Притисоците врз вработените да одат на протести се кривично дело

Притисок. Фотографии: publicdomainpictures.net

Да се одвои партијата од државата е еден од клучните предуслови за фер и демократски избори согласно препораките од Извештајот на Прибе и, секако, од меѓународните претставници во земјава. Деновиве, откако почнаа да се организираат контрапротести, во медиумите сè повеќе се пишува за вршење притисоци врз јавната администрација од страна на власта, вработените да доаѓаат на протести со цел тие да бидат што помасовни. Но, она што ретко се пишува во медиумите е дека, вршењето притисок врз административците е кривично дело и дека за ова следи казна до 6 години затвор.

 

 

Да се одвои партијата од државата е еден од клучните предуслови за фер и демократски избори согласно препораките од Извештајот на Прибе и, секако, од меѓународните претставници во земјава. Деновиве, откако почнаа да се организираат контрапротести, во медиумите сè повеќе се пишува за вршење притисоци врз јавната администрација од страна на власта, вработените да доаѓаат на протести со цел тие да бидат што помасовни. Но, она што ретко се пишува во медиумите е дека, вршењето притисок врз административците е кривично дело и дека за ова следи казна до 6 години затвор.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Овој проблем уште лани беше особено нагласен и констатиран во Извештајот на Прибе. Во него, во делот посветен на изборите, се наведува дека постои сериозна загриженост за несоодветното раздвојување помеѓу државата и партиските активности.

Некои од набљудувачите покажаа загриженост за несоодветното раздвојување помеѓу државата и партиските активности, обвинувања за заплашување на гласачите, непотполност на избирачкиот список, индиректна контрола на владејачката партија врз медиумите поради државната доминација во рекламниот маркетинг, неуспехот на медиумите да направат разлика помеѓу покривањето на државните функционери во нивните ангажмани како министри и кандидати, допринесоа кон поткопување на линијата помеѓу државата и партијата…

По ова, одвојувањето на партијата на државата, а со тоа и апелите од меѓународната заедница, да не се врши притисок врз вработените во администрацијата, станаа сè погласни.

На 30. јануари, амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, на техничкиот премиер, Емил Димитриев, лично му врачија писмо со 10 точки, кои требаше да бидат исполнети за да има услови за фер избори на 24 април, првично зацртаниот датум за избори, согласно договорот од Пржино. Меѓу овие точки, беше и одвојувањето на партијата од државата.

Високите јавни функционери мора да дадат јасни изјави и писмени инструкции дека нема да се толерира никаков притисок врз вработените на јавната администрација и дека ниту еден вработен и граѓанин нема да се плаши за своето работно место и за примање на социјални услуги за поддржување или неподдржување на која било политичка партија – стои во писмото.

 

И ГРУЕВСКИ АПЕЛИРАЛ ДА НЕМА ПРИТИСОЦИ ВРЗ АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Во 2011 година, кога тогашната А1 телевизија, во пресрет на изборите во јуни, објави списоци со вработени во администрацијата врз кои се вршеле притисоци да носат нивни најблиски да гласаат на избори, тогашниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски беше дециден дека такво нешто нема и дека за сите оние кои ќе вршат притисоци, ќе следат санкции.

Она што ние го порачуваме како партија, како Влада, како институции е дека никој не смее да го прекршува законот во никој дел, ниту во заплашување, а уште помалку во било какви притсоци, дури иако е член на ВМРО, или е член на СДСМ или на друга партија или не е член на ниту една партија, тој нема право да го прекршува законот и ние нема да го дозволиме тоа. А, доколку такво нешто некаде се случи тоа ќе биде соодветно санкционирано и никому нема да му помогне партиска книшка, припадност. Досега ние немаме најдено конкретни личности ниту од ВМРО, ниту можеби од други партии за кои сеуште не се обезбедени судски докази. За оние што сепак има судски докази ќе се најдат на суд, доколку такви ги има – изјави тој.

 

ПРИТИСОЦИТЕ И НАТАМУ СЕ ЈАВНА ТАЈНА

И покрај сето ова, притисоците врз вработените во јавната администрација продолжуваат секојдневно. Овој проблем особено повторно стана актуелен последниов период, со организирањето на контрапротестите на чие чело стои Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), а јавна тајна е дека ги организира владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во медиумите секојдневно се објавуваат информации поврзани со случаи во кои на вработени во јавната администрација ширум државата им се делат наредби за задолжително присуство на протестите. Притоа се објавуваат и разни СМС пораки со такви содржини, но, сепак, тие се примаат со доза на резерва, бидејќи нивната веродостојност не е докажана. За притисоците врз администативците, апелираат и од некои невладини организации.

Од граѓанската асоцијација Цивил, на 22 април излегоа со извештаи за притисоци и уцени врз вработените во јавната администрација на централно и локално ниво во 12 општини, да присуствуваат на контра-протестите, кои ги организира власта, затскриена зад ГДОМ.

Десетици вработени во администрацијата низ цела Македонија се жалат на жестоките притисоци и сведочат дека мораат да стават потпис на списоците за учество на контра-протестите, бидејќи веќе идниот ден може да се соочат со казни, деградација, па и отказ. Некои од нив изразија и стравувања по нивната безбедност – посочија од Цивил.

За вакви притисоци во Охрид конкретно, на 20. април зборуваше и дополнителниот заменик-министер за информатичко општество од редовите на СДСМ, Александар Кирацовски.

На вработените во јавниот сектор во Охрид им се врши политички притисок и им се закануваат со дисциплински постапки, отказни решенија, слаби оценки преку оценувањето на администрацијата, итн. Целта е под присила да присуствуваат на денешниот собир во организација на ГДОМ. Заканите одат до таа мера што се бара цели семејства да присуствуваат на собирот под притисок дека ќе бидат евидентирани со фотографирање – се вели во соопштението на Кирацовски.

СМС пораки за задолжително присуство на „најзначајниот митинг на нашата партија“ беа објавени во дел од медиумите на 21. Април.

Почитувани членки, известете ги и останатите членки дека во четврток во Скопје треба да присуствуваме на најзначајниот митинг на нашата партија. За времето на поаѓање ќе бидете дополнителни известени. Сега сме ѝ најпотребни на партијата и на државата. Присуството за вработените е задолжително – се вели во СМС пораката објавена во дел од медиумите.

 

ШТО ВЕЛАТ ЗАКОНИТЕ ЗА ВАКВИТЕ ПРИТИСОЦИ

Професорот Јове Кекеновски од ФРОДЕМ потсетува дека член 16 од Уставот на Република Македонија ги гарантира слободата на уверувањето, совеста и јавното изразување на мислата.

Секој оној кој што со сила, заплашување, уценување, малтретирање или со сериозна закана ќе присили друг да стори или да не стори или да трпи нешто треба да знае дека тоа е казниво со Кривичниот законик на Република Македонија. Партиските војници и платеници, кои се во функција на мобилизатори на насилното партизирање и мобилизирање, во најблиска иднина ќе се соочаат со санкции за овие кривични дела за кои е предвидана казна затвор во трање од 6 месеци до 5 години – вели Кекеновски.

Членот 139 од Кривичниот законик, во ставот 1 јасно вели:

Тој што со сила или со сериозна закана ќе присили друг да стори или да не стори или да трпи нешто, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Во ставот 3 од истиот член се прецизира:

Ако делото од став 1 го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Ставот 4 пак пропишува дека:

Гонењето за делото од став 1 се презема по приватна тужба.

Тоа значи дека секој оној кој трпи некаков притисок мора да го пријави тоа и да покрене тужба. Во спротивно, притисоците кои ги трпи ќе останат само на хартија.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција