Руски псевдоисториски манипулации со Македонците

Фото: Колаж Canva Арсений Капитонов fra Pixabay

На социјалните мрежи, руската амбасада одбележува годишнини од наши историски личности, што делува крајно необично, дури и неумесно, како прво, затоа што таа треба да ја промовира не нашата, туку својата земја, и како второ, затоа што Русија ним со ништо не им помогнала. Ова таа го прави заради манипулација со Македонците, дел од нив, за жал, на тоа наивно наседнуваат, а потоа и самите го шират. Тоа дури забегува во псевдоисторија, во која се спојуваат неспоиви нешта како Гоце Делчев и Русија, што дури создава лажна слика дека меѓу нив имало некаква соработка. Рускиот амбасадор дури изјави дека Русите во Првата светска војна „ја ослободија македонската земја“, што е веќе флагрантна псевдоисторија, а има и други такви примери

На социјалните мрежи, руската амбасада одбележува годишнини од наши историски личности, што делува крајно необично, дури и неумесно, како прво, затоа што таа треба да ја промовира не нашата, туку својата земја, и како второ, затоа што Русија ним со ништо не им помогнала. Ова таа го прави заради манипулација со Македонците, дел од нив, за жал, на тоа наивно наседнуваат, а потоа и самите го шират. Тоа дури забегува во псевдоисторија, во која се спојуваат неспоиви нешта како Гоце Делчев и Русија, што дури создава лажна слика дека меѓу нив имало некаква соработка. Рускиот амбасадор дури изјави дека Русите во Првата светска војна „ја ослободија македонската земја“, што е веќе флагрантна псевдоисторија, а има и други такви примери

 

Пишува: Вангел Башевски

 

Руската амбасада манипулира со историските трауми на Македонците со одбележување на годишнини од раѓањето или смртта на наши историски личности: Гоце Делчев, Никола Карев, Даме Груев, Ѓорче Петров и Никола Русински, што е крајно бизарно, па дури и неумесно.

Нормално е една амбасада да ѝ честита на земјата-домаќин понекој национален празник или да спомене понекоја историска личност, која ги спојува двете земји, но такво нешто во случајов нема, а и смислата на една амбасада е да ја претстави историјата и културата на својата земја, а не оние на земјата-домаќин. Затоа овие објави делуваат бесмислено, но тие и тоа како имаат смисла – тоа е манипулација со Македонците дека Русија мисли на нив и дека ги поддржува, но во реалноста, таа со ништо не ја помогнала борбата на тие наши национални херои и тие во Русија се потполно непознати.

Имајќи го тоа предвид, тешко е да се поверува дека тие објави ги напишал некој Русин, оставаат впечаток како да се пишувани од некој наш автор. За таквиот впечаток придонесува и тонот со кој тие се напишани, а во една од нив дури се извикува:

Вечна слава на херојот кој го даде својот живот за својот народ!

Не е јасно со што овие наши херои ја задолжиле Русија за да добијат таков третман од неа, небаре тие се нејзини херои, а во реалноста, таа не била пријателски настроена кон нив. Многумина од нив дури имале негативно мислење за руската политика, а за сето тоа сведочат македонски, бугарски, руски и други извори. Без оглед на меѓусебните разлики, сите тие извори се сложуваат дека односите меѓу ВМОРО и Русија биле лоши.

За тоа има пишувано нашиот познат историчар Христо Андонов-Полјански и неговиот колега Владо Поповски, кој има објавено и книга на таа тема, а со неа се занимавал и новинарот Блаже Миневски. Русија водела вистинска дипломатска војна против ВМОРО, во која се истакнале: Владимир Ламсдорф (1845 – 1907), министер за надворешни работи на Русија; Димитриј Капнист (1837 – 1904), директор на Азискиот департмент при руското МНР; Пјотр Капнист (1839 – 1904), амбасадор во Виена; Виктор Машков (1867 – 1932), конзул во Скопје; Иван Зиновјев (1835-1917), амбасадор во Цариград; и др.

При својата посета на Софија во 1902 г., Ламсдорф се сретнал со нашите револуционери Христо Татарчев и Христо Матов, кои му ги изложиле проблемите во Македонија, но тој грубо им одговорил дека не е дојден да прима совети од нив, туку да им ги дава од името на царот. Тој ги одвраќал од востание и инсистирал проблемите да се решат со реформи, затоа што Русија тогаш била за статус кво на Балканот и против дестабилизација на Турција. А откако Илинденското востание, сепак било кренато, Ламсдорф ѝ препорачал таа да примени најстроги мерки против востаниците, но барем додал да не се вознемирува недолжното население, што сепак не било уважено.

На Делчев не му се допаѓал царскиот апсолутизам на Русија и од неа тој не очекувал ништо добро, што се гледа од неговото писмо до неговиот соборец Ефрем Каранов (1853 – 1927) од  17.10.1895 г. Тоа е објавено на стр. 273 во збирката писма на Делчев, подготвена од кукушанецот Дино Ќосев (1901 – 1977). Делчев во писмото критикува некои свои соборци, кои се надевале на помош од Русија и „рускиот тиран“ – како што Делчев тогаш се изразил, најверојатно мислејќи на рускиот цар.

Во 1897 г. Делчев ја посетил Одеса, тогаш под власта на Руската Империја, но тој немал соработка со неа. Напротив, тој таму започнал соработка со ерменските револуционери Христофор Микаелјан (1859 – 1905) и Степан Зорјан-Ростом (1867 – 1919), кои Руската Империја ги гонела како антидржавни елементи и национално-обоени социјалисти.

И илинденецот Христо Шалдев (1876 – 1962) се дружел со луѓе прогонувани од руските власти, поточно со украинските револуционери на Симон Петљура (1879 – 1926), кои му биле соученици на Полтавската семинарија, а кои ги запознал со дејноста на ВМОРО.

Од руска страна немало желба да се помага македонското револуционерно движење, за што сведочи Борис Сарафов во книгата  „Спомени“ на стр. 147. Во 1900 г., тој го посетил рускиот генерал Алексеј Куропаткин (1848 – 1925), од кого побарал воена помош, но тој студено го примил и дури не му дал да седне. Куропаткин ги предупредил востаниците „да не прават глупости“, дека „Турција ќе ги здроби“ и дека Русија нема да им помогне, затоа што таа си има проблеми на Далечниот Исток (можеби Боксерското востание во Кина или наближувачката Руско-јапонска војна). Сарафов си заминал без збогум, а Куропаткин почнал да се распрашува за него кај заеднички познаници, кои го известиле Сарафов за тоа, па тој се загрижил дека ќе биде уапсен и ја напуштил Русија.

Рускиот конзул во Битола, Александар Ростковскиј (1860 – 1903), пројавувал извесно сочувство за страдањата на населението во Македонија, а Крсте Мисирков бил учител на неговите деца, што кај многумина создава впечаток дека конзулот ја поддржувал нашата борба за слобода, но во реалноста,  тој ги сметал ВМОРО за бандити, а тие сакале да го киднапираат за откуп – како што сведочи илинденецот Георги Поп Христов (1876 – 1962).

Русија не дала никаква поддршка за Илинденското востание, но кога на 8.8.1903 г. Ростковскиј бил убиен во Битола, Русија испратила кон Турција цела флота од дури 14 бродови, па исплашен од тоа, султанот се извинил за убиството, убиецот бил обесен, битолскиот валија бил разрешен и затворен во Либија, а била понудена и богата отштета. Флотата се повлекла како ништо да не се случило, а за овој цинизам раскажува Хенри Ноел Брајлсфорд во книгата „Македонија: нејзините раси и нивната иднина“. Тој бил шокиран од тоа што Русите на илинденците не им пружиле никаква поддршка, а испратиле цела флота за еден конзул, кој всушност загинал заради некаква кавга и суета.

Имено, конзулот минал со пајтон крај турски стражар, кој по пропис требало да му салутира, што не било сторено. Ростковскиј тогаш слегол од пајтонот и разлутено го прашал за неговото име (и наводно го удрил со својот камшик, што многу често го правел при кавги), а стражарот (некој Албанец во турска служба) на крај стрелал во него. Во случајов можеби имало и политика, но тој е минорен во споредба со едно масовно востание со огромни жртви и разурнувања, кое Русија просто го игнорирала. Таа сега мавта со тие наши востаници, кои тогаш ги оставила на цедило, што е невиден цинизам.

Нејзиниот амбасадор Сергеј Баздникин дури си дозволи да тврди дека Русите во Првата светска војна „ја ослободија македонската земја“, што е потполна псевдоисторија, а Русија (како и останатите членки на Антантата како Британија и Франција) тогаш била на страната на Србија и тоа онаа големата, со Вардарска Македонија во нејзин состав. Војната почнала откако босанскиот Србин Гаврило Принцип го убил австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд, по што Австро-Унгарија ја обвинила Србија за вмешаност во случајот и ѝ објавила ултиматум, а на крај и војна. Од гледна точка на Антантата, тоа практично била војна за заштита на Србија и тука немало никакво ослободување на Македонија, барем не онака како што тоа ние го сфаќаме.

Истовремено, членовите на ВМРО како Христо Матов, Тодор Александров, Александар Протогеров и Петре Чауле се бореле против Русија, главно во составот на 11-тата Македонска пешадиска дивизија на бугарската армија, која војувала заедно со Централните сили (Австро-Унгарија, Германија и Турција). За тоа ни раскажува книгата „Балканските војни и Првата светска војна“ на проф. д-р Оливер Цацков и доц. д-р Анита Илиева Николовска, но за жал, нашите граѓани изгледа слабо читаат.

Веројатно затоа таа псевдоисториска изјава на рускиот амбасадор „заработи“ дури 231 допаѓање на Фејсбук од нашите сограѓани, што е показател дека тие не си ја знаат својата историја, а тоа е нешто поразително. За жал, токму недоволната начитаност е причината зошто тие се подложни на псевдоисториски манипулации.

И на крај, Вистиномер не сака да шири никаква омраза кон рускиот народ и сигурно дека во нашата историја сме имале и контакти со него (примери за тоа се: Миладиновци, Мисирков, Чуповски и др.), но сепак, тоа не било толку масовно и на толку високо ниво, како во околните земји: Грција, Србија, Црна Гора или Бугарија.

За сета оваа проблематика Вистиномер неодамна објави и анализа под наслов „Недоследноста и дволичноста на руската надворешна политика кон Македонците“.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција