Повторна злоупотреба на Црвениот крст во реклама за капсули против хипертензија

Измамничка реклама го злоупотребува името на Црвениот крст, ветувајќи лек за хипертензија, а иако Вистиномер веќе има откривано вакви измами, во оваа има понекои новости. За разлика од некои поранешни измами, во кои како лек за хипертензија се нудеше чајот Hypertea, новост е тоа што овојпат за тоа се нудат некакви капсули, Hyper Caps. Црвениот крст поседува и своја Фејсбук-страница, а таква понуда за лекови за хипертензија таму нема

Измамничка реклама го злоупотребува името на Црвениот крст, ветувајќи лек за хипертензија, а иако Вистиномер веќе има откривано вакви измами, во оваа има понекои новости. За разлика од некои поранешни измами, во кои како лек за хипертензија се нудеше чајот Hypertea, новост е тоа што овојпат за тоа се нудат некакви капсули, Hyper Caps. Црвениот крст поседува и своја Фејсбук-страница, а таква понуда за лекови за хипертензија таму нема

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

Откријте иновативно решение во борбата против хипертензијата! Обезбедува стабилен крвен притисок од 120/80 за само 5 дена. Не чекајте повеќе и подобрете го вашето здравје денес!

Покрај тоа, во објавата е вметната и слика (да го наречеме тоа рекламен банер), која можете да ја видите на следниов линк, а врз неа е додаден следниов текст:

ФОНДАЦИЈА ЦРВЕНОГ КРСТА

ПОМОШ ЗА ПАЦИЕНТИ СО ХИПЕРТЕНЗИЈА ВО МАКЕДОНИЈА!

ПОМОШ ДОЈДЕ ДЕНЕС ОД КИНЕСКИТЕ ПАРТНЕРИ!

СЕКОЈ КОЈ ДЕНЕС СЕ КОНТАКТИРА ЌЕ ДОБИ ЛЕК ЗА ПОМОГ ОД ХИПЕРТЕНЗИЈА!

ПОБРЗАЈТЕ!

Вистиномер веќе има откривано измами, во кои било злоупотребено името на Црвениот крст, но во оваа сепак има некои новости. Една од нив е натписот на банерот: „Фондација Црвеног крста“. Ако тој банер, како што тој самиот вели, ѝ се обраќа на јавноста во Македонија, зошто тоа би го правел на српски јазик? Тоа нема никаква смисла. Понатаму, текстот врз банерот е полн со правописни грешки од типот: „ќе доби лек за помог“, што нималку не ѝ доликува на една сериозна организација како Црвениот крст.

Тоа, јасно, е измама, а причината за тие грешки е тоа што измамниците не се од нашите краишта – како што говори богатото искуство на Вистиномер со ваквите измами.

За разлика од некои поранешни измами, во кои како лек за хипертензија се нудеше чајот Hypertea, новост е тоа што овојпат за тоа се нудат некакви капсули, Hyper Caps. До тоа сознание доаѓаме со клик на копчето со натпис „Learn more“ („Дознај повеќе“), кое е вградено во објавата што ја рецензираме, но ние не ви препорачуваме да го кликнете.

Ваквите копчиња се нормален елемент на Фејсбук и служат да го одведат читателот до некоја веб-страница со повеќе информации околу темата за која се говори, но во ваквите измами, тие копчиња водат до сомнителни веб-страници. Во случајов тоа е: https://mk.waqefy.com/ (скриншот од таа веб-страница на следниов линк).

Смислата на ваквите измами е читателот да нарача некаков производ или услуга на сомнителната веб-страница, заради што ќе мора да го внесе бројот на својата платежна картичка, по што измамниците ќе ја злоупотребат. Во случајов се работи за нарачка на лек, но има и случаи кога се нудат други производи и услуги (пример на следниов линк).

Таквите измамнички веб-страници понекогаш се откриваат и се бришат или се заменуваат со други содржини, па можно е и оваа да престане со работа. Таа всушност веќе не функционира како што треба. Таа нема врска со Црвениот крст на Република Северна Македонија, а неговата официјална веб-страна е: https://ckrm.org.mk

Црвениот крст поседува и своја Фејсбук-страница, а таква понуда за лекови за хипертензија таму нема. Измамничката Фејсбук-објава, која тука ја рецензираме, не е објавена од страна на Црвениот крст, туку од страна на некоја сомнителна Фејсбук-страница под назив “Health for all people”, која има само 5 потписници. Кој навистина стои зад неа – не е јасно и тоа сигурно не е место кајшто некој би требало да купува лекови.

Упатените корисници на Фејсбук лесно ги воочуваат овие измами, но судејќи по коментарите оставени под објавата што ја рецензираме, некои наши сограѓани помислиле дека зад неа навистина стои Црвениот крст, па во еден коментат пишува:

KADE E MINISTEROT DA GI KONTROLIRA, DONACIJA PISUVAAT A, NAPLACAAT.

Тоа што оваа објава успеала да доведе некои читатели во заблуда ни кажува дека и натаму мораме да ја едуцираме јавноста за ваквите измами, иако веќе имаме доста пишувано за нив. Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата која тука ја рецензиравме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција