„Not a living soul“ – лингвистичка и политичка манипулација од руската кујна

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Објава на Фејсбук шири невистина дека во англискиот јазик нема еквивалент за рускиот израз „ни души“, односно за нашиот „ни жива душа“, па Англичаните и Американците за тоа го користат само зборот „nobody“, што е наводно доказ дека тие се бездуховни и дека го гледаат само материјалното, телесното, т.е. човекот за нив е само тело („body“). Но во англискиот јазик постои таков еквивалент – „not a (living) soul“, кој може да се најде во речниците на универзитетите Оксфорд и Кембриџ, во дела на Шекспир и во други извори

Објава на Фејсбук шири невистина дека во англискиот јазик нема еквивалент за рускиот израз „ни души“, односно за нашиот „ни жива душа“, па Англичаните и Американците за тоа го користат само зборот „nobody“, што е наводно доказ дека тие се бездуховни и дека го гледаат само материјалното, телесното, т.е. човекот за нив е само тело („body“). Но, во англискиот јазик постои таков еквивалент – „not a (living) soul“, кој може да се најде во речниците на универзитетите Оксфорд и Кембриџ, во дела на Шекспир и во други извори

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

Кога нема никого, Русите велат “Ни души..”. Слично на нас.. “Ни жива душа.” Енглези и Американци велат “No body..” За нив човек е ТЕЛО. За нас е човек ДУША. Тоа е, можеби, основна разлика измеѓу нив и нас, прости души словенски.

Ова не е оригинално, туку е најверојатно преведено од многуте слични објави на српски јазик (примери: тука, тука, тука, тука и тука), а тие самите се темелат врз изјава на рускиот сатиричар Михаил Задорнов, кој бил познат по исмејување на Американците.

Објавата шири невистина дека во англискиот јазик нема еквивалент за рускиот израз „ни души“, односно за нашиот „ни жива душа“, па Англичаните и Американците за тоа го користат само зборот „nobody“, што е наводно доказ дека тие се бездуховни и дека го гледаат само материјалното, телесното, т.е. човекот за нив е само тело („body“).


Речникот на универзитетот во Кембриџ го содржи изразот „not a (living) soul“, што е баш еквивалент на рускиот „ни (живой) души“ и на нашиот „ни жива душа“, а Оксфордскиот речник го наведува примерот: „There wasn’t a soul in sight“ („Немаше ни душа на видик“). Сличен пример има и во речникот на издавачката куќа Мерием-Вебстер, а познат е и оној на Харпер-Колинс, кој го наведува примерот: „There was not a soul there“ („Таму немаше ни душа“). Лонгмен, пак, го наведуваат овој пример: „In fact, there is not a soul on the streets“ („Всушност, на улиците немаше ни душа“). Изразот „not a soul“ го има и во делото „Бура“ („The Tempest“) на Вилијам Шекспир, а ако некој преферира посовремен пример, еве и една хип-хоп песна под наслов „Not A Soul“. Спотот за неа е токму со духовна содржина, што покажува дека не сите Американци се недуховни луѓе.


Објавата што ја рецензираме е неоснована, а стереотипите кои таа ги шири за Англичаните и Американците се темелат врз филозофијата на т.н. славјанофили од Русија од 19 век, според кои неправославниот Запад бил бездуховен и материјалистички, склон кон блуд и хомосексуалност, додека Русија била духовна и традиционална и си имала свој пат, различен од оној на Западот, кој не ја сфаќал загадочната руска душа.

Авторот на објавата како да говори за некакво словенско единство, за што се залагале и славјанофилите, но тие тоа единство не го замислувале како сојуз на рамноправни словенски народи, туку како сојуз во кој ќе доминира рускиот император и православието, што всушност одбило милиони Словени (Руската Империја ги угнетувала Украинците, Белорусите и Полјаците, а проблем било и тоа што овие последниве се главно католици).

Токму славјанофилите го популаризирале изразот „трулиот Запад“, што подоцна го презеле и советските комунисти, а сега и путинистите, среде кои, веројатно е и авторот на објавата што сега ја рецензираме (судејќи по неговите преостанати објави).

Иако е точно дека руското општество е генерално потрадиционално од оние западните, тоа е сепак генерализација и во тоа има многу лицемерие. На пример, Владимир Путин често морализира за семејните вредности, а всушност е разведен и речиси никогаш не се појавува во јавност со своите ќерки. Се говореше и дека тој е во врска со гимнастичарката Алина Кабаева, која, наводно, му родила вонбрачни деца. Нам не ни е целта да морализираме, туку само прашуваме како Путин го помирува тоа со своите говори за семејните вредности, верата, духовноста и сето тоа? Тоа е недоследно.

Русија е светски шампион по бројот на разводи, а тоа не е нешто дојдено од „трулиот Запад“, туку е одамна пракса во земјата. Веќе споменатиот Задорнов имал вонбрачни врски, што значи дека телесното воопшто не му било туѓо и тој исто така се развел, а има индиции дека најголемиот националист во Русија, сега покојниот Владимир Жириновски, бил бисексуалец. Москва има (или доскоро имаше) повеќе геј-клубови отколку некои западни градови. Честа мета на путинистите е и Евровизија, која ја осудуваат како декадентен фестивал, на кој настапуваат хомосексуалци и сл., но токму Русија придонесе за тоа, со тоа што во 2003 г. таму го испрати лезбиското дуо Tatu.

Путин доста промовира советска носталгија, па се поставува и прашањето како тој тоа го помирува со религијата и духовноста, кои под комунистичкиот режим биле репресирани, а токму Путин тогаш бил агент на репресивната тајна служба КГБ.

Накусо, во приказната за руската духовност има многу невистини, претерувања, премолчувања, противречности или лицемерие. Нешто од тоа има и во оваа објава на Фејсбук, па истата ја оценуваме како невистинита.

 



 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција