Случај „Пуч“ по преземањето од Специјалното обвинителство продолжува без процесни измени

Зградата во која се наоѓа и Специјалното јавно обвинителство додека беше во изградба. Сега во неа се градат кривични случаи. Фото: build.mk

 

Ангеле Илиевски, адвокатот на 5-темина обвинети во случајот „Пуч“ вели дека предметот, кој сега е преземен од страна на Специјалното јавно обивинителство (СЈО), продолжува со постапката онаму каде што е застанат досега.  СЈО може да побара ослободување на двајцата притворени во секое време.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Таканаречениот случај „Пуч“, кој цела година ја окупира јавноста во Македонија, а стана познат и во странство, од почетокот на декември годинава има нови елементи, кои, сепак, не значат дека ќе има промена во текот на постапката.

Целокупниот материјал за случајот кој го поседуваше Основното јавно обвинителство (ОЈО) за организиран криминал и кое го застапуваше процесот пред Кривичниот суд Скопје 1, минатата недела, на 4-ти декември, му беше предаден на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), со кое раководи Катица Јанева. На првата прес конференција, на која беше соопштено со кои предмети прво ќе се занимава Специјалното обвинителство, беше споменато дека меѓу нив е и случајот „Пуч“.

Дали овој трансфер на предметот од едно обвинителство во друго нешто ќе смени во постапката од кривично-процесен агол, беше една од дилемите во јавноста, при што имаше нејаснотии дали предметот и постапката во судот ќе започнат од почеток или не.

Ангеле Илиевски, еден од адвокатите на петте обвинети во случајот, меѓу кои е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тврди дека од тој аспект не се менува ништо, но дека сега може да помине повеќе време додека новото обвинителство се запознае со предметот.

„Случајот „Пуч“ по преземањето на предметот од страна на Специјалното обвинителство продолжува во постапката онаму каде е застанат досега во Основниот суд Скопје 1. Мислам дека на Специјалното обвинителство и на г-ѓа Катица Јанева ќе и треба малку повеќе време да продолжат со постапката, затоа што предметот е обемен и затоа што треба добро да го проучат, вели Илиевски во телефонски разговор за „Вистиномер“.

Тој додава дека сите опции се отворени.

Обвинителката може да ги преземе сите постапки што и стојат на располагање според ЗКП. Може да се откаже од обвинението кога ќе види дека нема поткрепени докази, може да продолжи да постапува по истото обвинение или може и да го прошири. Значи, потполно исто, со истите овластувања како и досегашното ОЈО за организиран криминал.

Одбраната бара и очекува конечно да биде укинат притворот за дел од обвинетите, оценувајќи дека притворот се претворил во „малтретирање“.

Во однос на притворот ние бараме тој да се укине, а истото овластување го има и СЈО предводено од Јанева. Притворот беше продолжен повторно пред десетина дена, на крајот од ноември. Одбраната смета дека веќе станува збор за малтретирање на обвинетите, со оглед на тоа што веќе 6 месеци нема активно дејство во постапката. Ние при последното решавање побаравме ослободување од притвор, а тоа барање е активно и сега. Специјалното јавно обвинителство може да побара во кое било време прекинување на притворот, вели Илиевски.

Случајот „Пуч“ стана актуелен на почетокот на годинава по соопштението од МВР за приведување на осомничени за тајно следње на комуникации, шпионажа и насилство врз органи на државата, по што следуваше драматична прес конференцијата на премиерот Никола Груевски, кој изјави дека бил цел на уцени и закани од лидерот на опозицијата да ја напушти власта, а дека во спротивно ќе биле објавени телефонски снимки од прислушкувани разговори обезбедени од странски служби. По апсењето на осомничените од страна на МВР на 31.01.2015, со исклучок на Заев, на 31.04.2015 беше покренато обвинение против пет лица – Зоран Заев, Зоран Верушевски, Ѓорѓи Лазаревски Звонко Костовски,(Ѓорѓи и Звонко тогаш вработени во Петтата управа на МВР), Соња Верушевска, сопруга на Зоран, и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица.

Првообвинетиот Верушевски и двајцата вработени во МВР се товареа за незаконско прислушкување, тајно снимање и шпионажа, заедно со Соња Верушевска, додека Заев, како четврто обвинет и Палифров, за насилство во обид против највисоки претставници на државни органи.

Во текот на истрагата, еден од обвинетите, Звонко Костовски, вработен во МВР, склучи спогодба со Јавниот обвинител, ја призна вината и се договори за висината на затворската казна, три години затвор за неовластено прислушување. Тој се очекува да биде сведок во случајот.
Извори:

  1. „Телма“ (04.12.2015): http://telma.com.mk/vesti/predmetot-puch-se-preseli-vo-specijalnoto-obvinitelstvo
  2. „Академик“ (25.02.2015) : http://www.akademik.mk/se-spogodi-eden-osomnichenite-vo-puch-tri-godini-zatvor-za-shpionazha-i-neovlasteno-prislushuvane
  3. „Академик“ (30.04.2015) http://www.akademik.mk/podnesen-obvinitelen-akt-za-puch
  4. „Телеграф“ (31.01.2015): http://www.telegraf.mk/aktuelno/hronika/238776-apsenje-na-obvinetite-od-puc-video
  5. „Капитал“ (31.01.2015): http://kapital.mk/mvr-zaev-spremal-puch-zaev-zabegan-obid-na-vlasta-da-gi-sprechi-bombite/

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција