СДСМ: По осум години на власт Груевски промовира мерки ама од програмата на СДСМ

Мерката што денеска ја соопшти Никола Груевски, СДСМ ја промовираше пред два месеца, на 16 декември 2013 година, за што постои и изјава од потпретседателот на партијата Ванчо Узунов

Извор: СДСМ | Датум: 23.02.2014

Образложение:

На 23 февруари премиерот Никола Груевски на прес-конференција во Владата објави нова мерка за поттикнување на вработувањата:

Работодавач кој ќе вработи невработено лице до 29 години ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за тоа лице. И тоа: придонеси за пензиско – инвалдиско осигурување, здравствено осигурување, придонеси за осигурување во случај на невработеност. Ослободувањата од социјалните придонеси за работодавачот ќе бидат во период од 12 месеци, со обврска работодавачот понатаму да го задржи на работа ангажираното лице за кое бил ослободен од плаќање на придонеси уште дополнителни 12 месеци

Веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Владата со соопштение до медиумите реагираше СДСМ. Социјалдемократите тврдат дека споменатата мерка за субвенционирање на вработувањата, ја промовирале уште пред два месеца и притоа се повикуваат на изјавата на партискиот потпретседател Ванчо Узунов.

Имено, на 16 декември минатата година Узунов , промовирајќи ги економските мерки на СДСМ (пред жителите на скопските општини Бутел и Чаир) изјави:

Политика на вработување преку таканаречени активни мерки на пазарот на работна сила и ососбено насочени кон најзагрозениот дел од популацијата, младите и оние кои се ранливи групи. За младите се предвидуваат посебни мерки за попуст, односно субвенции од страна на Владата за давачките од плата за вработување млади до 27 години, како и за вработување на родители на многудетни семејства, родители на деца со посебни потреби, најранливите групи на пазарот на трудот

Од изјавата на Узунов се гледа дека социјалдемократите најавиле посебни мерки за субвенционирање при вработување на млади луѓе (до 27 години). Сепак, во неа не е посочено конкретно за какви мерки станува збор. Од неговата изјава не може да се види колкави субвенции се предлагаат за давачките од плата за вработување. Нејасно е дали се мисли на целосно ослободување од плаќање на социјалните придонеси  за работодавачот кој ќе ангажира млади лица, или делумно. Исто така, не е наведено колку време фирмите би биле ослободени од споменатите давачки, како и тоа дали работодавачот ќе има обврска да го задржи на работа лицето по истекот на периодот за којшто ќе биде субвенциониран (ангажиран).

Според ова, може да се констаира дека тврдењето изнесено во соопштението на СДСМ, дека мерката за поттикнување на вработувањата (што ја објави Груевски) СДСМ ја промовирал пред два месеца, е делумно вистинито.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција