламистите против христијаните и анимистите, кои таму биле на власт. Притоа ја зазел малата област богата со ураниум Аузу, но претендирал на дури половина од Чад (онаа северната, исламската и арабизираната), а најпосле сакал сиот да го спои со Либија. Нејзините поклоници во Чад тогаш се свртеле против неа и ја поразиле во 1987 г.

На 21.7.1977 г. Гадафи го нападнал Египет, затоа што бил гневен од неуспешната унија со таа соседна земја и од желбата на нејзиниот лидер Анвар Садат за мир со Израел.

За своите акции, Гадафи ја создал Исламската легија, во која со лаги или насила регрутирал имигранти од сиромашните земји во регионот. Неа тој ја испраќал во војните во Чад, Судан и Либан, а и во Уганда, како поддршка за крвожедниот диктатор Иди Амин.

Гадафи најпрвин го поддржувал суданскиот режим, но подоцна поддржал преврати против него – во 1976 и 1985 г. Политиката на Гадафи не била конзистентна, па тука имало пресврти, а зависно од периодот, тој настапувал како социјалист, панарабист, панисламист или панафриканист. Куп африкански земји ги прекинале односите со него заради неговите мешања, а многу од нив се откажале и од самитот на Организацијата за африканско единство во Триполи во 1982 г., па Гадафи не станал нејзин претседавач.

Тој бил и арапски шовинист и култур-расист, при што за Арапи ги сметал и арабизираните Африканци. Тој сакал да има контрола над суданската област Дарфур, каде што во 1987 г. ја поддржал паравојската Таџаму ал-араби, која вршела геноцид врз темнокожното племе Фур. Во Либија тој ја угнетувал етничката група Тубу и насилно ги арабизирал Берберите.

Организирал јавни судења и бесења, како она на Садик Швехди во јуни 1984 г. Швехди студирал во САД, кајшто наводно среќавал либиски дисиденти, за што бил јавно суден и обесен, но притоа се грчел борејќи се за здив, а извесната Худа Бен Амер дотрчала од публиката и го повлекла за нозете за тој да умре, по што Гадафи ја наградил со функција.

На 17.4.1984 г. Либијците во Лондон протестирале против таквите бесења пред либиската амбасада, а нејзиниот персонал пукал врз нив, при што ја убил полицајката Ивон Флечер.

Либија била терористичка држава, а Гадафи се фалел дека убива либиски дисиденти и во странство. На 11.4.1980 г., тој го убил новинарот на Би-би-си, Мухамед Рамадан, а кога телото било испратено од Лондон во Либија за погреб, Гадафи дрско го испратил назад.

Кога Либија воено се судрила со САД заради заливот Сидра, на 5.4.1986 г. таа извршила бомбашки напад врз дискотека во Западен Берлин, во која доаѓале американски војници.

САД возвратиле со бомбардирање на Либија на 15.4.1986 г., по што таа неуспешно го ракетирала италијанскиот остров Лампедуза, кајшто САД имале база. На 28.12.1988 г. Либија со бомба уништила американски патнички авион над Шкотска, убивајќи 270 луѓе.

Гадафи помагал терористички групи (главно левичарски), а иако некои ги сметаат за ослободителни, методите им биле несомнено терористички, а жртвите најчесто цивилни.

Им приредил херојски дочек и им дал засолниште на палестинските терористи, кои ги убиле израелските спортисти на Олимпијадата во Минхен во 1972 г. и им праќал бродови со оружје на ИРА (Северна Ирска), ЕТА (Баскија) и Црвените бригади (Италија).

Имал некои добри социјални политики, но со нивното фалење се претерува, небаре Либија била некаква утопија. Некои либиски активисти тврдат дека тие негови политики се мит и дека ретко кој видел пари од Гадафи, додека тој самиот живеел во раскош. Тој негов социјализам подразбирал и експропријација (т.е. грабеж) од поимотните Либијци.

 

Семејството Асад

Асадовци владеат со Сирија 54 години. Хафез Асад бил претседател и премиер, брат му Рифат – потпретседател, а синот на првонаведениот, Башар, е актуелен претседател. Неговите браќа Басел и Махер станале високи воени лица, а нивни роднини ја предводат приватната паравојска Шабиха или производството на дрогата каптагон и други бизниси.

Дури 48 години на сила во Сирија бил закон за вонредна состојба, кој на режимот му давал одврзани раце за терор врз неподобните, а тие биле разни: од либерали до исламисти или малцинства како курдското, туркменското и еврејското.

Сирискиот режим имал социјалистички и секуларни црти, но по устав, исламот бил официјална религија, а режимот де факто ги привилегирал алавитите, кои се само 12 отсто од населението, на штета на сунитите, кои се мнозинство.

Ова создало гнев, кого исламистите од движењето Муслиманско братство го искористиле за да ги поттикнат сунитите на востание. Тоа траело од 1976 до 1982 г. и било задушено од страна на режимот со неселективен масакр на сунити, особено во гр. Хама.

Таа траума еруптирала во Сириската војна во 2010-тите, а овојпат тоа го искористиле уште поголеми екстремисти како Исламската држава. Некои тука ќе поентираат дека Асадовци се помало или нужно зло, но тие сепак се зло. Се занемарува и фактот дека Сириската револуција најпрвин била мирна и дури потоа била грабната од фанатиците.

Во Сирија од поодамна имало и мирни граѓански опозиционери како: Низар Најуф, Анвар Буни, Ареф Далила, Мишел Кило, Камал Лабвани, Актхам Наисе, Муафак Нирабија, Ријад Сеиф и Самира Халил, но режимот ги затворал и ги измачувал со инквизиторски методи.

По смртта на Хафез Асад во 2000 г., режимот малку ги олабавил стегите, што дало надеж за реформи, но тоа траело кусо, па во 2011 г. следела Сириската револуција. Иако таа била мирна, режимот реагирал со стрелба врз демонстрантите, затворања и тортура, а жртва на тоа бил 13-годишниот Хамза Али Хатиб, што предизвикало уште поголем гнев.

Ни надворешната политика на Сирија не била мирољубива. Во 1970 г. Хафез Асад го нападнал Јордан, а во 1976 г. и Либан, мечтаејќи за Голема Сирија. Асад ја помагал и борбата на Палестина против Израел, но за свои цели, а неа ја сметал за Јужна Сирија.

Во 1970 г., во Јордан биле засолнети палестински борци, кои се однесувале како „држава во држава“, загрозувајќи го уставниот поредок, а Јордан долго ги толерирал, но на крај презел акција против нив, при што Сирија неуспешно интервенирала за да им помогне. Тие се префрлиле во Либан, кајшто во 1975 г. дошло до сличен конфликт, но таму Сирија веќе била против нив. Таа го држела Либан под окупација дури 28 години, 10 месеци, 4 недели и 2 дена.

 



 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција