Селмани за „Вистиномер“: Без реформирани медиуми, да нема избори на 24 април!

Насер Селмани (десно): Преговорите меѓу партиите се блокирани по вина на владејачките партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Фото: ЗНМ, 2013

„Без сериозони рефоми на медиумскиот систем, ќе се доведе во прашање и судбината на Договорот од Пржино. Без системски и одржливи решенија за медиумите нема да има услови за фер и демократски услови“ – вели Селмани.

 

„Без сериозни рефоми на медиумскиот систем, ќе се доведе во прашање и судбината на Договорот од Пржино. Без системски и одржливи решенија за медиумите нема да има услови за фер и демократски избори“ – вели Насер Селмани, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Едно од најважните прашања за целосно исполнување на Договорот од Пржино за излез од политичката криза во која се наоѓа Македонија се и медиумите, кои со години, како слаба точка (неслободни, зависни и контролирани), се регистрираат во сите релевантни извештаи на домашни меѓународни организации и институции. Рокот за носење пакет мерки за реформа на медиумската сфера, чија окосница беше реформа на регулаторното тело и на јавниот радиодифузен сервис, се одамна пробиени. Еден од најголемите критичари на медиумската стварност и поддржувачи на реформа е Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Неговиот претседател Насер Селмани, и самиот новинар, смета дека без оглед на пробиените рокови, шансата за реформски пакет не смее да се испушти:

 

Дали и покрај очигледното доцнење со реформите во медиумската сфера, како предуслов за обезбедување на фер и демократски избори во април 2016 година, е возможно да се обезбеди таа реформа?

Селмани: Без сериозни реформи на медиумскиот систем ќе се доведе во прашање и судбината на Договорот од Пржино. Без системски и одржливи решенија за медиумите нема да има услови за фер и демократски избори. Тоа подразбира да престане насилството против новинарите и да се укинат сите јавни фондови за финансирање на приватните телевизии. Освен тоа, треба да се деполитизираат и да се департизираат управните органи на МРТ и Агенцијата за медиуми и да се обезбеди нивно стабилно финансирање.

 

Преговорите се прекинати и најверојатно нема да продолжат најмалку до 15 јануари 2016 г. Под услов да се постигне договор до крајот на јануари, возможно ли е да се изведат неопходните процедури и да се постигне вистинска функционалност и во врска со Агенцијата за медиуми и во врска со МРТ, но и со другите субјекти на медиумскиот пазар?

Селмани: Преговорите меѓу партиите се блокирани по вина на владејачките партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои силно се спрoтивставуваат на предлозите на посредникот Ванхауте, кој понуди сериозни реформи на медиумскиот систем. Добро е што опозицијата, СДСМ и ДПА, ги поддржуваат предлозите на посредникот. Сега е на ред меѓунардониот фактор, кој како гарантор на договорот, треба да изврши сериозен притисок врз власта да го спроведе во целост.

 

НЕСНАОЃАЊЕТО НА СДСМ ГО ИСКОРИСТИ ВМРО ДПМНЕ

Но, едно време СДСМ излезе со предлози, кои, исто така, за посредникот беа неприфатливи, а ВМРО ДПМНЕ ги демонизираше како антидемократски. Тоа беше оној момент кога побараа претседателот на Агенцијата да има дискрециони права…?

Селмани: Предлозите на СДСМ беа навистина многу лоши. Тие тврдеа дека им се стартни позиции во разговорите, но и како такви, беа многу проблематични. Ако се прифатеа, што малку беше веројатно, уште повеќе ќе се партизираа управните органи на МРТ и Агенцијата за медиуми. За жал, по нивна вина, им даде „месо“ на владината медиумска машинерија  да ги масакрираат цела недела, дека опозицијата сакала да воведе цензура во медиумите. За волја на вистината, широките надлежности на директорот на Агенцијата беа крајно проблематични.

Ваквото несноаѓање на СДСМ ја искористи власта со пролонгирање на разговорите со цел да се купува што е можно повеќе време. Тие сакаат да одат на избори со што е можно помалку исполнети обврски од договорот, затоа што се обидуваат да ја задржат контролата над институциите, посебно контролата во Агенцијата за медиуми и во МРТ. Тие знаат дека од таква привилегирана позиција ќе можат да изнудат подобар изборен резултат за нив.

Мислам дека поради свесното пречекорување на роковите од власта, меѓунардониот фактор треба да го пролонгира и датумот за одржвање на избори, за период колку што беше пропуштено време. Со тоа ќе се создадат услови за спроведување на коренити промени во медиумскиот систем, кои ќе придонесат за попрофесионално, пофер и пообјективно известување на медиумите за изборната кампања. Ако се направат тие измени, граѓаните ќе добијат поквалитетни информации, врз основа на кои ќе можат да изградат појасни ставови за политичката понуда и да донесат добри одлуки на денот на изборите.

 

Има ли сè уште време? Мислите дека нешто суштински ќе се смени во формирањето на јавната свест и во информирањето на граѓаните и идните гласачи за само 2 месеци?

Селмани: Време има сè помалку, но тоа не треба да биде изговор да се остава медиумската реформа за некое подобро време, затоа што тоа време нема да дојде никогаш. Ако сега не се зграпчи шансата, којзнае кога повторно ќе имаме слична прилика.

Предлозите на Ванхауте на подолг рок ќе доведат до сериозни промени во медиумскиот систем. Промени ќе има и на краток рок и тоа ќе се почувствува затоа што системот ќе се постави на нови основи и на власта ќе ѝ биде потешко да најде механизам повторно да вгради систем на контрола во медиумскиот систем.

Убеден сум дека предлозите на Ван Хауте ќе придонесат за пообјективно и попрофесионално медиумско покривање на изборната кампања.

 

ПЕШЕВСКИ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ВИЦЕПРЕМИЕР ВО НОРМАЛНИ ДРЖАВИ

На почетокот набројавте генерално што треба да опфати медиумската реформа. Таксативно, што е неприфатливо за ЗНМ и кој е долниот праг?

Селмани: Не можеме да прифатиме насилството против новинарите да помине неказнето, оние што напаѓаат новинари да не сносат секаква одговорност. Од 25 напади против новинари, ниту еден не е расветлен. Во нормална земја Пешевски не може да биде вицепример, а уште помалку уште да има политички амбиции за новите избори.

Не можеме да прифатиме со јавни пари да се корумпираат највлијателните приватни медиуми, како што се националните телевизии. Пример, во 2013 година, од 21 милион евра медиумски пазар, 7 милиони се средства од јавни пари, што е 30 отсто од буџетите на националните телевизии.

Не можеме да прифатиме субвенционирање на домашна продукција на националните телевизии, затоа што тоа не ја постигнува целта, туку уште повеќе ја зајакнува контролата на власта над медиумите. Две години Владата ја субвенционира оваа продукција, а нашите приватни телевизии не произведуваат квалитетна домашна програма, туку сè уште сме преплавени од странска програма, турски серии и српски забавни и музички емисии.

Телевизиите се комерцијални компании кои сами треба да ја кројат програмата согласно потребите на публиката.

Не можеме да прифатиме управните органи на МРТ и Агенцијата за медиуми да се контролираат од политичките партии, било тие да се од власт или од опозиција. Програмскиот совет на МРТ треба да го одрази колоритот на разни социјални групи во општеството, а во Советот на Агенцијата треба да се изберат професионалци од разни организации што имаат врска со работата на медиумите.

Големо ослободување на медиумите ќе биде ако се забрани политичко рекламирање. Со тоа медиумите нема да постојат само како инструмент за манипулација за избори, кои ни се случуваат секоја година.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција