Правилата на МРТ за избори паѓаат на ситни „финти“

Објективноста - рак рана на јавниот сервис. Полицијата ја чува МРТ пред портестот на АЈДЕ на 28 февруари 2015. Фото: FOSIM/Flickr

Македонската радио телевизија (МРТ) се обидува со два документа-правилници да обезбеди фер покривање на изборната кампања за претстојните вонредни парламентарни избори. Едниот е наречен Правила, а другиот е Eтички водич, кој е изработен од домашни експерти во соработка со експерти од Британскиот јавен сервис Би-Би-Си и некои други меѓународни организации кои се занимаваат со медиуми. Во првиот документ има оставено простор за волунтаризам и слободно толкување, оценуваат експерти.

 

Македонската радио телевизија (МРТ) се обидува со два документа-правилници да обезбеди фер покривање на изборната кампања за претстојните вонредни парламентарни избори. Едниот е наречен Правила, а другиот е Eтички водич, кој е изработен од домашни експерти во соработка со експерти од Британскиот јавен сервис Би-Би-Си и некои други меѓународни организации кои се занимаваат со медиуми. Во првиот документ има оставено простор за волунтаризам и слободно толкување, оценуваат експерти.

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Јавниот радио-дифузен сервис, МРТ отсекогаш бил во центарот на вниманието кога станува збор за медиумско покривање на избoрите во Македонија, токму зашто е јавен и неговите обврски и надлежности се многу поинакви и пошироки од приватните радио-дифузери. Но, бидејќи помалку или повеќе МРТ досега не успеваше да обезбеди фер покривање на изборите (зборуваме за сите изборни циклуси од независноста до денес), јавниот сервис е дел од преговорите за излез од политичката криза, како дел од севкупниот реформски пакет за медиуми, а се најде и во измените на Изборниот законик од крајот на минатата година, каде некои членови се изменети и прецизирани се и обврските, но и казните за оние кои нема да ги почитуваат законските решнија.

Но, покрај ова, и МРТ се обидува преку два јавни документи – правила, од кои едниот е веќе даден на еден вид јавна расправа, да гарантира дека ќе има фер покривање на изборите според сите професионални стандарди. Станува збор за Правила за медиумското покривање на изборните процеси и за Етички водич при покривање на избори, чија јавна промоција треба да следи наскоро, откако ќе биде прифатен од Програмскиот совет на МРТ.

 

ЗБИРОТ НА ПРАВИЛА НЕДОВОЛНО ПРЕЦИЗИРАН?

Првиот документ е направен од одговорните во МРТ во соработка со Агенцијата за аудио, аудио-визуелни и медиумски услуги (АВМУ), и тој е поставен на сајтот на МРТ пред нешто повеќе од 10-тина дена.

Во општите одредби на почетокот на документот се посочува законската обврска на МРТ да обезбеди „правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите во својата вкупна програма, и да овозможи подеднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми и бесплатно политичко претставување на сите учесници во изборна кампања“.

Во делот во кој се опишува покривањето на изборите во вестите на програмските појаси на Македонската телевизија и на Македонското радио, се забележува дека се ставени главните термини за вестите и тоа за МРТ1, вестите во 17.00, 19.30 и во 23.00 часот, а за МР1 во вестите во 7.00 (главните утрински), во 15.30 (централните дневни вести) и во 22.00 (централните вечерни вести).

Притоа, се презема обврската ставена и во Изборниот законик (член 76 –а) според која јавниот сервис изборното покривање во вестите ќе го прави по правилото 30-30-30-10, што значи дека првата третина од вестите ќе се покриваат општи настани од земјата и светот, па 30 отсто од времето ќе се покриваат изборните активности на партиите од власта, следните 30 отсто се посветени на партиите од опозицијата и 10 отсто од времето за партиите кои не се претставени во Собранието.

Како исклучително ветувачка е обврската напишана во Правилата за ротирање на времето и за непристрасниот тон при известувањето:

Информациите за активностите од кампањата на политичките партии на власт и во опозиција секојдневно ќе ротираат, а тонот на известувањето ќе биде неутрален. Времето меѓу учесниците во изборниот процес во рамки на 30% за партиите на власт, 30% за партиите во опозиција и 10% за учесниците во изборниот процес што не се претставени во Собранието на РМ, ќе биде распределено во согласност со принципите на избалансирано известување утврдени во член 75-а од Изборниот законик.

Но, за да не биде сè така убаво, веднаш покрај овој ветувачки дел од Правилата, во МРТ, како да (не) внимавале кога го прецизирале известувањето за првите 30 отсто од времето што ќе биде посветено за општи значајни настани од земјата и од светот. Сакајќи да ја испочитуваат законската обврска за немешање на државните со партиските активноти за време на предизборната и избоорната кампања, одговорните лица во јавниот сервис запишале дека МРТ за активноститите на државната и локалната власт ќе информира на два начина:

 – ќе информира претежно преку жанрот „вест“, со евентуални тонски изјави;

–  посодржаен третман, со изјави на учесниците во настаните, ќе добијат само активностите и темите што се од поширок јавен интерес.

Ова е најпроблематичниот дел од Правилата за известување во вестите. Во првиот начин, информирање преку најнеутралниот жанр – веста, проблематична е додавката, со евентуална тонска изјава. Имено, новинарот при пишувањето на главата и телото на веста навистина може да биде неутрален, но изборот на тонската изјава на субјектот што е претставен во веста, може да биде во полза на партиска пропаганда на претставникот на државната власт.

Уште попроблематичен е вториот дел, „посодржаен третман….само за активности и теми од поширок јавен интерес“. Дефиницијата на јавниот интерес во македонскиот медиумски простор се покажа изминатите години како најрастеглива и проблематична категорија и тука има простор за огромен волунтаризам од страна на одговорните уредници или дури и новинарите.

 

ПСЕВДО АКТИВНОСТИ – ТРИК ЗА ЗЛОУПОТРЕБА

Ваквата оценка ја дели и ја експлицира и д-р Снежана Трпевска, професор на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста:

Овде е проблематично, пред сè, тоа што не е дефинирано што се „редовни активности“ на органите на власта, односно не постои разграничување меѓу вистински и релевантни настани и т.н. псевдо-настани, кои се намерно создадени прилики од страна на власта (или партиите на власт), со цел да се привлече поголемо медиумско внимание. Не е доволно да се каже дека МРТ ќе информира во жанрот „вест“, туку треба да се каже дека МРТ се обврзува да ги селектира и да ги исклучува т.н. псевдо-настани од дневното известување и плус да ги дефинира јасно тие псевдо-настани“, вели Трпевска.

Според професорката, проблематично е што се вели дека посодржаен третман ќе добијат само темите што се од поширок јавен интерес. „Ова не е доволно за да се разграничат редовните од  лажните или вештачки креирани настани и остава простор МРТ и за време на кампања  да го прави ова што сега толку интензивно се случува – да игра улога на пропагндна машинерија на партиите на власт, а не на сервис на граѓаните“.

Трпевска потсетува  и на Препораката Р (99) 15 на Советот на Европа, за мерките поврзани со медиумското покривање на изборните кампањи, во која се вели дека „радиодифузерите не смеат да им даваат привилегиран третман на претставниците на власта во текот на дневно-информативните емисии.“

Претставниците на власта работат во интерес на целата држава, но од друга страна тие се и претставници на политичките партии. Овој „двоен идентитет“ особено доаѓа до израз за време на изборните кампањи, поради два значајни аспекти: (1) како да се обезбеди баланс меѓу остварувањето на правото на кандидатите и организаторите на изборна кампања на еднакви можности за пристап до медиумското претставување и правото и обврската на медиумите да известуваат за активностите на власта; и (2) како да се обезбеди еднаков медиумски третман на кандидатите и организаторите на изборна кампања, ако се знае дека контекстот на известувањето за активностите на власта најчесто е позитивен поради самиот карактер на настаните за кои се известува (на пример, значаен меѓународен настан, официјални средби, седници и сл.), објаснува Трпевска.

Слични наоди, вели таа, има и ОБСЕ/ОДИХР, кој мониторирајќи го медиумското претставување на учесниците од власта во кампањите, открил злоупотреба:

…претставниците на власта може да се обидуваат да ја прикријат изборната кампања или политичката пропаганда во рамките на нивните институционални активности или кампањи за информирање на јавноста. Не е ретко, во текот на изборните кампањи, да се видат министри кои отвораат јавни објекти, држат говори пред студенти, организираат меѓународни собири или промовираат нови програми за зависници од дрога со цел да привлечат дополнително медиумско внимание. – се вели во еден од извештаите на ОБСЕ/ОДИХР.

Поради тоа, медиумите треба да бидат упорни и конзистентни во обидот да ги разликуваат  редовните активности на претставниците на власта од активностите што тие ги водат како претставници на политичките партии во текот на изборната кампања, заклучува д-р- Трпевска.

 

БАЛАНСИРАНОСТ СЕКОГАШ, А НЕ САМО ПРИ ИЗБОРИ

Другите делови од документот што го изготвил МРТ се гору долу неспорни и тие се однесуваат на операционализација на обврските што произлегуваат од Изборниот законик. Таму се наведени прецизно упатства за постапување при бесплатно политичко претставување на кандидатите на политичките партии, потоа како и кога ќе се одвиваат дебатните емисии, иако е нејасно зошто дел од нив би биле снимени, потоа како ќе се изведуваат евентуалните интервјуа во изборниот и предизборниот период, правото на исправка и слично.

Привлекува внимание, сепак, една експликација од Правилата кој се однесува на тоа дека МРТ „доследно ќе ги почитува стандардите на новинарската професија“ и во перидот пред официјалното започнување на кампањата.

Иако Изборниот законик утврдува конкретни правила за рамноправен пристап во вестите само за периодот на изборната кампања, МРТ во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања, доследно ќе ги почитува стандардите и начелата за создавање на програмите утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од Етичкиот кодекс на новинарите на Република Македонија и на МРТ, како и принципите за покривање на изборите, и ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието на Република Македонија, на неделна основа. Ќе се обиде да информира и за активностите на политичките субјекти што не се претставени во Собранието на Р.М.

Ова реченица е најблаго речено непотребна. Таа само покажува дека оние што ги напишале Правилата можеби не си ги знаат законските обврски. Во Законот за Аудио визуелни медиуми и медиумски услуги во членовите 110 и 111, детално се опишани обврските на Македонската радио телевизија како јавен сервис. Таму прецизно стои дека избалансираното и професионално информирање со забележлив плурализам на ставовите, мора да се спроведува при секојдневното известување, а не само „на неделна основа“ во периодот од распишувањетоо на избори до изборната кампања, „иако тоа не е наведено во Изборниот законик“.

  • ПРАВИЛА ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ НА ИЗБОРНИ ПРОЦЕСИ (за рамномерно политичко медиумско претставување) Оригинална локација:http://mrt.com.mk/node/28766 – ПРАВИЛА ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ НА ИЗБОРНИ ПРОЦЕСИ
  • COUNCIL OF EUROPE, COMMITTEE OF MINISTERS – RECOMMENDATION No. R (99) 15, OF THE COMMITTEE OF MINISTERS TO MEMBER STATES ON MEASURES CONCERNING MEDIA COVERAGE OF ELECTION CAMPAIGNS, Оригинална локација: http://www.coe.int/t/dghl/standardsetting/media/doc/cm/rec(1999)015&expmem_EN.asp (Препорака на Советот на Европа за медиумско покривање на избори – COUNCIL OF EUROPE-Election Guidelines for Media), англиски јазик

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција