Стагнира спроведувањето на Стратегијата за транспарентност на Владата

Фото: vlada.mk

Од Фондацијата „Метаморфозис“ апелираат Генералниот секретаријат итно да ја екипира организациската единица за координација и мониторинг на Стратегијата за транспарентност и да ја оформи работната група на засегнати страни за следење на нејзиното спроведување, како што е планирано во Акцискиот план. Според извештајот, неуспехот да се активира оваа единица е главната причина за одложувањето на многу активности на Стратегијата, а недостатокот на информации за нејзиното спроведување, исто така, е директна последица од отсуството на централна единица за следење

Од Фондацијата „Метаморфозис“ апелираат Генералниот секретаријат итно да ја екипира организациската единица за координација и мониторинг на Стратегијата за транспарентност и да ја оформи работната група на засегнати страни за следење на нејзиното спроведување, како што е планирано во Акцискиот план. Според извештајот, неуспехот да се активира оваа единица е главната причина за одложувањето на многу активности на Стратегијата, а недостатокот на информации за нејзиното спроведување, исто така, е директна последица од отсуството на централна единица за следење

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Спроведувањето на Стратегијата за транспарентност стагнира повеќе од година и половина, покажува Извештајот од мониторингот на нивото на спроведување на акцискиот план на Стратегијата во периодот ноември 2019 – јуни 2021, спроведен од Фондацијата „Метаморфозис“* во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

Стратегијата за транспарентност на Владата на РСМ е двегодишен документ за периодот декември 2019 – декември 2021, но иако се наближува крајниот рок за спроведување на активностите, сепак многу мал дел од нив се навистина и целосно спроведени.

Од вкупно 45 активности на Акцискиот план само мал дел се целосно завршени, а многу е голем бројот на оние активности кои се задоцнети или неспроведени. Според мониторингот, целосно завршени се 4 активности, а неспроведени или задоцнети се 35.

Извештајот констатира дека во јавноста нема информации за статусот на спроведување на Стратегијата, ниту пак, биле информирани заинтересираните страни за ангажираноста на Владата за спроведување на заложбите или пак за планот да се реструктурира и да се прилагоди временската рамка.

 

Цели на Стратегијата за транспарентност

Стратегијата се однесува не само на пасивната транспарентност, односно онаа која претставува законска обврска, туку и на активната транспарентност која уште се нарекува и „доброволна“.

Целта на Стратегијата е на посреден или на непосреден начин да се постигне поголема транспарентност на централните органи на извршната власт, како и да се зголеми довербата на граѓаните во Владата, односно во министерствата, во другите органи на државната управа и институции на извршната власт и создавање амбиент на транспарентност и доверба.

Стратегијата треба да ги мотивира овие институции самите да им понудат на граѓаните што повеќе информации, без притоа да биде искористено правото на слободен пристап информациите од јавен карактер; да има воедначување на практиката на споделувањето на податоците (воедначеност на веб-страниците од аспект на видот на податоците и документите што се објавуваат, унифицираноста на форматот во кој се споделуваат податоците); потоа олеснување на правото на пристап до информациите од јавен карактер; како и активно да им помагаат на граѓаните при трагањето по извесен податок.

 

Што предвидува Стратегијајта, а треба да биде директно корисно за граѓаните?

Поголема транспарентност и отчетност на органите за управување на централно и локално ниво е потребна за граѓаните да добијат поквалитетни, поефективни и навремени услуги, но и да бидат повеќе информирани како се трошат финансиските средства од буџетот.

Дел од активностите коишто ги предивидува Старетегијата, а се во насока на зголемување на транспарентноста на Владата и од кои директна корист ќе имаат граѓаните се:

  • Минимален број информации и документи да бидат објавени на веб страницата на секој орган, редовно да бидат ажурирани, но и да се зачуваат старите документи и информации.
  • Надградба на алатката за отчетност за трошоците за носителите на јавнте функции.
  • Објавување на предлог-подзаконските акти на ЕНЕР.
  • Податоците за јавните набавки на веб-страниците на владините органи да кореспондираат со оние на Електронскиот систем за јавни набавки.
  • Веб-страниците на ВРСМ и на владините органи да имаат рубрика за оценување на нивната транспарентност, каде што граѓаните можат да го изразат степенот на своето задоволство.

 

Период со неизвесности – причина за споро спроведување на активностите

Во извештајот се вели дека временската рамка на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспарентност се совпаѓа со период со многу неизвесности, но според „Метаморфозис“, Владата и покрај тоа треба навремено да комуницира со јавноста.

Временската рамка на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспарентност навистина се совпаѓа со период со многу неизвесности, вклучувајќи ја кризата со пандемијата и техничката влада која траеше подолго одошто планираното. Меѓутоа, со мотив да се постигне визијата на оваа Стратегија т.е да се изгради довербата на граѓаните во Владата на РСМ, комуникацијата и известувањето за сите донесени политики од страна на Владата кон јавноста треба да бидат доследни и навремени, се вели во Извештајот.

Од Фондацијата „Метаморфозис“ апелираат Генералниот секретаријат итно да ја екипира организациската единица за координација и мониторинг на Стратегијата за транспарентност и да ја оформи работната група на засегнати страни за следење на нејзиното спроведување, како што е планирано во Акцискиот план.

Според Извештајот, неуспехот да се активира оваа единица е главната причина за одложувањето на многу активности на Стратегијата, а недостатокот на информации за нејзиното спроведување, исто така, е директна последица од отсуството на централна единица за следење.

 

*Напомена: Фондацијата Метаморфозис од Скопје е издавач на порталот „Вистиномер“.

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција