СДСМ не воведе енергетски правобранител
Владејачката партија СДСМ засега не го исполни своето ветување дадено во предизборната програма за воведување енергетски правобранител. Идејата изложена во предизборната програма на СДСМ за вонредните парламентарни избори во 2016 година не беше да се формира посебна институција, туку да се именуваат посебни енергетски правобранители во рамките на канцелариите на Народниот правобранител на Република Македонија
Владејачката партија СДСМ во предизборната програма „План за живот во Македонија“, меѓу другото го вети и следното, кое сѐ уште не исполнето:
Ветување: ЕНЕРГЕТСКИ ПРАВОБРАНИТЕЛ
Правата на потрошувачите во Република Македонија се целосно потиснати. Цените растат, квалитетот на испораката на енергија е низок, а трошоците за приклучување на енергетските мрежи се зголемени енормно. Од друга страна, институциите кои треба да се грижат за правата на потрошувачите, а особено Регулаторната комисија за енергетика и Советот за заштита на потрошувачите, целосно се ставени во интерес на компаниите. Со цел да се заштитат правата на потрошувачите во сите канцеларии на Народниот правобранител, вклучувајќи ги регионалните канцеларии, ќе воведеме Енергетски народен правобранител (Energy Оmbudsman). Нивна обврска ќе биде да им помогнат на потрошувачите да ги остварат своите загарантирани права, вклучувајќи ја и подготовката на жалби до соодветните институции во либерализиран пазар на енергиjа.
[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр, 86, датум: крај на 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Владејачката партија СДСМ засега не го исполни своето ветување дадено во предизборната програма за воведување енергетски правобранител. Идејата изложена во предизборната програма на СДСМ за вонредните парламентарни избори во 2016 година не беше да се формира посебна институција, туку да се именуваат посебни енергетски правобранители во рамките на канцелариите на Народниот правобранител на Република Македонија.
Ова ветување, наведено во предизборната програма, потоа не може да се сретне во програмите на Владата, ниту во онаа за работата од 2017-2020 година ниту во Програмата за работата за 2018 година. Единствено нешто што може да се наде во документите на Владата е во Планот 3-6-9 и тоа форумиларно како Зајакнување на капацитетите на Канцеларијата на Народниот правобранител, но тоа е во делот на правосудните реформи од Итниот план за реформи.
Воедно, со детална проверка во досега направените измени на Законот за Народен правобранител на РМ не најдовме вакви измени. Не може да се најде таква информација ниту со длабинско пребарување по сајтот на Народниот правобранител.
Нема информација за енергетски правобранители ниту во електронските архиви на медиумите што ги пребаравме и преку Гугл и преку агрегаторите на македонски јазик.
„Вистиномер“ направи напор да се слушне и со портпаролот на Народниот правобранител, но не успеавме да исконтактираме.
Самиот Народен правобранител, пак, во својот последен Извештај за состојбата со човековите права во РМ во 2017 година укажува дека сѐ уште има проблеми со граѓаните кои се исклучени од водоводната мрежа и од мрежата на топлинската енергија, од што може да се заклучи дека потребата од енергетски правобранител е оправдана.
Поради сѐ погоре изложеното, а согласно методологијата на „Вистиномер“, може да се констатира дека владејачката СДСМ засега го нема исполнето ова ветување.
ИЗВОРИ:
- СДСМ – План за живот во Македонија, стр.86 – [Проверено на 30.03.2018 година]
- Влада на Република Македонија – Програма за работа на Влада – [Проверено на 30.03.2018 година]
- Влада на Република Македонија – Соопштенија од седници на Влада – [Проверено на 30.03.2018 година]
- Влада на Република Македонија – План 3-6-9 – [Проверено на 30.03.2018 година]
- Народен правобранител – Веб сајт – [Проверено на 30.03.2018 година]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар