Промотивно видео на маркетинг-компанија, прикажано како фарма на ботови

Фото: Принтскрин видео

На видеото од објавата не е прикажана фарма на ботови, туку производ на виетнамска маркетинг компанија – софтвер за споделување маркетинг-објави на социјалните мрежи, во моментот додека тој подлежи на процедура за тестирање

На видеото од објавата не е прикажана фарма на ботови, туку производ на виетнамска маркетинг компанија – софтвер за споделување маркетинг-објави на социјалните мрежи, во моментот додека тој подлежи на процедура за тестирање

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:

Вака изгледа фарма на ботови.

Значи – имајте го ова на ум следниот пат кога ќе сакате да се расправате со некого во делот за коментари.

Овие луѓе се платени да ве попречуват и да ја матат водата.

Но, како што пишуваат проверувачите на факти на „Ројтерс“, на видеото не се наоѓа фарма за ботови, туку промотивно видео од виетнамска компанија за дигитален маркетинг. Видеото на маркетинг компанијата се споделува на социјалните мрежи со објави на повеќе јазици со погрешно претставување дека е „кинеска фарма на ботови“.

Фармите на ботови или фармите на тролови се користат за координирани напори да се манипулира јавниот дискурс, со користење на лажни сметки на социјалните мрежи кои се автоматски управувани, репетитивни и извршуваат однапред зададени функции. Анонимни сметки и ботови се користат за да се засили политичката поддршка или критиката на социјалните мрежи.

На видеото од објавата што ја рецензираме, прикажани се неколку мобилни телефони поврзани за лаптопи, и тоа беше во повеќе наврати објавено на социјалните мрежи.

Насловот во некои од објавите на странските платформи сугерирал дека се работело за „протечена снимка од кинеска фарма за ботови која станала вирална“. Слична е ситуацијата и во објавата што ја рецензираме.

Фотографија од видеото може да се најде од 30 јуни на Фејсбук страницата од МИН Софтвер.

МИН Софтвер е компанија од Виетнам која нуди решенија за дигитален маркетинг. Компанијата објаснува дека на видеото се наоѓа еден од нивните производи, а не фарма на ботови.

МИН Софтвер за Ројтерс велат дека видеото оригинално било споделено од самата компанија на социјалните мрежи, но оттогаш го избришале и сега се шири со дезинформациски наративи.

Ние обезбедуваме автоматски софтвер за објавување на маркетинг објави на Фејсбук. Видеото во линкот е од нашиот софтвер кој е тестиран, за процесот на тестирање да го видат нашите клиенти, велат оттаму. 

Едно од лицата во видеото носи маица со компаниското име на грбот.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во оваа објава се пропушта контекстот. На видеото не е прикажана фарма на ботови, туку се работи за видео од производ на виетнамска маркетинг компанија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција