Рестриктивниот закон не ги намали драстично легалните абортуси

Добро ќе беше Македонија да го решеше прашањето со абортусот. Ама не е така. Фото: Александар Вучиќ. Извор: принтскрин

Иако формално изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека во Македонија бројот на легални абортуси е намален по донесувањето на рестриктивните измени во Законот за прекин на бременоста е точна, сепак, пошироката слика за ова прашање е далеку покомплексна и покажува дека бројот на абортусите паѓал повеќе години и пред законските измени, дека растат иднициите и информациите оти е во пораст бројот на нелегални абортуси, за кои граѓанките на Македонија плаќаат и во земјата и во странство, како и дека жените кои решиле да ја прекинат бременоста тоа го прават во огромен број и покрај пречките во законот и законски предвидените наведувачки и необјективни „советувања“ и одложувања на процедурата. Заради сите овие моменти, но и редица други моменти, изјавата на Вучиќ ја оценуваме како делумно вистинита

 

Овoj напис е изработен во соработка со нашите партнери од istinomer.rs во Република Србија.header-logo

 

Иако формално изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека во Македонија бројот на легални абортуси е намален по донесувањето на рестриктивните измени во Законот за прекин на бременоста е точна, сепак, пошироката слика за ова прашање е далеку покомплексна и покажува дека бројот на абортусите паѓал повеќе години и пред законските измени, дека растат иднициите и информациите оти е во пораст бројот на нелегални абортуси, за кои граѓанките на Македонија плаќаат и во земјата и во странство, како и дека жените кои решиле да ја прекинат бременоста тоа го прават во огромен број и покрај пречките во Законот и законски предвидените наведувачки и необјективни „советувања“ и одложувања на процедурата. Заради сето ова, но и редица други моменти, изјавата на Вучиќ ја оценуваме како делумно вистинита

 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неодамна во интервју за српската телевизија „Хепи“, зборувајќи за големиот број абортуси во Србија, Македонија ја посочи како добар пример каде овој проблем е решен со закон:

Годишно  губиме еден цел  Вршац или Прокупље, околу 35.000 луѓе и ако тоа (абортусот  н.з.) не го решиме како Русите, Македонците, Данците, а тие успеаја поради самосвеста и дисциплината на протестантското население.

Кај нас  е тоа поинаку, ние како држава не се мешаме во тоа, а најмногу деца ни се раѓаат таму каде што луѓето се најсиромашни. Обично најбогатите се најсебични.

Во Македонија го решија тоа така што сите имаат право на абортус, ама жените кои ќе се одлучат за тоа, мора да поминат два дена во болница.

Велат дека кога една жена ќе го чуе срцето на своето бебе, се чувствува поинаку, и помеѓу 10 и 15 отсто од нив се откажуваат од абортус, го објасни Вучиќ македонскиот рецепт во  гостувањето на телевизијата Хепи.

[Извор: vucic.rs; Датум: 22.01.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на српскиот претседател, Александар Вучиќ, во која тој кажува дека бројот на абортусите во Македонија е намален, гледано низ бројки и тоа само преку бројот на легално изведените абортуси, е точна. Според податоците кои „Вистиномер“ ги доби од  Институтот за јавно здравје на РМ, бројот на абортуси во земјава по донесувањето на измените на Законот за прекин на бременоста во 2013 година, односно во периодот од 2013 до 2016 г. се намалил за 732. Но, ако се погледнат податоците за регистрирани абортуси во периодот, од 2008 до 2013 година, кога важел стариот закон за прекин на бременост,  се забележува дека бројот на абортуси се намалил  за околу 1.000 во овој петгодишен период.  Поточно, од 5.900 во 2008 на 4.983 абортуси во 2013 година. Само за една година, пак, 2013 споредено со 2012, бројот на абортуси паднал за 404 – од 5.387 во 2012 г. на 4.983 во 2013 г.

Дискутабилно е дали намалувањето на бројот на абортуси во последните години (2013-2016, за 2017 сè уште нема официјални податоци), кој за волја на вистината не може да се оквалификува како драстичен, се должи исклучиво на измените на Законот за прекин на бременоста (популарно наречен закон за абортус), бидејќи надолен тренд во бројот на извршени процедури за прекин на бременоста се забележува и во годините кога важело старото законско решение. Голем прашалник е и тоа дали законската норма на која се повикува Вучиќ може да се посочи како позитивен пример, имајќи предвид дека согледувањата на невладините организации и неофицијалните информации, објавени во медиумите, укажуваат дека откако е донесен овој рестриктивен закон има пораст на нелегалните абортуси. Така што, изјавата на претседателот Вучиќ  ја сметаме за делумно вистинита.

 

ВКУПЕН БРОЈ НА РЕГИСТРИРАНИ АБОРТУСИ НА СИТЕ ВОЗРАСТИ, БРОЈ НА АБОРТУСИ НА ВОЗРАСТ ПОД 20 ГОДИНИ И БРОЈ НА АБОРТУСИ НА ВОЗРАСТ ОД 35 ГОДИНИ И ПОВЕЌЕ, ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ПЕРИОД 2008-2016 ГОДИНА

  2008 2009 2010 2011 2012 2013 2014 2015 2016
Број на регистрирани абортуси на сите возрасти  

5.900

 

5.601

 

5.078

 

5.324

 

5.387

 

4.983

 

4.738

 

4.587

 

4.251

 

Број на абортуси, на возраст под 20 години

 

 

146

 

234

 

183

 

197

 

236

 

237

 

217

 

217

 

161

Број на абортуси, на возраст од 35+ години

 

 

1.980

 

1.736

 

1.720

 

1.701

 

1.897

 

1.756

 

1.558

 

1.530

 

1.493

Извор: Институт за јавно здравје на Република Македонија

 

Од невладината организација „Реактор“, која е членка на Платформата за родова еднаквост, вчера за „Вистиномер“ во врска со последните измени на популарниот Закон за абортус изјавија:

Во 2013 година Законот за прекин на бременоста претрпе промени во насока на ораничување на правото на жената до безбеден и сигурен абортус.  Законот  беше донесен по брза постапка без претходна консултација со експертската јавност, женските граѓански организации и останататите засегнати страни. Промената на овој закон беше една од низата мерки, чија цел беше да се ретрадиционализира улогата на жената како мајка, односно истиот да влијае врз демографските политки т.е наталитетот во државата. Воведување на задолжителен период за чекање пред интервенцијата, пристрасното советувување и воведување на казни за докторите се дел од факторите коишто го ограничуваат пристапот до безбеден абортус за жените, но и нивното право на избор. (Реактор)

За тоа какви се ефектите од споменатите измени на Законот за прекинување на бременоста од невладината „Хера“ во изјава за „Вистиномер“ велат:

Не постојат емпириски податоци дека законските бариери имаат каков било ефект врз зголемувањето на наталитетот, а, од друга страна, пак, истражувањата покажуваат дека законските ограничувања драматично влијаат врз пристапот на жената до безбеден абортус. Решавањето на компликациите предизвикани од вршење небезбеден абортус создава дополнителен товар, односно трошок за државата, како од здравствен, така и од социјален и економски аспект.

Воопшто, намалувањето на бројот на абортуси не се постигнува со ограничување на пристапот до легален абортус, туку преку мерки кои ние тежнееме да се реализираат: воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата и подобрување на пристапот до контрацепција, односно воведување на контрацептивни средства на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување на РМ. (Хера)

Од април до јули 2017 година, Х.Е.Р.А. – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување и Центарот за репродуктивни права спровеле детални интервјуа со четиринаесет чинители во Македонија за да ги истражат нивните ставови и искуства со овие нови законски одредби. Интервјуата биле спроведени со седум жени кои направиле абортус по воведувањето на новите законски услови, како и со двајца гинеколози, еден социолог, еден социјален работник и тројца претставници на невладини 2 организации. Интервјуирани се лица од повеќе градови во Македонија, вклучувајќи ги Битола, Куманово и Скопје.

Во клучните наоди од истражувањето, меѓу другото, е наведено :

  • Интервјуираните лица сметаат дека абортусот во Македонија и понатаму е предмет на стигма, која е тесно поврзана со стереотипите дека примарната улога на жените во општеството е улогата на мајка и сопруга.
  • Сите интервјуирани жени, кои морале да поминат низ задолжителниот период на чекање по советувањето, велат дека тој немал влијание врз нивното одлучување и от не сметаат дека овој услов е корисен.
  • Учесниците во интервјуата истакнаа дека задолжителниот период на чекање по советувањето пред абортирањето треба да се отстрани.
  • Сите жени со кои зборувавме рекоа дека советувањето не влијаело на нивната одлука да абортираат. Некои изјавија дека тоа што морале да гледаат слики од фетусот или да го слушаат чукањето на срцето за нив претставува негативно искуство.
  • Дел од интервјуираните лица зборуваат и за страшниот ефект од законските одредби со кои се зголемуваат паричните казни и се предвидуваат кривични санкции за давателите на здравствени услуги кои ќе ги прекршат одредбите на законот. Казните достигнуваат висина до 50.000 евра за здравствените установи и до 6.000 евра за здравствените работници. Законот наложува и казна затвор до три години за здравствените работници кои ќе го прекршат законот.

Во резимето на Истражувањето се посочени повеќе препораки, меѓо кои:

  • Да се преземат мерки за менување и трансформирање како на стигмата поврзана со абортусот, така и на штетните родови стереотипи, што ќе вклучува и запирање на јавните кампањи кои го стигматизираат абортусот и ја потценуваат способноста на жените да донесуваат информирани и самостојни одлуки во врска со сопствената бременост.
  • Да се укинат законските одредби кои бараат од жените да поминуваат низ задолжителен период на чекање по советувањето и да се укине пристрасното советување пред абортусот.
  • Целокупното советување во врска со абортусот да биде доброволно, ненаведувачко и да одговара на индивидуалните потреби и желби на секоја жена.
  • Жените кои бараат абортус да имаат пристап до информации за сите контрацептивни методи.
  • Да се гарантира дека здравствените работници даваат исклучиво медицински точни информации за абортусот кои се базирани на докази и дека тие медицински лица се обучени за важноста на информираната согласност, соодветно на насоките од Светската здравствена организација.
  • Еден од проблемите кои ги отвора законското ограничување на правото за прекин на бременост со бирократски процедури е изведување на нелегална процедура за абортус.

Треба да се каже и дека во изминативе години во медиумите можеа да се прочитаат сведоштва на жени, кои морале да се решат за „див“ абортус. Таква е, на пример, сторијата објавена на  07.10.2016 година на порталот НОВА ТВ, со наслов: „Нелегалните абортуси во пораст, легалните скапи за сиромашните“:

Имам пет деца, а останав бремена со шесто. Немам можности да го одгледувам бидејќи многу сме сиромашни, маж ми собира храна и облека по контејнери. Затоа се одлучив да абортирам во една приватна ординација која го прави тоа надвор од законот. Позајмив пари од брат ми, бидејќи веќе не можев да чекам, бев меѓу вториот и третиот месец на бременоста и му платив на гинекологот за да изврши абортус, раскажала за НОВАТВ млада Ромка, која живе во супстандардни услови во населбата Шуто Оризари.

ХРОНОЛОГИЈА НА ЕДЕН РЕСТРИКТИВЕН ЗАКОН

Инаку, измените на Законот за прекин на бременоста, кои Собранието ги донесе на 10 јуни 2013 година по скратена постапка, предизвика лавина реакции во јавноста. Додека Парламентот расправаше, а потоа и го донесе Законот, граѓанските организации протестираа пред зградата на Собранието, укажувајќи дека овие измени во Законот за прекин на бременоста ќе ја вратат земјава педесет години назад во заштитата на здравјето и правата на жената.

Овие законски измени значително ја усложнуваат постапката за абортус со затскриени пречки и исполнување на бројни формалности, за жената да може да ја прекине бременоста. Новиот закон сериозно го ограничува абортусот после 10 недели преку обврзување на жените што бараат абортус да поднесат барање за прекин на бременоста, задолжителен преглед со улразвук и задолжително советување и период на чекање од три дена по советувањето

На 13 јуни 2013 година, набрзо по усвојувањето на законските измени, шестмина европратеници испратија писмо до властите во Скопје во кое се вели дека:

Начинот на кој законот беше предложен и се дебатираше сам по себе е знак за подготвеноста на земјата за влез во Европската унија и способноста да ги исполни демократските критериуми на Унијата.

Прекинувањето на бременоста е подеднакво и прашање поврзано со јавното здравје и прашање на човековите права, конкретно поврзани со правото на жената на самоопределување.

Во ова писмо членовите на Европскиот парламент посочуваат дека ниту една од  мерките предложени не се однесува на потребите на жените, ниту, пак, тие се медицински неопходни.

Напротив, многу од мерките се спротивни правата на жените за пристап до соодветна здравствена заштита, приватност, автономија, доверливост и достоинство, кои се сите гарантирани во Уставот на Република Македонија и се основните компоненти на процесот на пристапување кон ЕУ, се нагласува во писмото.

На 27 септември 2013 година Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА,  во соработка со Хелсиншкиот Комитет за човекови права, Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Реактор – Истражување во акција и професорката Каролина Ристова Астеруд до Уставниот Суд на РМ поднесоа Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Законот за прекинување на бременоста. Со иницијативата беа опфатени 16 спорни членови од Законот, кои, според подносителите на иницијативата, ги ограничуваат, уназадуваат и делуваат рестриктивно врз репродуктивните права на жената. Акцентот во иницијативата, пред сè, е ставен врз административните пречки, кои се предвидени во Законот за прекинување на бременоста, а се однесуваат на задолжителното писмено барање за абортус, задолжителното и пристрасно советување и задолжителниот период на чекање од 3 дена.

Една година подоцна, во октомври 2014 година, Уставниот суд расправаше, но не поведе постапка за Законот за прекинување на бременоста. Судот сметаше дека Законот не ја доведува во прашање слободата на одлучување, туку само ја уредува постапката и им ја доверува на стручните лица од комисиите, сметаа мнозинството уставни судии. За разлика од нив, уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска сметаше дека државата премногу се меша во личниот живот на жената. Според Габер, која имаше издвоено мислење за овој Закон:

Спорните членови во законот намерно се ставени за да ја усложнат постапката за доаѓање до абортус за да се принудат жените да се откажат од намерата, бидејќи се воведени нови административни обврски, писмени изјави, одобрение од комисија, советување и чекање три дена по советувањето, што целиот процес го продолжува и едно многу интимно прашање делумно го прави јавно.

Во 2015 година, Комитетот за човекови права на Обединетите нации ѝ порача на Македонија да го смени Законот за прекинување на бременоста од 2013 година, со кој здравјето и животот на жената се ставаат под ризик. Комитетот за социјални, економски и културни права на Обединетите нации заклучи дека одредбите од законот имаат заплашувачки ефект врз лекарите што може да води кон небезбедни абортуси, дека задолжителното советување пред абортус е прифатливо само ако е неутрално, информативно и ако ја поддржува слободната одлука на жената. Затоа препорача ревидирање на рестриктивните мерки на Законот.

На втори декември 2016 година Платформата за родова еднаквост ги повика сите политички партии да потпишат Декларација и да се обврзат дека по изборите (11.12.2016) ќе го сменат Законот за прекинување на бременоста од 2013 година. Декларацијата ја потпишаа 10 политички партии: ВМРО – Народна партија, Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Достоинство, Левица, Либерална партија(ЛП), Либерално-демократска партија (ЛДП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), Обединети за Македонија, Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) и Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ). Тие се обврзаа дека по парламентарните избори ќе се направат измени на Законот за прекинување на бременоста и тоа во одредбите што го ограничуваат пристапот до абортус на жените во здравствените институции и го загрозуваат правото на здравствената заштита и на репродуктивните права

На 28 септември 2017 година Платформата за родова еднаквост побара Владата да донесе нов или да го измени постоечкиот Закон за прекинување на бременоста.

Имаме сведоштва на повеќе жени кои го кажуваат своето негативно искуство за новите законски решенија и сметаат дека во овие постапки нивното право на слободен избор било повредено од здравствените работници. (Х.Е.Р.А)

Платформата за родова еднаквост тогаш побара и Владата да донесе одлука со која трајно ќе забрани емитување на спотовите од кампањата на против абортусот „Избери живот“, но и спроведување кампања за подигнување на свеста за модерната контрацепција, како и намалување на повеќегодишната кампања на претходната власт против абортусот.  Од Платформата посочија дека иако статистиката забележала пад на бројката на абортуси, голем број од нив не се регистрираат и се изведуваат нелегално.

Досега (31.01.2018) не се направени измени и дополнувања на споменатиот Закон.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција