Прислушувани разговори – сет 6: „Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома.“

Министрите гневни поради неразумното трошење.

Дузината разговори меѓу министрите Јанкулоска и Ставрески откриваат колку и самите тие се незадоволни од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицискиот партнер. Од нив дознаваме и за криминали на различни функционери на власта и за тоа колку трошењето го „исушило“ државниот буџет.

 

Сите разговори од овој сет се помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, а се во контекстот на неразумното трошење на власта и проблемите со ребалансот на буџетот.

Во првиот разговор Ставрески ѝ кажува на Јанкулоска. „300 милиони за автобусите, вторпат веќе плаќамe, еднаш 700 милиони плативме, знаеш, една милијарда да платиш у месец дена“… Вели дека приходите се катастрофа, па го рибал Горан (Трајковски, директор на УЈП во тоа време), оти никој не плаќа, да проаѓа „со фискалниве“. „Горан е трчи-лажи целиот. Све ќе ти вети, ништо нема да напраи“, вели Ставрески.

 

ПА НА ДРВО ДА ГИ БЕРЕВ ПАРИТЕ…

Потоа се жали дека се чувствува како постојано да разговара со група на идиоти – односно многу се троши, а пари нема. Вели дека долговите се се поголеми „100 пати му реков, абе не иде вака више. Доста е, да му ебам мајката“, дека постојано излегуваат некои нови суми за кои треба да се издвојува, што е невозможно да се направи  „па на дрво да ги берев париве… па не може ова бе, не се издржува“, вели Ставрески, продолжувајќи со „Све поише и поише борчиме“. Јанкулоска вели дека се „расплинети до бесвест“ и „само се прават некои мегаломански работи“

Во следниот разговор двајцата зборуваат за кратење на буџетот, за кој Ставрески вели дека е празен. „Јас не можам да го затворам буџетот. Значи, оставка треба да дадам како министер за финансии“, вели Ставрески. Јанкулоска кажува дека со таквото кратење, со комуналните услуги веќе се сведени на нула и ниту струја, ниту телефони може да плаќаат до крај, и бара како подобро решение да се кратат платите. Ставрески напоменува дека тоа не е разговор што треба тие двајца да го прават туку мора да се зборува на Влада, а Јанкулоска повторно излегува со својата варијанта дека е подобро да се скратат платите отколку комуналните трошоци, оти ЕВН на МВР му се заканува дека ќе исклучи струја поради неплаќање.Според Јанкулоска, не е трагедија во време на криза да се скрати плата за 5 или 10 отсто, на што Ставрески вели дека е трагедија тоа што на културата се трошат 5 отсто од буџетот. Јанкулоска посочува и дека нејзиното министерство нема трошоци како некои други, односно „Здравство распишува тендер за кампања, за, не знам, за спотови. Култура 260 илјади евра дава за спот… “.

 

ДУВАЊЕ ПРАШИНА И „ЦИГАНСКА РАБОТА“

Во разговорот потоа Ставрески се жали за маките што ги има со ребалансот, па мора вештачки „да дува приходи“, а потоа некој пак ќе му прави проблеми зошто за ова, за она, „за зададената прашина“ нема пари. Јанкулоска реплицира дека со кратењето прават „циганска работа“, кратат по 2, по 3 милиони, а истовремено книги се укоричуваат со злато. Ставрески се надоврзува дека луѓе што му доаѓаат му кажуваат за дополнителни работи што ги барал Груевски, нарачал уште 100 слики за Археолошкиот музеј… и вели дека не знае веќе дали е ненормален тој или некој друг. Јанкулоска илустрирајќи колку е лоша состојбата во некои делови на МВР, кажува како за реконструирана полициска станица полицајците биле презадоволни оти добиле плочки во тоалетите и прозорци што се затвораат, како и дека сами „му кажале“ дека спијат на железни кревети со ќебиња од ЈНА.

 

ПЛАН ОД 300-400 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СПОМЕНИЦИТЕ И ЗГРАДИТЕ

И следниот разговор е полн со неодобрување и од Ставрески и од Јанкулоска за тоа на што се трошат парите, но и за потезите што ги влече ВМРО-ДПМНЕ. Ставрески вели дека треба да се купи тоа што треба, ама да не се прави се, да не се градат споменици и згради, на што Јанкулоска потсетува дека за тоа е направен план од 300-400 милиони евра.

Таа потоа појаснува дека дента била преокупирана со Центар, а Ставрески вели „шо се глупираме таму, големи глупости праиме“, велејќи дека се прават шашми дека не „го изгубиле и ќе го растурат“, напоменувајќи дека по некое време ќе се види дека сето тоа било погрешно. Јанкулоска кажува дека и се јавил Орав да реагира за тоа како постапувала полицијата во протестите и блокадата на општина Центар, на што таа рекла дека полицијата „реагирала малку“, „Ама мислам се глеа колку е саат…“, му вели Јанкулоска на Ставрески. Тој пак вели дека на крајот ситуацијата ќе биде „ко Ердоган, ќе им пукне филм, ќе речат „постојано продуцирате проблеми“. „Па не може постојано да сме у право“, вели Ставрески, а Јанкулоска појаснува дека евроамбасадорот бил изваден од такт и предупредил дека тоа што го прават е последната работа што и е потребна на власта во моментот.

 

МИ ИДЕШЕ ДА ГРАБНАМ ТЕЛЕФОН И ДА МУ ЈА СКРШАМ ГЛАВАТА

Во разговорот што следува Ставрески кажува дека му е смачено и од избори и од се, а ноќта многу се изнервирал со порака што ја добил па му дошло „да грабне телефон и да му ја скрши главата“. Вели дека „тој“ ги тера да прават незаконски работи – него, „Миле и Владо“, односно да потпишат со Кинезите, а Владо и Миле не сакаат да потпишат, па Ставрески треба да излегува посредник помеѓу нив и „него“. Потоа пренесува што самиот реплицирал, на што добил ироничен одговор дека и тројцата се „јаките правни експерти“, односно „нешто ми дрнда таму“. „И да не сме во право, начин ли е тоа за комуникација со тројца твои соработници? Не може да вреѓаш така! Забегана порака… човек што изгубил контакт со реалноста“, коментира Ставрески. На крајот на разговорот се разјаснува што требало да се потпише – договор со кинеска компанија што ќе гради патишта, ама без распишан тендер, по што и Јанкулоска кажува дека не може така.

Следниот разговор е посветен на прекажување на разговорот на Ставрески со „шефот“ за нешто за што критика давал Орав односно „тој копиљот“, кој кажал дека за средствата од ИПА што нема да се искористат вината ќе биде на министерствата за финансии и за животна средина, на што Ставрески заклучува дека Орав е „сељак“, а Јанкулоска пак дека е „исфрустриран“. Ставрески е незадоволен и од тоа што му нудат буџетска поддршка од 20 милиони евра, а бараат поради тоа „да му влезат у трезор и да копаат“ за заостанати долгови.

 

СЕ ИЗНЕРВИРАВ СО КОПИЛЕВО ОД БИТОЛА…

Во разговорот потоа Ставрески кажува колку е изнервиран со „копилево од Битола, Владо Талевски“, оти направил скандал со договори со превозници. Вели дека е склучен договор со „Транскоп“„коруптивен до даска“, со цени по ученик повисоки 10 пати од реалните, односно од важечките на денот на разговорот, кој потоа под притисокот од опозицијата во Советот на општината, е поништен и бил распишан тендер на кој се јавуваат приватни превозници, кои потоа нудат цени 10, пет, трипати помали од тие што биле договорени со „Транскоп“. Потоа Талевски, вели Ставрески, со поддршка од Коце бара преку ЗЕЛС Финансии да му ги покрие долговите кон Транскоп и кон приватните превозници до 2010 година. Јанкулоска констатира дека Коце дава поддршка за сите матни работи. Ставрески објаснува дека неговите луѓе што ги испратил во Општина Битола откриле дека во сметката има пари да се затвори главниот дел од долгот, а Талевски не го прави тоа туку му врши притисок на Панче (Кралев), а потоа давал изјави дека Министерствата за образование и за финансии му давале малку пари и ги пуштил превозниците на прес…

Во следниот разговор, Ставрески раскажува каква кавга имал со, по сета веројатност, Груевски, кој го прашувал зошто „го направил лом“ Дане (Кузмановски), при што во разговорот со Јанкулоска Ставрески објаснува како му се развикал на Дане, по што овој се жалел кај многумина. Ставрески е гневен што по враќањето од Турција наместо за приоритети во државата, (Груевски?) го прашувал за Дане, како и поради тоа што секогаш зазема став дека другиот е во право, а не застанува позади „нив“.

 

АБЕ, ЗА КОЈ НЕ ДОЛЖИМЕ?

Разговорот што следи полн е со гнев од Ставрески за тоа што, најверојатно Груевски, не доаѓа кога треба и не останува додека треба, па луѓе чекаат, но и за тоа што бил прекорен оти „нема парно Валентина Божиновска“,. Ставрески нагласува дека проблеми со комунални услуги има за сите институции. Тој и Јанкулоска потоа разговараат за неисплатена плата во МВР и за тоа дека „тој“ не се загрижува поради тоа, при што Ставрески открива дека ако се должи на „Бетон“, на Васе Доневски, веднаш му стасуваат пораки. „ Абе, за кој не должиме бе брат?“, вели Ставрески велејќи дека е дегутантно и дека „на Влада му се повраќа“.

Во следните два разговора меѓу Јанкулоска и Ставрески, се споменува дека „тие“, како што велат „комуњарите“ се забегани, а Ставрески нагласува дека постојано се додаваат нови трошоци и обврски, какви што ниту една нормална земја, па ниту „Америка“ не би ги издржала. Коментира дека постојано се збираат и доаѓаат нови идеи што да се направи следно, по што констатира „ Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома, тоа праиме ние“

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ во Скопје, (02.03.2015)

 

 

 

 

По оваа прес-конференција на Заев, на прес-конференција Зоран Ставрески зборуваше за дел од материјалите.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески

ЗС: Не е проблем, ја, 9 миљони, 10 миљони, 20 миљони ќе платам, ама истовремено имам Миле 300 миљони за автобусите, втор пат више плаќаме…
ГЈ: Да де да.
ЗС: … еднаш 700 плативме знаеш. Една миљарда да платиш у месец дена.
ГЈ: Да де да, абе мене ми е јасно.
ЗС: Приходите се катастрофа. Горан го рибав пред некој ден исто му викам, абе дај проаѓај со фискалниве овакво никој не дава, еби си матер више, не можам да ве… живци кинам, стварно… Он е трчи лажи целиот.
ГЈ: Абе ја ептен зорт коа иам ти вртам…
ЗС: Све ќе ти вети, нишо нема да напраи. Се е кај него, аха аха, сега чекаме…
ГЈ: За овој, за два дена, рокот, постапката…
ЗС: Еве влезени сме таму, голем наод имаме, дрн, дрн. На 25ти, на 23ти све е во идното време. И коа ќе помине рокот, маме им ебам не знам што, ме излажале вака ја заебале работата, дрн, дрн, пак ништо.
ГЈ: Сум ти кажала ја и претходно сме збореле.
ЗС: Да, да…
ГЈ: Ја ептен ако неам голема мака како денес, не ти ни вртам, пошо знам дека не треба десет пати да ти кажам дека иам проблем со Макпетрол, мислам…
ЗС: И ме дозаболе глаа со информацииве на Влада, еве сеа ги потпишуев 200 информации за кец што се, Комисија. Абе Горде луѓево као да се идиот бе, мислам ај еве и, абе нон стоп предмети со фискални импликации. Знаеш како нервира тоа, мислам као да разговараш со група на идиоти.
ГЈ: И нон стоп местенки. Тој што не е на Влада ај да го наместиме.
ЗС: 80 миљони. 60 миљони. 42 миљони. Као бе да ова да беа бе, па на дрво да ги берев париве па не може ова бе, не се издржува.
ГЈ: Јас, вчера кога бевте у Демир Капија…
ЗС: И све што јас ќе успеам од сите 5 миљони да скратам и уше тоа ќе ме кошта огромни нерви.
ГЈ: И уште крив ќе испаднеш.
ЗС: Абе не иде веќе вака бе. Све поише и поише борчиме, 100 пати му реков, абе не иде вака више. Доста е да му ебам мајката.
ГЈ: Расплинети сме до бесвест. И само се праат некои мегаломански работи, јас вчера се испокарав со Миле дур бевте у Демир Капија.
ЗС: Тој е едно од најголемите копилиња.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески

ГЈ: А, од кај па сега испаднаа 600 милиони, пошто кај нас требаше 300 да се скратат.
ЗС: Па сега, не знам. Ти кажувам Ели што ми пишала. 29 посто од позициите што ви се буџетски, 42, 46 и 48.
ГЈ: Точно, а ние имаме скратено околу 16 посто. Значи, треба од прилика уште толку да скратиме, околу 14, 15. Ако сме дале 180 милиони, треба уште 180.
ЗС: Колку ти се збирно позициите, 42, 46 и 48? Колку ти се, пута 0,29.
ГЈ: Има уште една друга работа. Мислам, ок, ако е само математичка операцијава ќе скратиме и тоа е тоа. Со вакво кратење ние на комунални услуги на нула сме веќе. Зошто ставката ни е 70 посто сега потрошена. 30 кога ќе скратиш, од вкупната, и 70 потрошени, стигаме до нула. Мислам, реално, нити струја можеме да плаќаме до крај, нити телефони, нити ништо. Дај некако да видиме што ќе правиме. Подобро дај плативе да ги скратиме.
ЗС: Па да скартиме. Да скратиме. Не знам што да правиме. Јас не сум магионичар да можам да направам од ништо нешто.
ГЈ: Па знам, Зоки, токму заради тоа. Значи, ако не смеам у плати да скратам, ако не смеам на друго место да скратам, сé ќе сведеме на нула и пак нема да ја завршиме работата на крај. На крајот на краиштата зошто одиме со глава во ѕид. Дај плати да скратиме и готово, ко цел свет што прави.
ЗС: Горде тоа треба на Влада да се дискутира, не со мене само.
ГЈ: Не, ок. Мислам, Јас сега со тебе го дискутирам пошто го отворивме муабетот, инаку не може да…
ЗС: Не може да не се скрати зошто во буџетот нема пари, едноставно. Ја можам да седам и да нема ребаланс и ќе седат 6 месеци налозите у трезор.
ГЈ: Знам.
ЗС: Ќе биде плукање по мене, а ништо у пракса нема да се смени. Нема да им платиш на тие што не можеш да им платиш и вака и така.
ГЈ: Да, дури и бетер ќе биде.
ЗС: Кога ги нема парите, значи ги нема парите.
ГЈ: Ама, те разбирам.
ЗС: Ќе те ѕивкаат од сите страни, а вака, кога знаат дека нема пари, нема пари и толку.
ГЈ: Ама еве, и овие комуналниве трошоци, мислам, ќе ги скратиме. Па подобро плата да скратиш него тоа. Во секој момент ЕВН секој ден ни се заканува дека струја ќе ни исклучи.
ЗС: Епа добро, предложете си навреме.
ГЈ: Ниедна сметка…
ЗС: Избркајте 500 луѓе од администрација што не ти требаат и готово.
ГЈ: Па или да избркаме или да земеме да ја скратиме платата бе. Не е трагедија 5 посто плата да се намали или 10 посто плата во услови на криза.
ЗС: Па ништо не е трагедија. Не е. Трагедија е кога за култура ми одат 5 посто од буџетот. Тоа е трагедијата. И филмот на Столе Попов е трагедијата наша.
ГЈ: Па стварно е тоа….Секој нормален човек ќе разбере, ќе каже, ок 5 посто, ама останав на работа, знаеш.
ЗС: Да.
ГЈ: Не се оди со глава во ѕид. Ја сум повеќе, мислам, сега со тебе си правам муабет, јас сум повеќе, колку треба нека се скрати и плата, нека се скрати и број на луѓе ако треба, ама да видиме, да функционираме у другиот дел. Шо ќе работи бе полиција ако нема пари за бензин, ако нема пари за реагенси? Шо ќе работи? Ќе седиме у канцеларија без струја?
ЗС: Добро, ама не го игнорирајте проблемот. Сега вие, ми праќаш тоа што не сме се договориле и сега што да правам јас? Ако е така, седни, земји јави му се на телефон и барај средба, објасни се, шо ќе ти даде насока, тоа предлагај.
ГЈ: Да де, да.
ЗС: Не ми предлагај буџет што не можам да го затворам и испаѓа сега јас сум крив за сé во државава. Сите лоши работи ја треба да ги кажам, ја треба да ги соопштам, ја треба да ги направам.
ГЈ: Не бре Зоки, не треба ти да ги кажеш.
ЗС: Еве јас ќе дигнам слушалка, ја ќе се карам со Сашо.
ГЈ: Да имам можност, еве ја ќе кажам, ама ја немам можност кај да кажам.
ЗС: Не си ни пробала. Дали имаш можност ќе знаеш ако пробаш.
ГЈ: Не сум пробала, затоа што…
ЗС: Као Нино што проба, така и ти ќе си пробаш.
ГЈ: Зошто у илјада други случаи се нема трпение. Еве, сега ќе се јавам и ќе побарам средба. За оваа тема.
ЗС: Ја не можам на сите министерства буџетите да ви ги направам. Никој ен сака да се соочи со реалноста во оваа држава.
ГЈ: Епа не знам, еве види од другите дали има некој на нула шо ги симнас ставките, да видиме дали се соочуваме со реалноста.
ЗС: Добро, ок.
ГЈ: Па, што ок? Здравство распишува тендер за кампања, за, не знам, за спотови. Култура 260 илјади евра дава за спот. Ја немам такви трошоци.

 

Разговор помеѓу Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска

ЗС: Више више не знам, мислам се полудев со ова. Не се издржува, знаеш дувам приходи вештачки ова тоа, мислам брука, шо да ти кажам. За да го склопам некако.
ГЈ: Да де да. И пак ќе биде, зошто овде ова…
ЗС: И пак ќе е зашто за зададената прашина нема пари, за не знам кој други. Леле шо све има внатре, ц ц ц…
ГЈ: Абе незамисливо е Зоки. Ние сеа колку цигани 2миљона овде 3миљона тука скрати, циганска работа. Значи до таму е дојдено. А ваму со злато ги укоричуваме книгиве.
ЗС: Абе луѓево, пошто доаѓаат овакво за буџет па мора некој работи да кажат, шо све ми кажуваат дополнителни работи таму шо све им кажувал. Сеа слики нарачал, 100 слики, слични како овие у музејот што се, за во археолошкиот музеј.
ГЈ: Леле…
ЗС: Добро бе Горде, мислам кажи ми еве дали јас сум ненормален или не знам више шо да… Мислам…
ГЈ: Абе јас вчера нели за ова за полицискава станица. Луѓево значи рипаат од радост, како мали деца се радуваат зошто имале плочки у купатило и прозорите зошто се затвараат. Значи до таму е дојдена работава.
ЗС: А мене ми се смее шо сум му рекол за…
ГЈ: Ама они сами му кажаа, а спијат на железни кревети, на ќебињата пишува ЈНА.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески

ЗС: Абе види, многу голем проблем иам со тие состаноци пошто секој за да се ослободи од притисокот и да не биде он крив, на друго место префрла и немаш присуство таму, и цело време испаѓа ова тоа ова тоа, мислам… Второ е, океј бе брат, дај да купиме шо треба да прајме све, ама дај да не градиме споменици и згради.
ГЈ: Зоки знаеш колкав е планот шо го дадоа они? 300-400 миљони евра.
ЗС: Знам бе знам.
ГЈ: Мислам…
ЗС: Знам бе шо, све ми е јасно…
ГЈ: Да де да, мислам ова ја шо ти кажувам е ситна работа, и ја мислам ако можам ја ќе завршам да не ти биде на твој грб после. Ќе ги викнам луѓево, ќе одржам состанок, ќе видиме шо ќе… А за другото да не коментирам.
ЗС: Да, океј.
ГЈ: И така… Денес се расправам со Центар.
ЗС: Шо?
ГЈ: Епа што. Со ова.
ЗС: Aбе шо се глупираме таму.
ГЈ: Сеа пред малку ми се јави Орав. Што да ти кажам. Вика…
ЗС: Големи глупости праиме, ама…
ГЈ:Тргнал негде на викенд.
ЗС: Вчера имав прилика да видам како се размислува од некои други така да јасно ми е шо е. Се потстанува егото и се… И второ се, демек еве не го изгубивме ние… Ќе го растуриме. Океј добро, океј. Не е проблем.
ГЈ: Абе мене ми е шо ја иам мака.
ЗС: Ќе се види по некое време дека пак е погрешно, меѓутоа океј.
ГЈ: Да бе да. И ми вика што е ова, што е ова, се тепаа пред општина со полицијава, дур ми се јави мене Кире ова она, полицајциве малку ги зашутираа овие и за среќа добро беше шо испадна така…
ЗС: Ало?
ГЈ: Aло?
ЗС: Се губиш нешто.
ГЈ: Па излеа овдека со изолацијава. И за среќа мислам полицијава реагираше малку викам не е така, реагиравме, па му пишав порака, знаеш морам некако да ја менаџирам. Вика ја вика тргнав на викенд петок поручек ми се јавуваат од Брисел, што се случува и мислам вака ми вика ова што го прај ВМРО нигде го нема, ова она… Викам видете јас како министер за внатрешни можам да ви кажам, тоа што е надлежност на полицијата го праиме, не знам ова она, професионално дрн дрн.
Ама мислам се глеа колку е саат, плус оти…
ЗС: Ало?
ГЈ: Ало?
ЗС: Абе дај застани на едно место не оди многу ако…
ГЈ: На едно место сум ама излеа на погрешно.
ЗС: Се губиш, еве сеа пак те изгубив. Ко од бунар те слушам.
ГЈ: Епа извини.
ЗС: Е сеа супер па те слушам.
ГЈ: Е сеа станав стоечки зборам. Преѓе бев седната.
ЗС: Епа стој додека збориш.
ГЈ: Дур зборам со тебе…
ЗС: Не види на крајот ко Ердоган ќе биде ситуацијава значи ова тоа, ова тоа и ќе им пукне филм на…
ГЈ: Да де да.
ЗС: Ќе речат добро бе ај у пичку матер па постојано нешто продуцирате проблеми. Па не може постојано да сме у право.
ГЈ: Не ама, ова ова што, овој ептен беше вака изваден од такт и ми вика ова вика што го праите е најмалку што ви треба.

 

Разговор помеѓу Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска

ГЈ: Да ти кажам ми се смачи више.
ЗС: Не ми збори.
ГЈ: И од избори и од све. Налет, знаеш како, мислам.
ЗС: Цркнавме. Да ти кажам ноќеска каква порака добив ми се смачи што ми идеше да му грабнам телефон да му ја скршам главата.
ГЈ: Ја ти викам…
ЗС: Не тера да напраиме незаконско нешто. Не ја, Миле и Владо треба да потпишат со тие Кинезите и нејќат луѓето да потпишат. И во право се што нејќат.
ГЈ: Да де де.
ЗС: Е сега место со нив тоа да го расправа, сега они и да го јаваат, јас сум месинџерот, мене ми се јавува, ова зошто е вака зашто е така, не е потпишано. Му објаснувам зашто не е, и му пишувам во пораката и мислам дека се во право луѓето. И ми враќа порака јаките експерти, јаките правни експерти Миле и Владо, а и ти како искусен правник сте дошле до заклучок дека е, и нешто ми дрнда таму.
ГЈ: Глупости. Па тој што вика дека е ок, нека го потпише.
ЗС: И да не сме во право, пази, и да не сме у право, начин ли е тоа бе со тројца твои соработници?
ГЈ: Да де. Ама и не само тоа, ако некој некомотно се чувствува, значи има нешто.
ЗС: Така е. Пак е да речам забегана порака. Онака, човек што изгубил контакт со реалноста. Не е во ред, не можеш да вреѓаш така.
ГЈ: Да бе да, мислам на крајот.
ЗС: Ако не сум јас искусен правник, шест години работам со проблематика, знам да проценам ГС: Ама независно…
ЗС: Што треба да потпишат знаеш? Договор со кинеска компанија што ќе ги гради патиштава без тендер. Тоа треба луѓево да потпишат.
ГЈ: Па не може така.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Зоран Ставревски

ГЈ: Ало.
ЗС: Ништо, онака те барав, дали ќе идеш Бутел да те прашувам, ама…
ГЈ: Па не…
ЗС: …на друго место си била.
ГЈ: …ме стаиле у Долнени, да, да.
ЗС: Глупости.
ГЈ: Што да ти кажам. Ти шо праиш?
ЗС: Па ништо еве со шефот нешо ме побара нешо му објаснуев, овој од ЕУ тужел, Орав, тој копиљот. Тој ич не не сака.
ГЈ: А шо му фали на него?
ЗС: Нешто финансии го тужел, дека тоа што ИПА средства не ќе се искористеле финансии и екологија биле криви. Сељак.
ГЈ: Исфрустриран е тој.
ЗС: Да, да. Затоа што не ги слушам ја. И второто што ми нудат буџетска поддршка 20 миљона замисли евра, а сакаат со тоа да ми влезат у трезор и да копаат.
ГЈ: И не само тоа.
ЗС: за arrears (заостанати долгови)
ГЈ: И не само тоа, он е фрустриран шо не може да врши влијание, не е некој авторитет и излеа таму од внатре малку го с’скаат по таа основа. Пошо таму никој не не сака нас.
ЗС: Ич не не сакаат таму и цело време трујат. А у суштина и корумпирани копилиња се за сите тендери.
ГЈ: Да де да. Да, да.

 

Разговор помеѓу Зоран Ставревски и Гордана Јанкуловска

ГЈ: Ало?
ЗС: Горде шо праиш?
ГЈ: Еве вести.
ЗС: Добро.
ГЈ: Ти?
ЗС: Еве ја сега пошто завршив пред 15мин, дојдов у канцеларија и продолжуем накај дома. Се изнервирав дополнително со ова копилево од Битола Владо Талевски, пичка ли му матер.
ГЈ: Шо бе Зоки?
ЗС: Абе ни напраи скандал со овие превознициве. Ќе ти кажам шо е.
ГЈ: Абе што говеда се значи.
ЗС: Беше направена ситуацијата. До 2010та до јуни, склучен е договор со Транскоп, коруптивен до даска, у кој што по поединечен ученик договорените цени му се повисоки 10 пати повисоки отколку после тоа, отколку денес шо важат цените со приватни превозници се договорите. Значи советов у 2010та од опозицијава овие му извршиле притисок да ги смени тие договори и он распишува тендер, кај што приватни превозници се јавуваат…
ГЈ: Да де, тендер. Кој бил најефтин, тој.
ЗС: … и цената ја спуштаат во однос за 1 спрема 10 на некои места, негде 1 спрема 5, негде 1 спрема 3.
ГЈ: Да де да.
ЗС: И копилево место да си го покрие криминалот, напукал, пошто долгот до 2010та отприлика е, кон Транскоп, отприлика е 36 миљони денари и 22 миљони кон приватниве. И сега бара преку ЗЕЛС, прво со поддршка од Коце се разбира, да ние му ги покриеме долговите.
ГЈ: Коце за сите такви матни работи дава поддршка. И само да те намести.
ЗС: Испратив луѓе таму. Како второ значи, има на сметката негова, на редовна сметка 60 миљони денари и на сметка за дотации кои што се наменети за исплата на плати и на материјални трошоци 16 миљони, откако веќе ги исплатил платите, вишок има цело време 16 миљони денари. Шо значи он може да го затвори главниот дел од долгот со таа сметка да ги плати. Место тоа да го напраи, он му врши притисок на Панче, прво ги пушти превозниците на прес, пази. И даде изјава…
ГЈ: Да да, глеав тоа, да.
ЗС: … на медиуми дека министерството за образование за финансии малце му давале пари. А кој се овие луѓево шо се превознициве се наши. Значи, за да излезат на прес, не излегле случајно. На негово барање.
ГЈ: Да де да. Тие и работата случајно не ја добиле.
ЗС: А у меѓувреме едно 50 СМС-и до шефот имаше испратено претходно уште. И му реков, нели завчера коа беше у Влада нејќев ни да го погледнам.
ГЈ: Да, да, да.
ЗС: И му реков на Панче ти јави му се, оти ја ако му се јавам ќе му ебам мајката, не можам да се воздржам на телефон. И сеа и на Кире Божиновски му се јавував да му изврши притисок, пошто копилето игра крајно прљаво. Значи тој е, тоа е… Кај што е неспособен, уште тежок криминалец, ама и перфиден актер она, глумец.
ГЈ: Епа тоа му е професија. Тоа сакав да ти кажам. Добар глумец е.
ЗС: Лигле.
ГЈ:. Значи блефер, професионален е. Другиве блефираат, ама така приучени, ама овој е професионалец, професија му е тоа.
ЗС: Да де да. Копилиња, со такви се занимаваме…
ГЈ: На толку помош.
ЗС: Значи малце ли се тепам у Собрание со сите, од комуњариве, сега и на толку помош што му е дадена, копилето пази нас ни праи прес, ми праи он мене.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Зоран Ставревски

ГЈ: Ало? Ало?
ЗС: Консултација малце се изнервирав.
ГЈ: Ајде.
ЗС: Уште не дојден од Турција ми стига порака: Зоран што направи толку Дане денеска да го направиш лом? Нешто… со него
ГЈ: Боже еееј.
ЗС: Дане од Државна Лотарија на кој што миљон работи му прошле со кој што ја не се согласувам…
ГЈ: Да де да.
ЗС: …миљон и првата покушаваше агресивно денес да ја спроведе и на Лиле и се дереше и ја застанав у заштита на Лиле и едно време ми пукна филмот пошто искоментира па ако не ми најдете, ако не може вака да се реши, тогаш Владата нека ми даде пари и ја тука ми пукна филмот и му се изназдрав. И му реков ако не ти се работи оваа работа напушти ја, на некој друг може ќе му се работи или можда е проектот неуспешен и нема постојано истото да го слушаме. И знаеш го запукав така јако…
ГЈ: Да де да.
ЗС: …да се однесува така на комисија. И копилето одма пишал порака и од сите…
ГЈ: Лигуш.
ЗС: …можни приорите у државава прво по доаѓањето од Турција место да ми каже фала Зоран што ми ја држеше состојбата овдека додека ја…
ГJ: Да де да, мислам на миљарда проблеми, мислам овој период толку беше напнато, затегнато…
ЗС: Но но, преку глава ми е, значи истото тебе шо ти го прај, значи ќе ти, ќе ти… Одма зазема став дека другиот е во право, ти си кривиот. Значи еднаш позади нас да застанеше.
ГЈ: Да де да, она вчера шо ти го кажав, мислам… Ме слушна колку бев изнервирана. Мислам стварно е…
ЗС: И сеа ја му пишам порака, се објаснуем се оправдуем, а ми иде да му напишам иди у пичку материну.
ГЈ: Заедно со се Дане.
ЗС: Заедно со се Дане и седи тука работи ти ја работата, ја ја ја не морам да ја работам. Ако не ти се свиѓа.
ГЈ: Не ама стварно е претеризам.
ЗС: Ебати Дане, ебати копилињата.
ГЈ:И на крајот на краиштата, абе ако ти е Дане добар, стај го Дане да ти ја брка работата ти шо ја бркаш. Стај го Дане и готово.
ЗС: Абе сите се у право. Значи у старт е у право, и ја сеа треба да се правдам. Ја сум у дефанзива.
ГЈ: Да бе да. И сеа… пази најлошото е шо ти не добиваш шанса човечки да се објасниш. Треба по СМС да се објаснуваш.
ЗС: По СМС бе еве, СМС ми пишал не можел да издржи од од… Страшна работа се десила, Дане е увреџен.
ГЈ: Мизерија да ти кажам.

 

Разговор помеѓу Зоран Ставрески и Гордана Јанкуловска

ЗС: Му реков вчера, му викам, треба да дојдеш порано, треба да дојдеш и попладне. Не може, зошто ги чекаме, нели кога збореше зошто чекаат, срамота е. Чекаат, му викам, зашто попладне ти треба да дојдеш, заради тебе чекаат, да ги викнеш, не е до нас.
ГЈ: Да де, да. На крајот на краиштата, па ние ги поминавме тие точки.
ЗС: Мислам, уште човекот као да…
ГЈ: Ко ние да сме криви. Па уште срамота било, греота. Па ние нели сме греота бе?
ЗС: Да бе, исто ми пиша, срамота е да нема парно Валентина Божиновска. Ние дур сме на влада, он ми вика со Валентина сум, немала пари за пaрно, срамота е во денешно време да нема парно. Ја му одговарам да, се слагам дека е срамота да нема парно, но јас имам многу пати кажано дека има проблеми со сите комунални услуги и во сите институции. Не е само кај Валентина. Само што му викам, не ми помагаш да најдеме решение. Абе ајде, у п…у материну више.
ГЈ: Нека си ги решава во сопствениот двор.
ЗС: Сега го открил проблемот еј, пази, замсили? Валентина имала проблем, и срамота било. Ок бе брат, срамота е, дај скрати кај Васил Доневски од тие…
ГЈ: А не е срамота што ние се чудиме плата како да исплатиме.
ЗС: Не, не е срамота зашто ти не те вика и не коленчиш таму и не пушиш и не праиш секој ден плачки.
ГЈ: Ја минатата недела, три насловни имаше дека МВР нема пари за плата. Не дека нема пари него…Не се собрале парите за да помине налогот.
ЗС: За тоа не ми пишал.
ГЈ: Нема да правам скандал од тоа. Знам што е проблемот, си трпам. И чекам ЗС: Ама, негова работа, не се загрижува за тоа.
ГЈ: А, овде се 11 и пол илјади луѓе.
ЗС: Али затоа на Бетон што му должиме, на Васе Доневски, сабајле ми стигаа пораки. За Бетон сме должеле. Абе, за кој не должиме бе брат?
ГЈ: Абе, и уште билдаме, уште ако може уште нешто плус.
ЗС: Па не, ама, мсилам, стварно е дегутантно, кога ќе земам да зборам, ми се повраќа, ако веруваш, на Влада.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески

ГЈ: Што да кажам, мислам онака уплав да те фати. Коа гледам вака колку шо, буквално тој термин шо го употребуваат комуњариве забегани, тој е тој. Стварно мислам, оригинален. Туку гледај ти, како-така некако, мислам се утепа, се…
ЗС: Ќе го дадам нека крши глава што сака нека е.
ГЈ: Па баш така, ти сега истроши енергија како не знам… Еден каменолом да си ископал сам на раце и плус после рачунај како ќе биде у Собрание. Не знаеш со кого се потешки преговориве.
ЗС: Па не знам стварно.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески

ГЈ: Да помине годинава. До година ќе биде подобро. Ама не е подобро. И само ги влечеме опашките.
ЗС: Горде, и да е подобро, ние додаваме, нон-стоп, толку многу трошоци и обврски да не постои нормална земја у светов, Америка да бевме па ќе, немаше да издржиме. Нема седница на Влада, нема седница на Економски совет, сега и тие комитетите ги креиравме, на секое од тие седници доаѓаат креативни идеи што да се прави. Патеки околу ова, патеки околу она, аква паркови…Не знам што праиме. Мислам, ние сме лудаци. Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално.
Тоа треба да го разбереме дека е ненормално.
ГЈ: Идиотска е состојбава.
ЗС: Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома, тоа праиме ние.
ГЈ: Е баш така праиме. Види, ние кратиме, свесно, ирационално се однесуваме. Ги сведуваме основниве функции под минимум, не се ни на мимум, а ваму градиме не знам шо. Државата не ни функционира.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција