СЈО: Институциите ја попречуваат правдата!

Пречки секаде околу СЈО, а време имаат од 18 месеци за обивинителни акти. Фото: скриншот

Специјалното јавно обвинителство се жали на „попречување на правдата“ – несоработката и на судовите и други органи и тела во Македонија. Потенцирани се посебно Обвинителствата, поради што, СЈО наведува дека ќе упати претставки до Советот на обвинители, а споменати се и УБК, Катастар, Управниот суд, итн. Правни експерти велат СЈО е во право

 

Специјалното јавно обвинителство се жали на „попречување на правдата“ – несоработката и на судовите и  други органи и тела во Македонија. Потенцирани се посебно Обвинителствата, поради што, СЈО наведува дека ќе упати претставки до Советот на обвинители, а споменати се и УБК, Катастар, Управниот суд, итн. Правни експерти велат СЈО е во право

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) повторно соопштувајќи дека е сооочено со опструкции од повеќе институции, меѓу кои и правосудни, предлага измени на Кривичниот законик на РМ и воведување на дело „попречување на правдата, кое ќе биде во главата на кривични дела против правосудството“.

Правни експерти и за „Вистиномер“ и за други медиуми велат дека СЈО е во право и дека ова е „незрело однесување на институциите“.

СЈО се жали на континуирана опструкција од правосудните органи, било од страна на судовите, било од страна на јавните обвинителства, иако според законот за СЈО, „сите тела за спроведување на закони, се обврзани да обезбедат помош по барање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите согласно Законот за кривична постапка“.

Со оглед на фактот што ваквата законска обврска воопшто не се почитува, иако на истата постојано укажуваме во нашите барања и со таквото постапување се попречува правдата и спроведувањето на истрагите, сметавме дека е неопходен посериозен механизам за санкционирање, поради што и се предлага измената на Кривичниот законик се наведува во сооопштението на СЈО.

 

КЛАСИФИЦИРАНИ, ДЕКЛАСИФИЦИРАНИ И РЕКЛАСИФИЦИРАНИ

Поводот за ваквото барање на СЈО или барем последниот повод, е одбивањето на Кривичниот суд во Скопје да им достави копии од списите и доказите на претходното Обвинителство што го водеше случајот „Пуч“, кој вчера повторно се одложи на барање на СЈО, поради горенаведената причина. Основниот суд после две брања на СЈО за доставување на списи и докази од предметот, од кое последното било на 26-ти февруари, на 29 – ти февруари, донел повторна одлука (првата била на 12.02.), дека не може да им ги достави бараните документи, бидејќи во нив имало и класифицирани информации.

Притоа, Судот се повикува на член 81 од Законот за кривична постапка, според кој,  го има тоа право во одредени случаи, но и на фактот дека СЈО можело да ги побара тие информации и од Основното јавно обвинителство(ОЈО).

Но, токму во образложението на последното решение, Судот го признава она на што се жали и СЈО, на опструкциите, бидејќи вели дека и ОЈО, исто така, незаконски го одбил СЈО за доставување на копиите:

Судот ценејќи дека Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ја презело надлежноста врз конкретниот предмет, при што наведените списи и електронски докази не им биле доставени од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судот утврди дека постојат законски пречки за доставување на копии од наведените списи и електронски докази бидејќи во случајов се работи за докази класифицирани најанпред како државна тајна, а потоа со декласификација се набележани со напомената службена тајна.

СЈО ги отфрла ваквите толкувања на Судот, кој патем, самиот кажува дека документите биле декласифицирани (?) и имаат ознака „службена тајна“.

…Наводите на Судот врз основа на кои е одбиено нашето барање во целост се неосновани. Појаснуваме на јавноста дека со цел да можеме да се впуштиме во главната расправа нужно е да поседуваме докази врз основа на кои ќе дадеме воведни говори и кои ќе можеме да ги предочиме на обвинетите лица…Поради тоа се добива впечаток дека Судот врши опструкција на работата на ова Јавно обвинителство, одолговлечувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи на ова Јавно обвинителство да се впушти во главната расправа – наведуваат од СЈО.

Слично размислува и д-р Слаѓана Тасева, експерт по кривично право и по законодавство поврзано со борбата против корупција:

Специјалното обвинителство целосно е во право. Судот, најважно, на двете страни во постапката треба да им ги направи достапни сите документи и други материјали со кои располага. Обвинителството како страна во постапката апсолутно има право да располага со сè, па и со класифицирани материјали – вели Тасева

Судот, патем, не е јасен и прецизен во делот од образложението во кое зборува за класификација, декласификација, службена тајна. Имено, според Законот за класифицирани информаци, таквата информација престанува да биде тајна кога органот што го вовел степенот на тајност ќе изврши декласификација. Тоа се гледа од член 16 од Законот:

Класификацијата на информацијата престанува:

– на датумот означен на документот;

 – со случување на определен настан наведен во документот;

– со истекување на временскиот период означен на документот и

– со декласификација.

Ако списите се декласифицирани, тогаш нема никаква основа Судот да го одбие СЈО. Во случајов, може да стане збор само за „рекласификација“, поим наведен во законот: „Рекласификација” е промена на степенот на класификација на информацијата.

Правен експерт кој што го консултиравме ни изјави дека има дилеми во ваквите аргументи на Судот:

Класифицираните информации не се новост во нашиот правен поредок. Во овој случај, доколку има одреден степен на класификација тогаш лицето што треба да ги види и да добие копие од списите мора да има одреден безбедносен сертификат. Но, ако држиме до таа логика, тогаш во зависност од степенот на тајноста, Судот не требал да им ги дава ниту на увид списите и доказите на обвинителите од СЈО ни во просториите на самиот суд, доколку тие немаат сертификати.

Тој додава дека за да се расчисти оваа дилема може да се пристапи и по друг пат – да се види дали во претходното постапување во предметот, на сите странки во постапката им бил баран безбедносен сертификат за да имаат допир со списите и доказите.

Но, дека нема логика решението за одбивање од страна на судот стана јасно, откако вчера во судницата на Кривичниот суд во Скопје при одложувањето на расправата, специјалната обвинителка Катица Јанева го покажала сертификатот од Дирекцијата за управување со класифицирани информации и рекла дека и другите заменици и дел од вработените во СЈО имаат такви сертификати.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска, гостувајќи синоќа на дебатна емисија на телевизија „Телма“, се согласи со оценката дека станува збор за опструкции, а преписките и соопштенијата од страна на судовите, обвинителството и други институции ги нарече „несериозно и незрело однесување на институциите“.

 

ОПСТРУКЦИИ ОД ОЈО, УБК, ОД КАТАСТАР…

Специјалното обвинителство во соопштението се жали на не соработката и на други органи и тела во Македонија. Потенцирани се посебно Обвинителствата, поради што, СЈО наведува дека ќе упати претставки до Советот на обвинители:

Што се однесува до Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, укажуваме дека и овие две обвинителства одбиваат да постапат по наши барања. Имено, на наши упатени барања за доставување на предмети на увид, Основното јавно обвинителство Скопје не известува дека увидот може да се изврши во нивните простории и без законски основ одбива да ни ги достави предметите на увид…

Од СЈО потенцираат дека ОЈО за организиран криминал наместо на нив, доказите за случајот „Маѓар телеком“, на пример, ги испратиле до Советот на обивнители, со цел тие да проценат  дали тој предмет е во надлежност на СЈО. И додават, дека само тие знаат што имаат на снимките што им ги достави опозициската СДСМ.:

Појаснуваме дека ниту една друга институција нема на увид со какви се разговори ние располагаме и во оваа насока единствено ние можеме да се произнесеме дали одредени предмети се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите…Имајќи го предвид наведеното, ќе бидат поднесени претставки за работа на овие две обвинителства до Советот на јавни обвинители.

На ова вчера реагираше Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал, со демант, тврдејќи дека дале сè, „освен мал дел“ од побараните докази и материјали кои ги упатиле до Советот на јавни обвинители.

Обвинителството со кое раководи Катица Јанева наведува и други органи на управа или институции кои ја попречуваат работата на СЈО, како што се Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени Министерства.

Дел од овие институции како што се Управниот суд и Катастарот реагираа со деманти и со тврдења дека сооработувале со СЈО, но во дел од демантите имаше и појаснувања од типот „секоја институција во секое време може да направи препис на документите со кои располагаме на веб страницата на Катастарот“.

СЈО во соопштението повторно укажува на „трендот на погрешно интерпретирање на работата на ова Јавно обвинителство во насока на реализација на дневно политички цели, по што се соопштува дека во тек се „нови 15 постапки во предистражна фаза:

Во рамки на ова Јавно обвинителство започнати се нови 15 предистражни постапки кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

Дел од овие постапки за првпат се најавени од СЈО, како што е на пример,  финансирањето на медиумите.

 

СЈО: Сите наши обвинители имаат безбедносен сертификат

 

Во жалбата укажуваме дека со обжаленото Решение првенствено сторена е суштествена повреда на одредбите на ЗКП во смисла што решението надвор од главната расправа го донел судечкиот совет, наместо да го донесе совет од 3 судии, согласно членот 25 став 5 од ЗКП.

Исто така укажано е дека од наша страна барани се и докази кои воопшто не се класифицирани, како и докази кои се декласифицирани. И овие докази Судот не ни ги доставил, туку во целост го одбил нашето барање, повикувајќи се на обврската за чување класифицирани информации, иако таква обврска за овие докази очигледно не постои.

Во жалбата се повикуваме и на законските и подзаконските акти кои ја регулираат материјата за класифицираните информации и тоа Законот за класифицирани информации и Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации, каде меѓу другото е предвидена можноста за репродукција и пренос на класифицираните информации за корисниците на класифицирани информации (јавните обвинители во ова Јавно обвинителство кои поседуваат безбедносни сертификати со степен на доверливост Државна тајна), кои прописи доколку Судот ги примени во никој случај нема да ја повреди обврската за чување на класифицирани информации.

Појаснуваме дека сите јавни обвинители од ова јавно обвинителство кои имаат овластување да работат на предметот Пуч имаат безбедносен сертификат со степен на доверливост „државна тајна“.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција