Само српски „Спутник“ виде албанска војна во Македонија

 

Изданието на српски јазик на новинската агенција „Спутник“ (која е во сопственост на руската држава) неодамна (06.02.2020)  излезе со спектакуларен наслов:„Албанска војна  во заднина на кампањата во Македонија“ (Albanski rat iza kulisa kampanje u Makedoniji). Ваквото тврдење, искажано во насловната конструкција, но и во содржинскиот дел на текстот, каде се наведува дека меѓу партиите на Албанците во Македонија се води „вистинска мала војна“, нема никаква допирна точка со реалноста.

Наспроти тоа што овој тенденциозен напис го турка наративот дека албанските партии водат „војна“, всушност, се работи за политичка битка  меѓу партите од албанскиот блок. Ништо поразлична, ниту пожестока од кампањата кај партиите од македонскиот блок. И во двата политички корпуса разликите меѓу владејачките и опозициските партии се прилично нагласени, особено поради троа што е во прашање изборен период и кампања (иако таа официјално не е започната). Значи од „војната“ на „Спутник“ во стварноста нема ниту „в“.

Исто така, интересно е како во написот се плете приказната за албанско-косовското влијание врз албанските партии во Македонија. И во тој дух се тврди дека албанскиот премиер, Еди Рама, ја протежирал владејачката ДУИ, додека поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај, се залагал за опозицијата во албанскиот блок.

Арно ама, за ваквата поделба на влијанија во написот не се понудени никакви докази. Во текстот е пренесено само едно мислење – на Бранко Ѓорѓевски (претставен како политиколог). Тој смета дека однадвор има влијание врз албанските партии, но не открива какво и колкаво, само вели дека изборите тоа ќе го покажеле. Така што, од неговата изјава не може да се разбере ништо конкретно за „влијанието на Рама и на Харадинај“ кај партиите на Албанците во Македонија.

Настрана тоа што опозициските партии на Албанците се прилично расцепкани. ДПА на Мендух Тачи најави дека на изборите ќе одат сами, но остави можност за постизборна коалиција.

БЕСА се подели на две крила, едното е Алтернатива (каде што лидер е Африм Гаши) и влезе во владината коалиција, додека Движењето БЕСА (каде што лидер е Билал Касами) остана во опозиција.

Алијансата на Албанците предводена од Зијадин Села им понуди коалиција на БЕСА и на Алтернатива, за да ја поразат ДУИ на изборите. Но, дали ќе се случи оваа трипартитна коалиција сѐ уште е рано да се каже.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.