Пругата скопски аеродром – Миладиновци допрва се најавува за изградба до 2030 година

Фото: commons.wikimedia.org

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе изградиме нова пруга од аеродромот Александар Велики до Миладиновци, со што отвораме железнички превоз од аеродромот Александар Велики до Скопје.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 248, датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ во својата програма „План за живот во Македонија“ , со која победи на предвремените парламентарни избори во 2016 година, вети дека за две години  од изборот на Владата ( до јуни 2019 година), со пруга ќе го поврзе скопскиот аеродром со Миладиновци и Железничката станица во Скопје.

Железничкото поврзување од 5 километри кое треба да ги поврзе Миладиновци и скопскиот аеродром е дел и од Програмата за работа на Владата за периодот 2017-2020 година (стр. 24 ) и е дел од најавениот проект за градска железница на Скопје. Меѓутоа и по 18 месеци од мандатот на Владата, вакво поврзување на аеродромот со Миладиновци и железничката станица во Скопје нема.

Проектот, сепак, се најде во Националнaта транспортна стратегија 2018-2030, која сѐ уште е во предлог верзија. Според стратегијата пругата од аеродромот до Миладиновци треба да биде изградена во долг рок, односно до 2030 година, со образложение дека дејствијата за нејзина изградба треба да бидат имплементирани по правилна подготовка, а се предвидува за тоа да бидат потрошени 30 милиони евра.

Идејата за изградба на пруга од аеродромот до Миладиновци деновиве на прес-конференција во Министерството за транспорт и врски беше спомената во презентацијата на Националната транспортна стратегија 2018-2030. Притоа беше речено дека идејата не е нова, но за нејзината реализација се чекало да се зголеми бројот на превезени патници на Скопскиот аеродром на 2 милиона.

Исплатливоста на пругата од скопска железничка станица до аеродромот беше авионскиот превоз да привлече до два милиони патника бидејќи кога се правеа анализите, тие покажаа дека кога ќе се постигне ова, тогаш ќе биде исплатлива оваа релација бидејќи инвестицијата е значителна, изјави Билјана Здравева, раководител на секторот железници во Министерството за транспорт и врски.

Од Министерството не посочија колку ќе чини реализацијата овој проект. Но, како што информира Здравева, прво што треба да се направи е да се комплетира документацијата, потоа да се направат предфизибилити и физибилити студија, па дури потоа да се размислува за обезбедување на пари за изградба. Овие постапки за инфраструктурни објекти како железница траат подолг период.
Од проектите во железницата, како што соопшти на истата прес- конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, се очекува во делот на железничката инфраструктура во периодот од 2020-2025 година, да заврши железницата кон Бугарија. Тој не кажа конкретни рокови поврзани со изградбата на пругата од Скопскиот аеродром до Миладиновци.

За овој проект нема планирани пари ниту во буџетот за годинава на Министерството за транспорт и врски

Во делот на изградба и модернизација на железницата, предвидовме 3 милијарди 340 милиони денари или за 2 милијарди повеќе споредено со Буџетот за 2018 година. Сакам да најавам дека следната година ќе започнеме со изградба на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, а очекуваме и забрзување на изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце. Исто така, предвидовме 430 милиони денари за субвенции за МЖ Транспорт, наменети за покривање на загубите од превозот на патници , изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески на прес конференција од 22 ноември 2018 година.

Со оглед дека проектот железничко поврзување на скопскиот аеродром со Миладиновци и железничката станица во Скопје во Националната транспортна стратегија е планирано да се изгради во периодот од 2025 до 2030 година, може да се заклучи дека рокот кој го постави СДСМ за неговата изградба, до средината на 2019 година ќе биде пробиен, па ветувањето го сметаме за неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада  Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција